Светлина на животот (петти дел)

(продолжува од претходниот ден) Меѓу Евреите постоело верување дека гревот се казнува во овој живот. Секоја несреќа се сметала како казна за некое лошо дело што го сторил оној што страда или неговите родители. Вистина е дека сите страдања произлегуваат од престапот на Божјиот закон, но оваа вистина се изопачила. Сатаната, зачетникот на гревот и на сите негови последици, ги наведувал луѓето да мислат дека болеста и смртта доаѓаат од Бога, како казна произволно наметната поради гревот. Затоа човекот што го снашла некоја голема неволја или несреќа носел и додатен товар, зашто бил сметан за голем грешник.

Така е подготвен патот Евреите да го отфрлат Исуса. Евреите сметале дека него, кој „ги понесе нашите болести и ги зеде нашите болки на себе“, „Бог го бие и го понижува“, и затоа го засолнувале своето лице од него (Исаија 53,4.3).

Бог дал поука за да го спречи тоа. Историјата на Јов покажала дека страдањата доаѓаат од сатаната, а Бог ги пренасочува за да ги оствари целите на милоста. Меѓутоа, Израел не ја сфатил поуката. Истата грешка поради која Бог ги карал пријателите на Јов, Евреите ја повторувале кога го отфрлале Христа.

Истото сфаќање на Евреите за односот меѓу гревот и страдањата го застапувале и Христовите ученици. Исправајќи ја нивната заблуда, Исус не ја објаснил причината за страдањето на човекот, туку им рекол каков ќе биде резултатот. Врз него ќе се јават Божјите дела. „Додека сум на светот“, рекол Тој, „светлина сум на светот.“ Тогаш ги намачкал очите на слепиот човек и го пратил во Силоамска бања да се измие, и видот на човекот му се вратил. Така Исус на делотворен начин одговорил на прашањето на учениците, како што обично одговарал на прашањата што му се поставувани од љубопитство. Учениците не биле повикани да расправаат за прашањето кој грешел или не грешел, туку да ја сфатат силата на Божјата милост кога му го вратил видот на слепиот. Било очигледно дека исцелителната моќ не лежела ниту во калта ниту во бањата во која бил пратен слепиот човек да се измие, туку дека таа чудотворна моќ се наоѓала во Христа.

Фарисеите не можеле да не бидат зачудени со ова исцелување. Сепак, биле повеќе од кога и да е порано исполнети со омраза, зашто чудото е направено во сабота.

Соседите на овој млад човек и оние што го познавале порано како слеп, си велеле: „Зар овој не е оној што седеше и питаше?“ Го набљудувале со сомневање, зашто, кога неговите очи прогледале, неговото лице се изменило и се разведрило, па изгледал како друг човек. Прашањето поминувало од еден до друг. Некои велеле: „Тој е“, други: „Не е, но прилега на него“. Меѓутоа, човекот што го примил овој голем благослов го решил ова прашање велејќи: „Јас сум!“ Тогаш им зборувал за Исуса и за средствата со кои го исцелил, а тие прашале: „Каде е? Им одговори: ‘Не знам.’“

Потоа го одвеле пред советот на фарисеите. Повторно човекот го прашале како му се вратил видот. „Тој им рече: ‘Ми стави кал на очите, се измив и гледам.’ Тогаш некои од нив рекоа: ‘Овој човек не е од Бога, не ја празнува саботата.’“ Фарисеите се надевале дека Исуса ќе го прикажат како грешник, а таков не може да биде Месија. Не знаеле дека Тој е Оној што ја создал саботата и дека ги познава сите нејзини обврски, Оној што го исцелил слепиот човек. Се преправале дека исклучително ревносно ја празнуваат саботата, а сепак истиот тој ден смислувале убиство. Меѓутоа, мнозина биле силно поттикнати кога чуле за ова чудо и се осведочиле дека Тој, кој му ги отворил очите на слепиот, бил повеќе отколку обичен човек. Одговарајќи на обвинувањата дека Исус е грешник затоа што не ја празнува саботата, рекле: „Како може грешен човек да прави вакви чуда?“ Повторно рабините му се обратиле на слепиот човек: „Што велиш ти за Оној кој ти ги отвори очите? А тој рече: ‘Пророк е!’“ Тогаш фарисеите се обиделе да истакнат дека тој не е роден слеп и дека видот му се вратил. Ги повикале неговите родители и ги прашале: „Дали е овој вашиот син, за кого велите дека се родил слеп?“

Тука се наоѓал и исцелениот човек, изјавувајќи дека бил слеп и дека му е вратен видот, но фарисеите полесно би ги побиле доказите примени со своите сопствени сетила отколку да признаат дека биле во заблуда. Толку била силна предрасудата, толку изопачена фарисејската правда!

На фарисеите им останала уште една надеж, да ги заплашат родителите на овој човек. Привидно искрено прашале: „Како гледа сега?“ Родителите се плашеле од неприлики, зашто било објавено дека секој што ќе го признае Исуса за Христа, ќе биде „исклучен од синагогата“ триесет дена. Во текот на тие триесет дни во домот на престапникот не можело да биде обрежано ниедно дете ниту да биде ожален покојник. Ваквата пресуда се сметала за голема несреќа, и ако таа не би произвела покајание, би уследила многу потешка казна. Големото дело, сторено над нивниот син, ги осведочило родителите, но сепак тие одговориле: „Знаеме дека овој е нашиот син и дека се роди слеп, а како гледа сега, не знаеме, и кој му ги отворил очите, ние не знаеме. Прашајте го него, тој е возрасен, самиот нека зборува за себе“. На тој начин сета одговорност ја префрлиле од себе врз својот син, зашто не се осмелувале да го признаат Христа.

Недоумицата во која западнале фарисеите, нивното сомневање и нивните предрасуди, нивното неверување во фактите на овој случај, му ги отвориле очите на мноштвото, особено на обичниот народ. Исус често своите чуда ги правел на улица, а неговите дејствија секогаш ги отстранувале страдањата. Прашањето што им се наметнувало на многу умови било: Дали Бог би сторил такви силни дела преку некој измамник, како што настојувале фарисеите да го прикажат Исуса? На двете страни судирот станувал мошне сериозен. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest