Првите евангелисти (втор дел)

(продолжува од претходниот ден) На своето прво мисионерско патување учениците требало да одат само „кај загубените овци на домот Израелов“. Кога сега би им го проповедале евангелието на незнабошците и на Самарјаните, би го загубиле влијанието меѓу Евреите. Ако предизвикаат предрасуди кај фарисеите, ќе се вплеткаат во судири што ќе ги обесхрабрат на почетокот на нивната работа. Дури и апостолите бавно сфаќале дека евангелието треба да им се однесе на сите народи. Сè додека самите не можеле да ја сфатат оваа вистина, не биле подготвени да работат за незнабошците. Кога Евреите би го прифатиле евангелието, Господ нив би ги сторил свои весници за незнабошците. Затоа тие први требало да ја чујат веста.

На целото подрачје, покриено со Христовата служба, постоеле души што се разбудиле и ја сфатиле својата потреба што биле гладни и жедни за вистината. Дошло време на овие срца, проникнати со копнеж, да им се пратат вести за неговата љубов. Учениците требало да појдат кај сите нив како негови претставници. На тој начин верниците би биле поведени нив да ги гледаат како учители именувани од Бога. Така, кога Спасителот ќе биде земен од нив, тие нема да останат без учител.

На ова прво патување учениците треба да појдат само таму каде што Исус бил пред нив, и каде што веќе стекнал пријатели. Нивната подготовка за пат треба да биде наједноставна. Ништо не смее да ги скршне нивните умови од големото дело или на кој и да е начин да предизвика противење и да ја затвори вратата на идната работа. Не треба да ја прифатат облеката на верските учители, ниту да употребат облека со која нивната појава би се разликувала од скромните селани. Не треба да влегуваат во синагогите и да го повикуваат народот на јавни богослуженија, зашто нивните напори треба да бидат насочени кон работа од куќа до куќа. Не треба да губат време на непотребно поздравување или да одат од куќа во куќа заради забава. Но во секое место треба да го прифатат гостопримството на оние што се достојни, што срдечно ќе ги примат како да го прифаќаат лично Христа. Во домовите треба да влегуваат со прекрасниот поздрав: „Мир во овој дом“ (Лука 10,5). Тој дом би бил благословен со нивните молитви, со нивните фалбоспеви и со тоа што би ги отвориле Светите списи во семејниот круг.

Овие ученици треба да бидат весници на вистината, да го приготват патот за доаѓањето на нивниот Учител. Вест што требало да ја носат била речта на вечниот живот; а судбината на луѓето зависела од тоа дали тие ќе ја прифатат или ќе ја одбијат таа вест. За да можат со нејзината свечена сериозност да остават впечаток врз луѓето, Исус им заповедал на своите ученици: „И ако некој не ве прими, ниту ги послуша вашите зборови, кога ќе излегувате од таа куќа или град, истресете го правот од вашите нозе. Вистина ви велам, полесно ќе им биде на Содом и Гомор во судниот ден, отколку на тој град.“

Сега окото на Спасителот проникнува во иднината; Тој гледа пошироки полиња на кои учениците, по неговата смрт, ќе мора да сведочат за него. Неговиот пророчки поглед го опфаќа искуството на неговите слуги низ сите векови сè додека не дојде по вторпат. Тој на своите следбеници им укажувал на борбите што ќе мора да ги прифатат; им ја открил природата и планот на борбата; отворено ги изнел пред нив опасностите со кои ќе се соочат, самооткажувањето што ќе биде потребно. Сакал да ја пресметаат цената за непријателот да не ги изненади. Нивната војна не требало да се води против луѓе од месо и крв, туку „против управителите, против властите, против световните мрачни сили на овој свет, против духовните сили на злото кои живеат во небесните простори“ (Ефесците 6,12). Тие ќе мора да се борат со натприродните сили, но на располагање ќе им стои натприродна помош. Во оваа војска се наоѓаат сите небесни духовни суштества. Во овие редови се наоѓа и Некој повисок од ангелите. Застапникот на Заповедникот на Господовите војски, Светиот Дух, слегува за да управува со борбата. Ние можеме да имаме многу слабости, нашите гревови и грешки можат да бидат тешки, но Божјата милост им припаѓа на сите што ја бараат со понизно срце. Силата на Семожниот е предвидена за оние што имаат доверба во Бога.

„Еве“, вели Исус, „ве праќам како овци меѓу волци. Затоа бидете мудри како змии, а простодушни како гулаби.“ Христос никогаш не прикривал ниту еден збор на вистината, туку секогаш со љубов го изговарал. Тој во своето однесување со луѓето покажувал истенчено разбирање и грижлива љубов и внимание. Никогаш не бил груб, никогаш не изговорил без потреба остар збор, никогаш не ѝ нанесувал непотребна болка на чувствителната душа. Тој не ги осудувал човечките слабости. Бестрашно ги обвинувал лицемерството, неверството и неправдата, но додека ги изговарал своите остри укори, во неговиот глас се чувствувале солзи. Плачел над Ерусалим, над градот што го сакал, што одбил да го прими него Патот, Вистината и Животот. Тие го отфрлиле него, Спасителот, но Тој ги набљудувал со нежно сожалување и со толку длабока жалост, што го скршила неговото срце. Во неговите очи била драгоцена секоја душа.

Иако секогаш се однесувал со божествено достоинство, со најнежна грижа се спуштал до секој член на Божјето семејство. Во сите луѓе видел паднати души што требало да ги спаси со својата служба. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest