(продолжува од претходниот ден) Христовите слуги не смеат да работат според диктатот на своето телесно срце. Ним им е потребна блиска заедница со Бога за да не се подигне нивното сопствено „јас“ оптовареното со предизвици и да не истурат порој непристојни зборови што не се како роса или како ситни дождови што освежуваат овенати билки. Сатаната сака така да прават, зашто тоа се негови методи. Ламјата е таа што се разгневила; сатанскиот дух се открива во гневот и во обвинувањето. Меѓутоа, Божјите слуги мора да бидат Божји претставници. Тој сака тие да постапуваат сообразно со небесниот начин, сообразно со вистината што го носи неговиот лик и неговиот потпис. Силата со која треба да го победат злото е Христовата сила. Христовата сила е нивна сила. Тие својот поглед треба да го насочат кон неговата љубезност. Тогаш можат да го изнесуваат евангелието со божествен такт и благост. А духот што останува благ и кога е предизвикан, многу поделотворно ќе зборува во корист на вистината отколку секој доказ, колку и да е силен.
Оние што се судриле со непријателите на вистината треба да се сретнат не само со луѓето, туку и со сатаната и со неговите претставници. Нека се сетат на зборовите на Спасителот: „Еве, јас ве праќам како јагниња меѓу волци“ (Лука 10,3). Нека починат во Божјата љубов па духот ќе остане мирен, дури и кога директно ќе ги исмеваат. Господ ќе ги снабди со комплетно божествено оружје. Неговиот Свети Дух ќе влијае врз разумот и срцето, така што нивните гласови нема да имаат белег на завивање на волци.
Продолжувајќи да ги поучува учениците, Исус рекол: „Пазете се од луѓето.“ Не смееле потполно да им се доверат на оние што не го познаваат Бога и да им ги изнесуваат своите совети, зашто тоа на сатанските претставници би им дало предност. Човековите изуми често дејствуваат спротивно на Божјите планови. Оние што го ѕидаат Господовиот храм, треба да го ѕидаат според мострата покажана на гората според божествениот модел. Бог се обесчестува и се врши предавство на евангелието кога неговите слуги се потпираат врз совет на луѓе што не ги води Светиот Дух. Световната мудрост е лудост пред Бога. Оние што се потпираат врз неа, сигурно ќе згрешат.
„Зашто ќе ве предаваат на судовите… ќе бидете изведувани пред управители и цареви, заради мене, за да им сведочите ним и на народите“ (Матеј 10,17.18). Прогонството ќе ја рашири светлината. Христовите слуги ќе бидат изведувани пред големите луѓе на овој свет, кои да не е ова никогаш не би чуле за евангелието. Вистината погрешно им е претставена на овие луѓе. Тие слушале лажни обвинувања против верата на Христовите ученици. Често единствено средство за запознавање со нејзиниот вистински карактер е сведоштвото на оние што се доведени пред суд заради својата вера. За време на истрагата од нив се бара да одговараат, а од нивните судии да го слушаат нивното сведочење. На неговите слуги ќе им се даде Божја милост за да одговорат на оваа извонредна потреба. „Бидејќи во тој час“, вели Исус, „ќе ви биде дадено што треба да кажете; зашто не сте вие тие кои зборувате, туку Духот на вашиот Отец.“ Кога Божјиот Дух ќе ги просвети умовите на неговите слуги, вистината ќе биде изнесена во нејзината божествена сила и во нејзината вистинска драгоценост. Оние што ќе ја отфрлат вистината, ќе станат да ги обвинат и да ги угнетуваат учениците. Меѓутоа, во загубите и страдањата, дури и во смртта, Господовите деца мора да ја откријат кротоста на својот божествен Пример. На тој начин ќе се види разлика меѓу сатанските и Христовите претставници. Спасителот ќе биде издигнат пред владетелите и пред народот.
Учениците не биле надарени со храброст и постојаност на маченици сè додека не им била потребна таква милост. Тогаш се исполнило ветувањето на Спасителот. Кога Петар и Јован сведочеле пред советот на Синедрионот, луѓето „се восхитуваа, зашто ги препознаа дека беа со Исуса“ (Дела 4,13). За Стефана стои напишано дека „сите кои седеа во Советот втренчено гледаа во него и видоа дека лицето му беше како на ангел“. Луѓето „не можеа да им се противстават на мудроста и на Духот со кои тој зборуваше“ (Дела 6,15.10).
Пишувајќи за своето судење пред царскиот суд, Павле кажува: „При мојата прва одбрана никој не беше со мене, туку сите ме оставија… Но Господ беше со мене и ми даде сила за да го чујат сите народи; а јас бев избавен од лавовска уста“ (2. Тимотеј 4,16.17).
Христовите слуги не требало да приготвуваат посебно составени говори што ќ е ги изнесат кога ќ е ги доведат на судење. Тие секој ден требало да се подготвуваат собирајќи ги драгоцените вистини на Божјата реч и засилувајќи ја верата со молитва. Кога ќе бидат изведени пред суд, Светиот Дух ќе ги потсети на секоја вистина што ќе биде потребна. (продолжува)