Судир (прв дел)

Свештениците и поглаварите во тишина ги слушале Христовите решителни прекори. Не можеле да ги оспорат неговите обвинувања. Станале само порешителни да го фатат во стапица, па со таа цел пратиле кај него шпиони „кои се преправаа праведни, за да го фатат за збор и да им го предадат на законот и на власта на управителот“. Не пратиле стари фарисеи, што Исус често ги среќавал, туку млади луѓе кои биле полни со жар и со ревност и кои, како што сметале, Христос не ги познава. Нив ги придружувале некои Иродовци кои треба да ги чујат Христовите зборови за да можат да посведочат против него при судењето. Фарисеите и Иродовците биле огорчени непријатели, но сега се соединиле во своето непријателство кон Христа.

Фарисеите постојано се жестеле поради изнудувањето на данок од страна на Римјаните. Сметале дека плаќањето данок е во спротивност со Божјиот закон. Сега виделе прилика на Исуса да му постават стапица. Шпионите дошле кај него и со привидна искреност, како да сакаат да знаат што е нивна должност, го прашале: „Учителе, знаеме дека право зборуваш и поучуваш; и не гледаш кој е кој, туку навистина поучуваш за Божјиот пат. Дозволено ли е да му даваме данок на цезарот или не?“

Кога би биле искрени зборовите „знаеме дека право зборуваш и поучуваш“, тие би биле извонредно признание. Меѓутоа, иако се изговорени да измамат, нивното сведоштво сепак било вистинито. Фарисеите знаеле дека Христос зборува и учи право, па ќе бидат осудени според сопственото сведоштво.

Оние што му го поставиле прашањето на Исуса мислеле дека доволно ја прикриле својата намера, но Исус ги читал нивните срца како отворена книга и го објавил нивното лицемерство. „Зошто ме искушувате?“ им рекол, давајќи им на тој начин знак што не го барале и покажувајќи им со тоа дека ја чита нивната скриена намера. Уште повеќе ги збунило кога додал: „Донесете ми да видам еден денариј!“ Му донеле, а Тој ги прашал: „Чиј е овој лик и натпис? А тие му одговорија: ‘На царот.’“ Покажувајќи го натписот на кованите пари, Исус рекол: “Дајте му го царевото на царот, а Божјето на Бога.“

Шпионите очекувале Исус на еден или на друг начин непосредно да одговори на нивното прашање. Кога би рекол: Не е според законот да му се дава данок на цезарот, би го тужеле кај еврејските власти и тие би го затвориле за дигање бунт. А кога би изјавил дека е според законот да се дава данок, би го обвиниле пред народот како оној кој му се противи на Божјиот закон.

Сега се чувствувале осуетени и поразени. Нивните планови биле нарушени. По ваквиот убедлив одговор на нивното прашање, тие не можеле да кажат ништо повеќе.

Христовиот одговор не бил одбегнување, туку правичен одговор на прашањето. Држејќи во својата рака кована монета на која било втиснато името и ликот на цезарот, изјавил дека, бидејќи живеат под заштита на римската сила, треба да ѝ даваат потпора што ја бара сè додека тоа не се судри со повозвишената обврска. Меѓутоа, додека мирољубиво им се покоруваат на земните закони, тие во сите времиња треба прво да му се покоруваат на Бога.

Зборовите на Спасителот: „Дајте… му го Божјето на Бога“ биле остар укор упатен до итрите Евреи. Кога верно би ги исполнувале своите обврски кон Бога, не би станале сиромашен народ, потчинет на туѓа сила. Над Ерусалим не би се виорело ниедно римско знаме, пред неговите капии не би стоела ниту една римска стража, внатре меѓу неговите ѕидови не би владеел ниту еден римски намесник. Еврејскиот народ сега ја плаќал казната за својот отпад од Бога.

Кога фарисеите го чуле Христовиот одговор, „се восхитија, го оставија и си заминаа“. Тој го укорил нивното лицемерство и вообразба и, постапувајќи така, го воспоставил големото начело, начелото што јасно ги одредува границите на човековите обврски кон граѓанските власти и неговата должност кон Бога. Во душите на мнозина решено е едно спорно прашање. По оваа средба секогаш се придржувале кон вистинското начело. Па, иако мнозина отишле незадоволни, виделе дека начелото што лежи во основата на ова прашање е јасно изложено и ѝ се чуделе на далекусежната Христова остроумност. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest