Слуга на слугите (четврти дел)

(продолжува од претходниот ден) Исус им рекол на своите ученици: „Вие сте чисти, но не сите.“ Тој ги измил нозете на Јуда, но срцето не му се покорило. Тоа не било исчистено. Јуда не му се потчинил на Христа.

Кога им ги измил нозете на учениците, Христос ја зел својата облека, повторно седнал и им рекол: „Сфативте ли што ви сторив? Вие ме нарекувате мене Учител и Господ, и право велите зашто тоа сум. И така, ако јас, Господ и Учител, ви ги измив нозете вам, и вие сте должни да си ги миете нозете еден на друг; зашто ви дадов пример и вие да правите онака како што ви направив јас. Вистина, вистина, ви велам: слугата не е поголем од својот господар, ниту пратеникот е поголем од оној што го праќа.“

Христос сакал неговите ученици да разберат дека тоа што им ги измил нозете ниту малку не го намалило неговото достоинство. „Вие ме нарекувате Учител и Господ, и право велите, зашто тоа сум.“ Затоа што бил толку бескрајно возвишен, на оваа служба ѝ дал чест и значење. Никој не бил толку издигнат како Христос, па сепак прифатил најпонизна должност. Со цел неговиот народ да не биде заведен од себичноста што се наоѓа во телесното срце и што се засилува со само задоволствата, сам Христос дал пример за понизноста. Не сакал оваа важна поука да ѝ ја препушти на човековата грижа. Ѝ придавал толку големо значење, што лично Тој, Тој кој е еднаков со Бога, постапувал како слуга со своите ученици. Додека расправале околу најпочесното место, Тој, пред кого треба да се превитка секое колено, Тој, на кого му служат славните ангели, и тоа го сметаат за чест, се наведнал да им ги измие нозете на оние што го викале Господ. Тој му ги измил нозете на својот предавник.

Во својот живот и во поуките, Христос дал совршен пример на несебична служба што има свое потекло во Бога. Бог не живее за себе. Со создавањето на светот и со одржувањето на она што го создал, постојано им служи на другите. „Тој му заповеда на своето сонце и тоа ги осветлува и лошите и добрите и им дава дожд на праведните и на неправедните“ (Матеј 5,45). Овој идеал на служење Бог му го доверил на својот Син. На Исуса му било дадено да стои на чело на човечкиот род за да може со својот пример да подучи што значи да се служи. Целокупниот негов живот му бил потчинет на законот и на службата. Тој им служел на сите, им помагал на сите. Така со животот го исполнил Божјиот закон и со својот пример покажал како да го послушаме.

Исус постојано се трудел да го воспостави ова начело меѓу своите ученици. Кога Јаков и Јован побарале првенство, Тој рекол: „Оној што сака да биде најголем меѓу вас, нека ви служи“ (Матеј 20,26). Во моето царство начелото на првенство и премоќ нема место. Понизноста е единствената вистинска големина. Единствена разлика се гледа во преданоста кон службата на другите.

Сега, откако им ги измил нозете на учениците, им рекол: „Јас ви дадов пример и вие да правите онака како што ви направив јас.“ Со овие зборови Исус не заповедал само покажување на гостољубивост. Тоа значело многу повеќе отколку само миење на нозете на гостите извалкани со правот од патувањето. Христос овде воспоставил една верска служба. Со делото на нашиот Господ овој свечен чин на понизност е претворен во свет обред. Учениците треба да го почитуваат засекогаш да можат да ги имаат на ум неговите поуки за понизноста и службата.

Овој обред е подготовка што ја одредил Христос за службата Светата вечера. Сè додека се негува гордост, непријателство и борба за првенство, срцето не може да стапи во заедница со Христа. Не сме подготвени да земеме заедничко учество во неговото тело и во неговата крв. Затоа Христос одредил прво да се почитува споменот на неговата понизност.

Додека пристапуваат кон овој обред, Божјите деца треба да си спомнуваат за зборовите на славниот и жив Господ: „Сфативте ли што ви сторив? Вие ме нарекувате Учител и Господ, и право велите, зашто тоа сум. И така, ако јас, Господ и Учител, ви ги измив нозете, и вие сте должни да си ги миете нозете еден на друг; зашто ви дадов пример и вие да правите онака како што ви направив јас. Вистина, вистина ви велам: слугата не е поголем од својот господар, ниту пратеникот е поголем од оној што го праќа. Кога ги знаете овие работи, блажени сте ако ги исполнувате.” (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest