(продолжува од претходниот ден) Во зборовите „Јас сум светлина на светот“, Исус се објавил себеси како Месија. Стариот Симеон во храмот, каде што Христос сега учел, за него зборувал дека е „светлина да ги осветли незнабошците и слава на својот народ Израел“ (Лука 2,32). Со овие зборови го применил на него пророштвото што му е познато на цел Израел. Светиот Дух преку пророкот Исаија објавил: „Малку е да ми бидеш слуга, да ги подигнеш племињата на Јакова и да го вратиш остатокот Израелов, туку ќе те поставам за светлина на народите, да го однесеш моето спасение до крајот на земјата“ (Исаија 4,9.6). Општо сфаќање било дека ова пророштво зборува за Месија, па кога Исус рекол „Јас сум светлина на светот“, народот не можел да не го препознае неговото тврдење дека Тој е Ветениот.
За фарисеите и поглаварите оваа изјава претставувала дрско тврдење. Не можеле да поднесат човек како нив да се постави себеси во таква положба. Навидум, не осврнувајќи се на неговите зборови, прашале: „Кој си ти?“ Имале намера да го присилат себеси да се објави како Христос. Неговиот изглед и неговата служба биле сушта спротивност со очекувањата на народот, па според тоа, неговите лукави непријатели се надевале дека, ако Тој се објави како Месија, ќе биде отфрлен како измамник.
Меѓутоа, на нивното прашање „Кој си ти“, Исус одговорил: „Што ви го кажувам уште од почеток“ (Јован 8,25). Она што било откриено во неговите зборови, откриено е и во неговиот карактер. Тој бил олицетворение на вистината што ја учел. „Ништо не правам сам од себе“”, продолжил, „туку зборувам онака како што ме научи Отецот. Оној што ме прати е со мене. Тој не ме остава сам, зашто секогаш го правам она што му годи.“ Тој не се обидел да го докаже своето тврдење дека е Месија, туку го покажал своето единство со Бога. Кога нивниот ум би бил отворен за Божјата љубов, би го примиле Исуса.
Меѓу неговите слушатели мнозина со вера биле привлечени кон него, па им рекол: „Ако истраете во мојата наука, навистина сте мои ученици; ќе ја запознаете вистината, а вистината ќе ве ослободи.“
Овие зборови ги навредиле фарисеите. Не обѕирајќи се на долгата народна потчинетост под туѓ јарем, налутено извикнале: „Ние сме Аврамово потомство и никогаш никому не сме му робувале. Како велиш ти: ‘Ќе бидете слободни?’“ Исус ги погледнал овие луѓе, робови на пакоста, чиишто мисли биле свртени кон одмазда, и жално одговорил: „Вистина, вистина, ви велам дека секој што прави грев, роб му е на гревот.“ Тие се наоѓале во најтежок вид ропство потчинети на лошиот дух.
Секој што не сака да му се предаде на Бога се наоѓа под власт на другата сила. Тој не е свој господар. Тој може да зборува за слобода, но се наоѓа во најцрно ропство. Нему не му е дозволено да ја согледа убавината на вистината, зашто неговиот ум е под власт на сатаната. Додека самиот себеси си ласка дека ги следи налозите на својот сопствен разум, тој ја исполнува волјата на кнезот на темнината. Христос дошол да ги искине од душата оковите на ропството на гревот. „Ако Синот ве ослободи, навистина ќе бидете слободни.“ „Зашто законот на Духот на животот во Христа Исуса ве ослободи од законот на гревот и смртта“ (Римјаните 8,2).
Во делото на откупувањето нема присилување. Не се применува никаква надворешна сила. Под влијание на Божјиот Дух, човекот е слободен да избере кому сака да му служи. Во промената што настанува кога душата ќ е му се потчини на Христа се наоѓ а највозвишената смисла на слободата. Истерувањето на гревот е дело на самата душа. Навистина, ние немаме сила сами да се ослободиме од власта на сатаната, но кога сакаме да се ослободиме од гревот, и во својата голема потреба безрезервно ќе се обратиме за сила што е надвор и над нас, силите на душата се поврзуваат со божествената сила на Светиот Дух, па сега ја исполнуваат Божјата волја.
Единствениот услов што ја овозможува човековата слобода лежи во единството со Христа. „Вистината ќе ве ослободи“, а Христос е вистина. Гревот може да победи само ако го ослаби умот и ако ја уништи слободата на душата. Потчинувањето на Бога значи обнова на човековата личност обнова на вистинската слава и на човековото достоинство. Божествениот закон, на кој му се покоруваме, е „закон на слободата“ (Јаков 2,12). (продолжува)