„Стивни, молкни“! (прв дел)

Тој ден Исусовиот живот бил преполн со настани. Крај Галилејското Езеро ги изговорил своите први споредби, со познати сликовити прикази, повторно објаснувајќи му ја на народот природата на своето царство и начинот на кој тоа треба да биде воспоставено. Својата работа ја поврзал со работата на сејачот, развојот на своето царство со развојот на синаповото семе и со дејствувањето на квасецот во тестото. Големото завршно одвојување на праведните од грешните е прикажано со параболите за пченицата и каколот и за рибарската мрежа. Неспоредливата драгоценост на вистините што ги учел е прикажана со скриеното благо и со скапоцениот бисер, додека со споредбата за домаќинот ги поучил своите ученици како треба да работат како негови претставници.

Цел ден учел и лекувал, а вечерта сè уште околу него се туркало мноштво. Им служел постојано, одвај застанувајќи да земе храна или да се одмори. Злобното критикување и погрешното претставување со кои фарисеите постојано го прогонувале, неговата работа ја сториле значително потешка и помачна; сега, на крајот на денот, бил толку изморен, што решил да побара одмор на некое осамено место отаде езерото.

Источниот брег на Генизарет бил ненаселен, зашто сaмо наместа покрај езерото се наоѓале градови; сепак, во споредба со западната страна, тоа била пуста област. Жителите претежно биле незнабошци, а помалку Евреи, и со Галилеја одржувале слаби врски. Така овој крај на Исуса му нудел самотија што ја барал, па сега на учениците им наложил да го придружуваат таму.

Кога го отпуштил мноштвото, го зеле, „како што беше“, во лаѓа и бргу отпловиле. Но не успеале да отпловат сами. Тука, недалеку од брегот, се наоѓале и други рибарски чамци, и тие бргу се наполниле со луѓе што го придружувале Исуса, желни уште да го гледаат и да го слушаат.

Најпосле Спасителот се ослободил од притисокот на мноштвото и, совладан од умор и глад, легнал на крмата и набргу заспал. Вечерта била блага и пријатна и над езерото почивал мир; но одненадеж небото го обвила темнина, низ планинските клисури долж источниот брег почнал да дува ветер и езерото го зафатила свирепа бура.

Сонцето зашло и над разбранетото море се спуштила ноќна темнина. Брановите, бесно гонети од ветриштата што фучеле, жестоко удирале во лаѓата на учениците и се заканувале да ја потопат. Овие цврсти рибари својот живот го поминале на тоа езеро и сигурно ги воделе своите чамци низ многу бури, но сега нивната сила и вештина се покажале беспомошни. Биле немоќни во прегратките на таа дива луња и нивната надеж исчезнала кога виделе како лаѓата им се полни.

Обземени со напор да се спасат себеси, заборавиле дека во лаѓата е Исус. Сега, увидувајќи дека нивниот труд е напразен, а смртта неизбежна, се сетиле за Оној на чијашто заповед се упатиле преку езерото. Во Исуса лежела нивната единствена надеж. Во својата немоќ и очај повикале: „Господе, Господе!“

Меѓутоа, од нивниот поглед го криел густ мрак. Гласовите им исчезнувале во фучењето на луњата и немало одговор. Ги обзело сомневање и страв. Дали Исус ги заборавил? Дали Тој, кој ги победил болестите и демоните, па дури и смртта, сега е немоќен да им помогне на своите ученици? Зар ги занемарил во нивната неволја?

Повторно викале, но немало одговор, освен завивањето на дивата луња. Нивната лаѓа веќе тоне. Само уште миг и гладните бранови ќе ги проголтаат.

Одненадеж, секавичен молскот ја расцепува темнината и тие го гледаат Исуса како спие, невознемирен од бучавата на луњата. Зачудени и очајни, повикале: „Учителе, зар тебе не ти е грижа што гинеме?“ Како може толку мирно да се одмора додека тие во опасност се борат со смртта?

Нивниот вик го буди Исуса. Додека Исуса го осветлува молња, тие на неговото лице гледаат небесен мир. Во неговиот поглед читаат нежна љубов што заборава на себе и, свртувајќи ги своите срца кон него, извикнуваат: „Господе, спаси нè, изгинавме.” (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest