Римскиот капетан (прв дел)

Христос му рекол на благородникот чијшто син го исцелил: „Ако не видите чудотворни знаци и чуда, не верувате“ (Јован 4,48). Бил ожалостен што неговиот народ бара вакви надворешни знаци за неговото месијанство. Постојано се чудел на нивното неверство. Меѓутоа, ѝ се восхитувал на верата на римскиот капетан кој дошол кај него. Капетанот не се сомневал во Христовата сила. Тој дури не го молел да дојде и лично да направи чудо. „Туку кажи само збор“, рекол, „и мојот слуга ќе оздравее!“

Слугата на капетанот бил парализиран и лежел на претсмртна постела. Кај Римјаните слугите биле робови, купувани и продавани на пазариштата, и со нив постапувале свирепо и ги измачувале. Но капетанот бил наклонет кон својот слуга па многу сакал тој да оздрави. Верувал дека Исус може да го излекува. Тој не го видел Спасителот, но извештаите што ги чул го вдахнале со вера. Наспроти еврејскиот формализам, овој Римјанин бил осведочен дека нивната религија била посилна од неговата. Веќе ги урнал пречките на националните предрасуди и на омразата што ги разделувале завојувачите и покорениот народ. Покажал почит кон Божјата служба и љубезност кон Евреите како негови почитувачи. Во Христовото учење, како што му било изнесено, го нашол она што ја задоволувало потребата на неговата душа. Сè што било духовно во него ги прифатило зборовите на Спасителот. Меѓутоа, чувствувајќи се недостоен да дојде пред Исуса, им се обратил на еврејските старешини да го замолат за исцелување на неговиот слуга. Тие го познавале големиот Учител, па ќе знаат, си мислел тој, како да му пристапат за да ја задобијат неговата наклоност.

Кога Исус влегол во Капернаум, го сретнале пратениците на старешините кои му ја пренеле желбата на капетанот. Нагласиле: „Заслужува да го сториш тоа за него, зашто го љуби нашиот народ и тој ни изгради синагога.“

Исус веднаш се упатил кон домот на офицерот но, опкружен со мноштво, напредувал полека. Веста за неговото доаѓање стигнала побргу и капетанот, во недостиг на самоувереност, му пратил порака: „Господе, не труди се, зашто не сум достоен да влезеш под мојот покрив.“ Меѓутоа, Исус продолжил да се приближува и капетанот, осмелувајќи се најпосле да му пристапи, ја дополнил пораката, велејќи: „Затоа и не се сметав достоен да ти пристапам туку кажи само збор и мојот слуга ќе оздравее! Зашто исто и јас сум човек потчинет, и имам потчинети војници; и на еден ако му кажам: ‘Оди!’ тој оди, а на друг: ‘Дојди!’ доаѓа; а на својот слуга: ‘Направи го тоа!’ го прави.“ Како самиот јас што сум претставник на силата на Рим, и како моите војници што ја признаваат мојата врховна власт, така и ти ја претставуваш силата на бесконечниот Бог, па сè што е создадено му се покорува на твојот збор. Ти можеш да ѝ заповедаш на болеста да исчезне и таа ќе те послуша. Можеш да ги повикаш своите небесни весници и тие ќе дадат исцелителна сила. Кажи само збор и мојот слуга ќе биде излекуван.

„Кога го чу тоа, Исус се восхити и се заврте кон народот што одеше по него и рече: ‘Ви велам, толкава вера не најдов ни во Израел.’“ На капетанот му рекол: „’Оди си, нека биде според твојата вера.’ И неговиот слуга оздраве во истиот час.“

Еврејските старешини, што му го препорачале капетанот на Христа, покажале колку се оддалечени од духот на еван­гелието. Не препознале дека наша голема потреба е само пот­пирање врз Божјата милост. Во својата праведност го пре­порачувале капетанот поради наклоноста што ја покажал кон “нашиот народ”. Меѓутоа, капетанот за себе рекол: „Не сум достоен.“ Неговото срце било допрено со Христовата милост. Ја увидел својата недостојност, но не се плашел да бара помош. Не се потпирал врз својата доброта; негов доказ била неговата голема потреба. Верата на капетанот се фатила за Христа, за неговиот вистински карактер. Не верувал во него само како чу до творец, туку како во пријател и Спасител на човечкиот род. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest