Слуга на слугите (трет дел)

(продолжува од претходниот ден) Бирајќи положба крај трпезата, Јуда се обидел да го заземе првото место, па Христос како слуга прво му послужил нему. Јован, кон кого Јуда чувствувал толку многу горчина, бил оставен да биде последен. Јован тоа не го сметал ниту за укор ниту за понижување. Учениците биле мошне трогнати додека го набљудувале Христовото дело. Кога дошол ред на Петар, тој зачудено извикнал: „Господе, ти ли ќе ми ги миеш нозете?“ Христовата понизност му го скршила срцето. Го опфатил срам при мислата што оваа служба не ја извршува некој од учениците. „Ти сега не знаеш што правам јас“, рекол Христос, „но подоцна ќе разбереш.“ Петар не можел да поднесе да го види својот Господ, за кого верувал дека е Божји Син, како извршува должност на слуга. Со сета душа се побунил против таквото понижување. Не сфатил дека Христос затоа дошол на светот. Решително извикнал: „Не, ти никогаш нема да ми ги измиеш нозете!“

Христос сериозно му одговорил на Петар: „Ако не те измијам, немаш дел со мене.“ Чинот што го одбил Петар бил еден вид повозвишено исчистување. Христос дошол да го измие срцето од дамките на гревот. Одбивајќи да му дозволи на Христа да му ги измие нозете, Петар го одбил повозвишеното исчистување што било опфатено со пониското. Тој всушност го отфрлил својот Господ. За Учителот не е понижување ако му дозволиме да нè исчисти. Вистинската понизност значи со благодарно срце да се прими сè што се прави за нас и сериозно да се работи за Христа.

Кога ги слушнал зборовите: „Ако не те измијам, немаш дел со мене“, Петар се откажал од својата гордост и самоволие. Не можел да ја поднесе помислата да биде одвоен од Христа; тоа за него би значело смрт. „Измиј ми ги не само нозете“, рекол, „туку и рацете и главата. Исус му одговори: ‘На измиениот треба да му се измијат само нозете, зашто целиот е чист.’“

Овие зборови значат повеќе од телесна чистота. Христос сè уште зборува за повозвишеното исчистување што сликовито е прикажано со пониското. Оној што доаѓа од капење е чист, но нозете во сандали бргу се запрашуваат, па потребно е да се измијат. Така Петар и неговите браќа биле испрани на големиот Извор отворен за гревот и за нечистотијата. Христос ги признавал за свои. Меѓутоа, искушението ги навело на зло и ним сè уште им била потребна неговата милост што исчистува. Кога Исус се опашал со крпата да им го измие правот од нозете, Тој сакал со истиот чин и од нивните срца да ја испере неслогата, љубомората и гордоста. Тоа имало многу поголемо значење отколку самото миење на нивните прашливи нозе. Со духот што го поседувале тогаш, ниеден од нив не бил готов за заедница со Христа. Сè додека не се доведени во состојба на понизност и љубов, не биле подготвени да учествуваат на пасхалната вечера или да земат учество во службата за спомен што Исус имал намера да ја воспостави. Нивните срца мора да се исчистат. Гордоста и самољубието создаваат неслога и омраза, но Исус сето тоа го испрал миејќи им ги нозете. Настанала промена на чувствата. Набљудувајќи ги сега, Исус можел да каже: „Вие сте чисти.“ Сега постоело единство во срцата и меѓусебна љубов. Станале кротки и готови да ја прифатат поуката. Освен Јуда, сите биле готови највисокото место да му го отстапат на друг. Сега со покорно и благо дарно срце можеле да ги примат Христовите зборови.

Како Петар и неговите браќа, и ние сме измиени со Христовата крв, но сепак, често во допир со злото чистото срце се валка. Ние мораме да дојдеме кај Христа и да ја примиме неговата милост која исчистува. Петар се притеснувал да му дозволи на својот Господ и Учител со свои раце да ги пофати неговите прашливи нозе. Колку често ние ги доведуваме нашите грешни, извалкани срца во допир со Христовото срце! Колку го жалостат нашите лоши ќуди, нашата суета и нашата гордост! Па сепак, мораме да му ги донесеме сите наши слабости и сета наша нечистотија. Само Тој може да измие и да исчисти. Ние не сме подготвени за заедница со него ако не сме исчистени со неговото успешно дејствување. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest