Сабота (прв дел)

Саботата е прогласена за света при создавањето. Бидејќи е воспоставена за човекот, таа има свое потекло од времето „кога пееја заедно утринските ѕвезди и кога ликуваа Божјите синови“ (Книгата за Јов 38,7). Над светот почивал мир, зашто земјата била во хармонија со небото. „И виде Бог сè што создаде, и беше мошне добро“, и си починал, радувајќи му се на своето завршено дело (1. Мојсеева 1,31).

Затоа што се одморал во сабота, „Бог го благослови седмиот ден и го посвети“, го изделил за света употреба. Тој му ја дал на Адама како ден за одмор. Била спомен на делото на создавањето, а со тоа и знак на Божјата моќ и на неговата љубов. Писмото кажува: „Тој прави чуда што се паметат.“ „Навистина, неговите невидливи особини, неговата вечна сила и божество, јасно се согледуваат од создавањето на светот ако се набљудуваат неговите дела“ (1. Мојсеева 2,3; Псалм 111,4; Римјаните 1,20).

Светот го создал Божјиот Син. „Од почеток беше Речта, и Речта беше со Бога и Речта беше Бог… Сè настанало преку неа и ништо што постои не настанало без неа“ (Јован 1,1­3). Бидејќи саботата е спомен на делото на создавањето, таа е доказ за Христовата љубов и моќ .

Саботата ги упатува нашите мисли на природата и нè води во заедница со Творецот. Во песната на птиците, во повивањето на дрвјата, во музиката на морињата сè уште можеме да го чуеме неговиот глас, гласот на Оној кој разговарал со Адама во Едем „кога пиркаше ветерче“. Кога ја набљудуваме неговата сила во природата наоѓаме утеха, зашто Речта што создала сè е таа што ѝ дава живот на душата. Тој, „кој рече светлина да светне од темнината, е Тој кој засвети во нашите срца, за да ги осветли со познавањето на Божјата слава пред Христовото лице“ (2. Коринќаните 4,6).

Оваа мисла ја мотивирала песната:

„Ме развеселуваш со своите дела, Господе; Со радост ги опевам делата на твоите раце! Колку се величествени твоите дела, Господе! Колку се длабоки твоите промисли! (Псалм 92,4.5)

Светиот Дух преку пророкот Исаија објавува: „Со кого ќе го изедначите Бога? И со каков кип ќе го споредите?… Зар не знаете? Зар не сте чуле? Нели ви е од искон откриено? Зар не сте сфатиле кој ѝ ги поставил темелите на земјата? Тој царува над Земјината топка, пред него жителите се како скакулци. Тој небесата ги распрострел како платно, ги распнал како шатор за стан… Со кого ќе ме споредите, кој е рамен со мене?, вели Светецот. Подигнете ги очите и гледајте: кој го создал тоа? Оној што ја изведува нивната војска на број, и кој сите ги вика по име; заради неговата голема сила и моќ не изостанува ниту едно. Зошто велиш Јакове, и ти, Израеле, зборуваш: ‘Патот мој е скриен пред Господа и правдата моја не излегува пред мојот Бог?’ Зар не знаеш? Зар не си чул? Господ е вечен Бог, Творец на земните краишта. Тој не се уморува, не изнемоштува, и неговиот ум е неизмерен. На уморниот му ја враќа силата, го крепи немоќниот.“ „Не бој се, зашто јас сум со тебе; не плаши се, зашто јас сум Бог твој. Јас те крепам и ти помагам, те поддржувам со победничката десница.“ „Обрнете се кон мене да се спасите сите земни краишта, зашто јас сум Господ и нема друг.“ Тоа е пораката напишана во природата, а саботата е одредена да ја сочува таа порака во сеќавање. Кога Господ му заповедал на Израел да ги празнува неговите саботи, рекол: „Тие нека бидат знак меѓу мене и вас за да се знае дека јас сум Господ, Бог ваш“ (Исаија 40,18­29; 41,10; 45,22; Езекил 20,20).

Саботата била вклучена во законот на Синај; но тогаш не е првпат објавена како ден за одмор. Израелскиот народ тоа го знаел пред Синај. Саботата е празнувана на патот кон Синај. Кога некои ја обесветиле, Господ ги укорил, велејќи: „До кога ќе одбивате да им се покорите на моите заповеди и на моите закони?“ (2. Мојсеева 16,28). Саботата не била само за Израел, туку за цел свет. Таа му е објавена на човекот во Едем, па како и другите заповеди на Декалогот, непоминливо обврзува. За законот, чијшто дел е четвртата заповед, Христос изјавува: „Додека постојат небото и земјата, нема да исчезне ниту една цртичка, ниту една титла од законот.“ Сè додека постојат небото и земјата, саботата ќе биде знак на моќта на Творецот. Кога на земјата повторно ќе процути Едем, Божјиот свет ден за одмор ќе го почитуваат сите под Сонцето. „Од сабота во сабота“ секој жител на прославената нова земја ќе доаѓа“ да се поклони пред мене, вели Господ“ (Матеј 5,18; Исаија 66,23). (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest