Првите евангелисти (четврти дел)

(продолжува од претходниот ден) Секојдневниот, сериозен стремеж да се запознае Бог и Исус Христос, кого го пратил Тој, ќе ѝ даде сила и ќе ја оспособи душата. Знаењето стекнато со трудољубиво истражување на Писмото ќе заблескоти низ сеќавањето во вистинско време. Меѓутоа, ако некој занемарил да се запознае со Христовите зборови, ако никогаш во неволја не ја искусил силата на неговата милост, тој не може да очекува Светиот Дух да го потсети на неговите зборови. Секојдневно треба да му служат на Бога со неподелена љубов, и потоа да имаат доверба во него.

Непријателството кон евангелието ќе биде толку жестоко, што ќе се занемарат и најнежните земни врски. Христовите ученици ќе бидат предадени на смрт од страна на членовите на нивните домашни. „Сите ќе ве мразат заради мене“, додал Тој, „но оној што ќе истрае до крај, ќе биде спасен“ (Марко 13,13). Меѓутоа, им рекол да не се изложуваат на прогонство без потреба. Тој често оставал едно поле на работа и одел во друго, за да ги избегне оние што го барале неговиот живот. Кога го отфрлиле во Назарет и кога неговите сограѓани се обиделе да го убијат, слегол во Капернаум каде што народот бил восхитен со неговото учење „зашто неговата беседа беше силна“ (Лука 4,32).

Така неговите слуги не смееле да бидат обесхрабрени со прогонството, туку да побараат место каде сè уште би можеле да работат за спасението на душите.

Слугата не е поголем од својот учител. Кога небесниот Кнез го нарекле Велзевул, и неговите ученици исто така погрешно ќе ги претставуваат. Меѓутоа, каква и да е опасноста, Христовите следбеници мора јавно да ги исповедаат своите начела. Тие мора да го презираат прикривањето. Не можат да останат неопределени додека не се уверат оти се безбедни при исповедањето на вистината. Тие се поставени како стражари да им обрнуваат внимание на луѓето на опасноста што им се заканува. Вистината, примена од Христа, мора да им се објави слободно и отворено на сите. Исус рекол: „Она што ви го говорам во темнина, кажете го на светлина, и она што ќе го чуете на уво, разгласете го од покривите.“

Лично Исус никогаш не го купувал мирот со спогодба. Неговото срце се прелевало од љубов за целиот човечки род, но никогаш не бил попустлив кон неговите гревови. Тој бил премногу голем пријател за да молчи кога тие оделе по пат што ќе ги упропасти нивните души душите што ги откупил со својата крв. Настојувал човекот да стане верен себеси и верен на своето повисоко и вечно добро. Христовите слуги се повикани на истата работа и треба да внимаваат да не ја жртвуваат вистината за да ја спречат неслогата. Тие треба „да се стремат кон она што е за мир“ (Римјаните 14,19), но вистински мир никогаш не може да се обезбеди со компромис. Ниеден човек не може да биде верен на начелата а да не предизвика противење. Децата на непокорноста ќе му се противат на духовното христијанство. Меѓутоа, Исус им заповедал на учениците: „Не плашете се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат.“ Оние што му се верни на Бога немаат причина да се плашат од човечката сила ниту пак од непријателството на сатаната. Во Христа лежи сигурноста на нивниот вечен живот. Тие треба да се плашат само од тоа да не се откажат од вистината и со тоа да ја изневерат довербата со која ги почестил Бог.

Сатаната ги исполнува човечките срца со сомневање. Тој ги наведува Бога да го гледаат како строг судија; ги наведува да згрешат, а потоа себеси да се сметаат за премногу грешни за да му се приближат на небесниот Отец и кај него да поттикнат сочувство. Господ сето тоа го знае. Исус ги уверува своите ученици во Божјето сочувство кон нив во нивните потреби и слабости. Ниедна воздишка не може да се оттргне од градите, не може да се почувствува ниедна болка, ниту некаква жалост да ја прободе душата, а да не затрепери срцето на Отецот.

Библијата ни го прикажува Бога на неговото возвишено место не во состојба на безделничење, или во тишина и самотија, туку опкружен со десет илјади по десет илјади и со илјада илјади свети суштества што чекаат да ја извршат неговата волја. Низ канали што ние не можеме да ги препознаеме, Тој одржува жива врска со секоја област на неговото владеење. Меѓутоа, неговото интересирање и интересирањето на целото небо е сосредоточено кон нашиот ситен свет, кон душите за чие што спасение го дал својот единороден Син. Бог се наведнува од својот престол да го чуе повикот на угнетените. На секоја искрена молитва Тој одговара: „Еве ме!“ Тој ги подига жалосните и презрените. Во сите наши таги тој е тажен. Во секое искушение и во секоја напаст ангелот од неговата непосредна близина е тука да избави. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest