Урнати огради (прв дел)

По судирот со фарисеите, Исус се повлекол од Капернаум и, поминувајќи низ Галилеја, се упатил во планинскиот предел на границите на Феникија. Гледајќи кон запад, можел да види како во долината се рашириле старите градови Тир и Сидон со своите многубожечки храмови, со величествени палати, со трговски центри и со пристаништа полни со бродови. Зад тоа продолжувале сините далечини на Средоземното Море, преку кое весниците на евангелието ќе ги понесат добрите вести во центрите на големата светска империја. Меѓутоа, времето уште не настапило. Непосредна задача што стоела пред него била да ги приготви своите ученици за нивната мисија. Пристигнувајќи во овој крај, се надевал дека ќе најде мир што го немал во Витсаида. Сепак, ова не била негова единствена цел кога се упатил на овој пат.

„И ете, една жена, Хананка, се појави од тие краишта и извика кон него велејќи: ‘Смилувај ми се, Господе, Сине Давидов! Мојата ќерка е тешко опседната со демон’“ (Матеј 15,22). Народот од оваа област имал хананско потекло. Биле идолопоклоници и затоа презрени и замразени од Евреите. На овој слој им припаѓала и оваа жена што сега дошла кај Исуса. Била незнабожица и затоа најзе ѝ биле недостапни предимствата што секојдневно ги уживале Евреите. Меѓу Феничаните живееле и многу Евреи и вестите за Христовата работа допреле и во овој крај. Некои од овие луѓе ги слушале неговите зборови и биле очевидци на неговите чудесни дела. Оваа жена чула за пророкот кој, како што се зборувало, ги лекувал сите видови болести. Кога чула за неговата моќ , во нејзиното срце се родила надеж. Вдахната со мајчинска љубов, решила да му го изнесе случајот на својата ќерка. Цврсто решила својата несреќа да му ја изнесе на Исуса. Тој мора да го излекува нејзиното дете. Барала помош од паганските богови, но не добила никакво олеснение. Понекогаш доаѓала во искушение да мисли: Што може да стори овој еврејски учител за мене? Меѓутоа, веста кажувала дека Тој ги лекува сите видови болести, без оглед на тоа дали оние што доаѓаат кај него за помош се богати или сиромашни. Решила да не ја пропушти својата единствена надеж.

Христос ја познавал состојбата на оваа жена. Знаел дека таа копнее да го види и затоа излегол на нејзината патека. Служејќи ѝ во нејзината болка, можел да даде жив приказ за поуката што сакал да ја даде. Заради тоа ги повел своите ученици во оваа област. Сакал да го запознаат незнаењето што владеело во градовите и селата во близината на земјата на Израел. Луѓето, на кои им била дадена секоја можност да ја разберат вистината, не знаеле ништо за потребите на оние што живееле околу нив. Не е вложен никаков напор да им се помогне на душите во темнина. Ѕидот на разделбите што го подигнала еврејската горделивост ги спречувал дури и учениците да сочувствуваат со незнабожечкиот свет. Меѓутоа, оваа ограда морала да се урне.

Христос не одговорил веднаш на молбата на жената. Тој ја прифатил оваа претставничка на презрениот род на начин како што би го сториле тоа Евреите. Со ова имал намера да им покаже на учениците со какво студенило и бездушност би се однесувале Евреите во таков случај, што го покажал со својот прием на оваа жена, како и сожаливото постапување што Тој сакал да го покажат тие во таква несреќа, а што го открил со своето подоцнежно примање на нејзината молба.

Меѓутоа, иако Исус не одговорил, жената не ја загубила верата. Кога поминал, правејќи се дека не ја чуе, таа го следела, продолжувајќи со своите молби. Бидејќи им здодеала со својата наметливост, учениците барале од Исуса да ја отера. Виделе дека нивниот Учител со неа постапува рамнодушно и затоа мислеле дека ги одобрува еврејските предрасуди кон Хананците. Но тоа бил милостивиот Спасител на кого оваа жена му ја изнела својата молба, па одговарајќи на барањето на учениците, Исус рекол: „Јас сум пратен само кај загубените овци на домот Израелов.“ Иако овој одговор се чинело дека е во сообразност со предрасудите на Евреите, тој содржел укор за учениците кои подоцна го сфатиле како потсетник на она што често им го зборувал дека дошол на светот да ги спаси сите што ќе го прифатат. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest