Првите евангелисти (прв дел)

Апостолите биле членови на Исусовото семејство што го придружувало додека патувал пеш низ Галилеја. Со него го делеле напорот и тешкотиите низ кои поминувал. Ги слушале неговите излагања, оделе и разговарале со Божјиот Син и од неговите секојдневни поуки научиле како да работат во издигнувањето на човечкиот род. Додека Исус му служел на непрегледното мноштво собрано околу него, неговите ученици биле присутни, подготвени да го извршат неговиот налог и да ја олеснат неговата работа. Помагале при распоредувањето на народот, ги доведувале болните кај Спасителот и создавале удобност за сите. Внимателно ги барале заинтересираните слушатели, им ги објавувале Писмата и на разни начини дејствувале во нивна духовна полза. Го пренесувале она што го научиле од Исуса и секој ден стекнувале богати искуства. Меѓутоа, им било потребно и искуство во самостојна работа. Ним им биле потребни уште многу поуки, големо трпение и нежност. Сега, додека бил лично со нив, да им укаже на нивните грешки, да ги советува и да ги исправува, Спасителот ги пратил како свои претставници.

Додека биле со него, учениците често биле збунети со учењето на свештениците и фарисеите, но со тие свои недоумици тие доаѓале кај Исуса. Наспроти преданието, Тој им ги изнесувал вистините од Писмото. На тој начин ја засилувал нивната доверба во Божјата реч и во голема мера ги ослободил од стравот од рабините и од нивното робување на обичаите. При обучувањето на учениците примерот на животот на Спасителот бил поделотворен од кое и да е чисто доктринално учење. Кога се одвоиле од него, си спомнувале за секој поглед, за начинот на зборувањето и за секој збор. Често, доаѓајќи во судир со непријателите на евангелието, тие би ги повторувале неговите зборови и, забележувајќи го нивното влијание врз народот, многу се радувале.

Повикувајќи ги дванаесеттемина кај себе, Исус им заповедал да одат двајца по двајца во градовите и селата. Ниеден не е пратен сам, туку се здружиле брат со брат, пријател со пријател. Така можеле да си се помагаат и да се храбрат еден со друг, да се советуваат и да се молат заедно со цел силата на едниот да ги дополнува слабостите на другиот. На ист начин Исус подоцна пратил и седумдесетмина. Намера на Спасителот била весниците на евангелието со тоа да се здружат. Во наше време евангелската работа би била многу поуспешна кога дословно би се спроведувал овој пример.

Веста на учениците била иста со веста на Јована Крстителот и со Христовата вест: „Се приближи царството небесно.“ Тие не смееле да расправаат со народот околу тоа дали Исус од Назарет е Месија; но во негово име требало да ги прават истите дела на милост што ги правел Тој. Тој им заповедал: „Исцелувајте болни, воскреснувајте мртви, исчистувајте лепрозни, изгонувајте демони; бесплатно добивте, бесплатно давајте.”

Во текот на својата работа Исус повеќе време посветил на лекување на болни отколку на проповедање. Неговите чуда сведочеле за вистинитоста на неговите зборови дека дошол не да уништи туку да спаси. Неговата праведност одела пред него, а славата Господова била негова задна стража. Каде и да одел, вестите на неговата милост оделе пред него. Таму каде што поминал, сите, над кои покажал сочувство, се радувале здрави и ја проверувале својата сила што ја добиле. Околу нив се собирало мноштво да слуша од нивните усни за делата што ги направил Господ. Неговиот глас бил првиот звук што мнозина кога и да е го чуле, неговото име прв збор што кога и да е го изговориле, неговото лице прво што кога и да е го виделе. Зошто да не го сакаат Исуса и да не му пеат фалбоспев? Кога поминувал низ малечките села и градови, Тој бил како животворна струја, давајќи живот и ширејќи радост секаде каде што одел.

Христовите следбеници треба да работат како што работел Тој. Ние треба да ги нахраниме гладните, да ги облечеме голите и да ги утешиме неволниците и ујадените. Ние треба да им служиме на очајните и да ги вдахнеме со надеж безнадежните. Тогаш и над нас ќе се исполни ветувањето: „Пред тебе ќе оди правдата твоја и славата Господова ќе те придружува“ (Исаија 58,8). Христовата љубов што се покажала во несебичната служба ќе биде поделотворна во менувањето на грешниците отколку мечот или судската сала. Тие се неопходни да ги заплашат прекршителите на законот, но мисионерот, полн со љубов, може да биде поделотворен. Со прекорот срцето често станува потврдо; но ќе смекне под дејство на Христовата љубов. Мисионерот не треба да ги отстранува само болестите на телото, туку тој мора да го поведе грешникот кај големиот Лекар кој може да ја исчисти душата од лепрата на гревот. Бог одредил болните, несреќните, опседнатите со лоши духови, да го чујат неговиот глас преку неговите слуги. Преку своите човечки посредници Тој сака да биде Утешител каков што светот не познава. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest