Сабота (трет дел)

(продолжува од претходниот ден) Христос сакал да ги поучи своите ученици и своите непријатели дека службата на Бога има апсолутно првенство. Цел на Божјето дело во овој свет е да го откупи човекот и затоа она што е потребно да се стори во сабота заради извршување на ова дело е во сообразност со законот за саботата. Исус својот доказ го крунисал прогласувајќи дека Тој е „господар на саботата“, Тој, кој е над секое прашање и над секој закон. Овој бесконечен Судија ги ослободил своите ученици од вината, повикувајќи се на истите одредби за кои биле обвинувани дека ги кршат.

Исус не дозволил ова да помине само со упатување на укор до своите непријатели. Изјавил дека тие во своето слепило погрешно ја сфатиле целта на саботата. Рекол: „Ако знаевте што значи: ‘Милост сакам, а не жртва’, немаше да ги осудите невините“ (Матеј 12,7). Мноштвото нивни крути обреди не можат да го надоместат недостигот од вистинска чистота и нежна љубов што секогаш ќе го обележуваат вистинскиот обожавател на Бога.

Христос пак ја повторил вистината дека жртвите сами по себе немаат никаква вредност. Тие биле средство, а не цел. Нивна цел била да ги насочат луѓето кон Спасителот и на тој начин да ги доведат во хармонија со Бога. Бог ја цени службата од љубов. Кога недостига ова, голата низа обреди е навреда за него. Така е и со саботата. Таа била одредена да ги доведе луѓето во заедница со Бога, но кога нивниот ум бил обземен со заморните обреди, целта на саботата е осуетена. Тоа единствено нивно надворешно празнување на саботата едноставно било подбив.

Една друга сабота, кога Исус влегол во синагога, видел човек со сува рака. Фарисеите го набљудувале со желба да видат што ќе стори. Спасителот добро знаел дека, ако лекува во сабота, ќе биде сметан за прекршител, но не се колебал да го урне ѕидот на обичајните барања со кои била опкружена саботата. Исус му наложил на болниот човек да стане и тогаш прашал: „Дали е дозволено во саботен ден да се прави добро или зло? Да се спаси живот, или да се погуби?“ Меѓу Евреите постоело правило според кое, да не се стори добро кога човек има прилика за тоа, значи да се прави зло; а да се пропушти да се спаси живот, значело да се убие. На овој начин Исус се сретнал со рабините на нивна почва. „А тие молчеа. Тогаш со срдба ги погледна и, натажен заради закоравеноста на нивните срца, му рече на човекот: ‘Подај ја раката!’ Тој ја подаде и раката му оздраве“ (Марко 3,4.5).

Кога го прашале: „Дозволено ли е во сабота да се лекува?“ Исус одговорил: „Кој од вас, ако има една овца, и таа падне во сабота во јама, не ќе ја фати и извади? А колку поскап е човекот од овцата. Затоа, дозволено е да се прави добро во сабота“ (Матеј 12,10­12).

Шпионите не се осмелувале да му одговорат на Христа во присуство на мноштвото од страв да не упаднат во тешкотии. Знаеле дека Тој ја зборува вистината. Побргу би дозволиле да страда човек отколку да ги кршат своите преданија, а животното би го ослободиле поради штетата што би ја претрпил сопственикот. На тој начин за немото животно покажувале повеќе грижа отколку за човекот кој е создаден според Божјиот лик. Ова го прикажува дејствувањето на сите лажни религии. Тие потекнуваат од човечкиот копнеж тој да се издигне над Бога, но конечниот резултат е спуштање на човекот под нивото на животно. Секоја религија што се бори против Божјето вледеење го лишува човекот од славата што ја имал при создавањето и која во Христа повторно ќе му се врати. Секоја лажна религија своите следбеници ги учи немарно да се однесуваат кон човечките потреби, страдања и права. Евангелието му дава голема вредност на човечкиот род откупен со Христовата крв и ги учи на нежно уважување на човековите желби и страдања. Господ кажува: „Ќе сторам човекот да вреди повеќе од суво злато, повеќе од злато офирско“ (Исаија 13,12).

Кога Исус им се обратил на фарисеите со прашање дали во саботен ден треба да се прави добро или зло, дали е според законот да се спасува живот или да се убива, ги соочил со нивните лоши намери. Со огорчена омраза демнеле над неговиот живот, додека Тој го спасувал животот и на мноштвото му донесувал радост. Дали било подобро да се убива во сабота, како што имале намера да го сторат тоа тие, или да се лекуваат болните, како што правел Тој? Дали било поправедно во текот на Божјиот свет ден да се носи убиство во срцето, отколку да се сакаат сите луѓе, што се покажало во делата на милосрдието?

Со исцелувањето на сувата рака Исус го осудил обичајот на Евреите, а четвртата заповед ја потврдил онака како што ја дал Бог. „Во сабота треба да се прави добро!“, изјавил Тој. Со отфрлањето на бесмислените еврејски ограничувања, Христос ја издигнал саботата, додека тие што се плачеле од него, го омаловажувале Божјиот свет ден. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest