„Стивни, молкни“! (четврти дел)

(продолжува од претходниот ден) Тие двајца луѓе, излечени од демоните, биле први мисионери што ги пратил Исус да го проповедаат евангелието во областа Декаполис. Овие луѓе имале предимство да го слушаат Исусовото учење само неколку мига. До нивните уши никогаш не допрела ниту една проповед од неговите усни. Не можеле да го поучуваат народот како што можеле тоа да го прават учениците кои секојдневно биле со Исуса. Меѓутоа, во себе носеле докази дека Исус бил Месија. Можеле да го кажат она што го знаеле; она што самите го виделе и чуле и го почувствувале од Христовата сила. Тоа е она што може да го стори секој чиешто срце го допрела Божјата милост. Љубезниот апостол Јован напишал: „Она што беше од почеток, што го чувме, што го видовме со свои очи, што го гледавме и што го опипаа нашите раце, за Речта на животот…, она што го видовме и чувме, тоа ви го навестуваме и вам“ (1. Јованово 1,1­3). Како Христови сведоци треба да го кажеме она што го знаеме, она што самите сме го виделе, што сме го чуле или почувствувале. Ако постојано сме го следеле Исуса, ќе имаме нешто одредено да кажеме за начинот на кој нè водел. Можеме да кажеме како сме го провериле неговото ветување и сме утврдиле дека е вистинито. Можеме да посведочиме за она што го знаеме за Христовата милост. За такво сведоштво Господ нè повикува, сведоштво од чијшто недостиг светот гине.

Иако народот од Гергеса не го примил Исуса, Тој не ги препуштил на темнината што ја избрале. Кога го преколнувале да ги напушти, тие не слушале зборови од него ниту знаеле што отфрлиле. Затоа Тој повторно им пратил светлина и тоа преку оние што нема да одбијат да ги слушаат.

Намера на сатаната била со уништувањето на свињите да го одврати народот од Спасителот и да го спречи проповедањето на евангелието во таа област. Меѓутоа, токму овој настан ја вознемирил целата област како ништо друго и го насочил вниманието кон Христа. Иако Спасителот лично се оддалечил, луѓето што ги излечил останале како сведоци за неговата сила. Оние што биле посредници на кнезот на темнината, станале канали на светлината, весници на Божјиот Син. Луѓето се восхитувале додека ги слушале чудесните новости. Во целата таа област се отворила вратата за евангелието. Кога Исус се вратил во Декаполис, народот се собирал околу него, и три дена, не само жителите на еден град, туку и илјадници од целата околина ја слушале веста за спасението. Дури и силата на лошите духови му е подвластена на нашиот Спасител и дејствувањето на злото се свртило на добро.

Средбата со опседнатите од Гергеса носела поука за учениците. Таа ја покажувала сета длабина на понижувањето во која сатаната сака да го вовлече целиот човечки род и Христовата мисија да ги ослободи луѓето од неговата сила. Овие унесреќени суштества, настанети во гробишта, со кои владееле демони, во ропството на незауздените сетила и гнасни страсти, го претставуваат она што би станал човечкиот род кога би бил препуштен на власта на сатаната. Сатаната врши постојано влијание врз луѓето да ги умртви сетилата, да завладее со умот на зло и да поттикне насилство и злосторство. Тој го ослабува телото, го затемнува умот и ја понижува душата. Секогаш кога луѓето го отфрлаат повикот на Спасителот, му се потчинуваат на сатаната. Денеска тоа мнозина го прават во секоја сфера на животот: во домот, на работа, па дури и во црквата. Тоа е причината што насилството и злосторството се рашириле по сета земја и морална темнина, како смртен превез, ги покрива човечките населби. Со свои посебни искушенија сатаната ги води луѓето во сè поголемо зло, додека краен резултат не биде порочност и пропаст. Единствена сигурна заштита против неговата сила се наоѓа во Исусовото присуство. Пред луѓето и пред ангелите сатаната се открил како човеков непријател и уништувач; Христос како човеков пријател и ослободител. Христовиот Дух ќе го развие во човекот сè она што ќе го облагороди карактерот и ќе ја издигне личноста. Тој во телото, душата и духот ќе изгради човек на слава на Бога. „Зашто Бог не ни даде дух на страшливост, туку дух на сила, љубов и воздржливост“ (2. Тимотеј 1,7). Тој нè повикал „да ја добиеме славата“ ­ карактерот „на нашиот Господ Исус Христос“; нè повикал да се „сообразиме со ликот на неговиот Син“ (2. Солуњаните 2,14; Римјаните 8,29).

А душите кои паднале толку ниско и станале орудија на сатаната, со Христовата сила пак се преобразени во весници на правдата кои Божјиот Син ги праќа да кажат „што ти стори Господ и како ти се смилува“.

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest