„Тој треба да расте“ (втор дел)

(продолжува од претходниот ден) Душата на пророкот, ослободена од своето „јас“, била исполнета со божествена светлина. Додека бил сведок за славата на Спасителот, неговите зборови се совпаѓале со зборовите што ги изговорил Христос во својот разговор со Никодима. Јован рекол: „Кој доаѓа озгора, Тој е над сите; оној кој е од земјата, тој е земен и зборува земно. Кој доаѓа од небото, Тој е над сите… Оној што го прати Бог, зборува Божји зборови, бидејќи Бог не го дава Духот со мера.“ Христос можел да каже: „Јас не ја барам мојата волја, туку волјата на Оној кој ме прати“ (Јован 5,30). За него е кажано: „Ја љубеше правдата, а го мразеше беззаконието; затоа Бог, твојот Бог, те помаза со масло на радост како никој од твоите другари“ (Евреите 1,9). Отецот му „даде Дух без мера“.

Така е и со Христовите следбеници. Ние можеме да ја примиме небесната светлина само ако сме готови да се ослободиме од нашето „јас“. Не можеме да го распознаеме Божјиот карактер или да го примиме Христа со вера сè додека не се согласиме секоја наша мисла да ја доведеме во хармонија со Христа. На сите што прават така, Светиот Дух им се дава без мера. Во Христа „во телесен облик живее сета полнота на Божеството, а и вие станавте целосни во него“ (Колошаните 2,9.10).

Јовановите ученици изјавиле дека сите луѓе одат кај Христа, но Јован тоа јасно го согледал и рекол: „Никој не го прима неговото сведоштво.“ Толку малку имало такви кои биле готови да го прифатат како Спасител од гревот! Но „оној што го примил неговото сведоштво, потврдува дека Бог е вистинит“ (Јован 3,33).

„Кој верува во Синот, има живот вечен.“ Нема потреба од расправии дали Христовото или Јовановото крштавање чисти од гревот. Христовата милост ѝ дава живот на душата. Без Христа и крштавањето, како и секоја друга служба, е без животна форма. „А кој не верува во Синот, нема да види живот.“

За успехот на Христовото дело, што го примил Крстителот со толкава радост, биле известени и властите во Ерусалим. Кога виделе како народот ги напушта синагогите и заминува во пустината, свештениците и рабините љубоморно го следеле влијанието на Јована; но сега овде бил Еден кој имал уште поголема сила да го привлече мноштвото. Овие водачи во Израел не биле подготвени заедно со Јована да кажат: „Тој треба да расте, а јас да се смалувам“. Се подигнале со нова одлука да му стават крај на делото што ги одвлекувало луѓето од нив.

Исус знаел дека тие нема да штедат напори за да предизвикаат раздор меѓу неговите и Јовановите ученици. Тој знаел дека се приготвува луња што ќе однесе еден од најголемите пророци што кога и да е му е подарен на светот. Сакајќи да избегне секоја прилика за погрешно сфаќање или размирица, тивко престанал со својата работа и се повлекол во Галилеја. Ние исто така, останувајќи ѝ верни на вистината, мораме да настојуваме да го избегнеме сè она што може да доведе до неслога и недоразбирање, зашто секаде каде што ќе се појави ова, резултат е загуба на душите. Секогаш кога ќе се појават околности што се закануваат да предизвикаат раздор, треба да го следиме примерот на Исуса и Јована Крстителот.

Јован бил повикан да биде водач на реформа. Поради тоа, неговите ученици биле во опасност своето внимание да го сосредоточат на него, сметајќи дека успехот на работата зависи од неговиот труд, губејќи го од вид фактот дека тој бил само орудие преку кое дејствувал Бог. Меѓутоа, Јовановата работа не била доволна да постави темел на христијанската Црква. Кога ја исполнил својата задача, требало да изврши друга, што неговото сведоштво не можело да ја постигне. Неговите ученици тоа не го сфатиле. Кога го виделе Христа како доаѓа да ја преземе работата, биле љубоморни и незадоволни.

Сè уште постојат истите опасности. Бог повикува некој човек да изврши одредена работа, и кога ќе ја изврши според своите способности, Господ доведува други да ја продолжат и да ја унапредат. Меѓутоа, како и Јовановите ученици, мнозина сметаат дека успехот на работата зависи од првиот работник. Вниманието е насочено кон човечкото, наместо кон божественото, настапува љубомора и на Божјето дело му се нанесува штета. Така незаслужено почитуваниот човек доаѓа во искушение да негува самоувереност. Тој не ја сфаќа својата зависност од Бога. Луѓето се научени да се потпираат врз човечко водство и на тој начин паѓаат во грешка и се одвојуваат од Бога.

Божјето дело не треба да носи човечки печат и натпис. Од време на време Господ ќе воведува разни орудија преку кои најдобро ќе може да се изврши неговата намера. Среќни се оние кои сакаат да се понизат, изговарајќи заедно со Јована Крстителот: „Тој треба да расте, а јас да се смалувам.“

 

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest