Пред Ана и Кајафа (шести дел)

(продолжува од претходниот ден) Синедрионот прогласил дека Исус заслужува смрт. Меѓутоа, да се испитува затвореник ноќе било спротивно на еврејскиот закон. Званична пресуда можела да се донесе само при дневна светлина и во полн состав на Советот. Наспроти тоа, спрема Спасителот постапувале како спрема осуден злосторник и го предале да го малтретираат најниските и најлошите меѓу луѓето. Дворот на првосвештеникот бил опкружен со отворено двориште во кое се собрале војници и многу други. Низ ова двориште Исуса го воделе до просторијата за стражарите, додека од сите страни му се потсмевале поради изјавата дека е Божји Син. Подбивајќи се, ги повторувале неговите зборови дека ќе седи „од десната страна на Семожниот“ и дека „доаѓа со небесни облаци“. Додека бил во просторијата на стражарите, очекувајќи го судскиот претрес, не бил заштитен. Простата светина ја забележала свирепоста со која во Советот постапувале со него, па поради тоа и тие си го дозволиле себеси правото да ги покажат сите сатански елементи на својата природа. Христовата вистинска благородност и божествено држење предизвикале кај нив бес. Неговата кротост, неговата невиност, неговото величествено трпение, ги исполнувале со сатанска омраза. Погазени се милоста и правдата. Ниту со еден злосторник никогаш не се постапувало толку нечовечки како со Божјиот Син.

Меѓутоа, Исусовото срце ја кинела многу подлабока болка; ударот што предизвикал најдлабока болка не можела да му го зададе раката на непријателот. Додека бил изложен на подбивање и испитување пред Кајафа, од Христа се откажал еден од неговите ученици.

Откако го напуштиле својот Господ во градината, двајца ученици се осмелиле на извесна далечина да ја следат толпата што го водела Исуса. Тие ученици биле Петар и Јован. Свештениците го препознале Јована како познат Исусов ученик и му дозволиле пристап во судницата, надевајќи се дека, кога ќе го види понижувањето на својот Водач, ќе ја презре помислата дека тоа суштество е Божји Син. Јован барал и добил дозвола и Петар да влезе.

Во двориштето запалиле оган, зашто тогаш бил најстудениот дел на ноќта, непосредно пред осамнувањето. Околу огнот се собрало друштво и Петар самоуверено зазел место меѓу нив. Не сакал да го препознаат како Исусов ученик. Помешувајќи се небрежно со мноштвото, се надевал дека ќе го сметаат како еден од оние што го довеле Исуса во судницата.

Меѓутоа, кога светлината го осветлила Петровото лице, една жена, што била пред вратата, испитувачки го погледнала. Забележала дека дошол со Јована, го видела изразот на обесхрабреност на неговото лице и си помислила дека и тој би можел да биде Исусов ученик. Била една од љубопитните слугинки во домот на Кајафа. Му рекла на Петар: „Да не си и ти од неговите ученици?“ Петар се уплашил и се збунил; погледите на луѓето на овој собир веднаш се приковале за него. Се преправал дека не ја разбира, но била упорна и продолжила да им зборува на оние околу себе дека овој човек бил со Исуса. Петар чувствувал дека мора да ѝ одговори, па налутено рекол: „Жено, не го познавам.“ Тоа било прво откажување и веднаш запеал петел. О Петре, зар толку бргу се посрами од својот Учител! Зар толку бргу се откажа од својот Господ!

Влегувајќи во судската сала, апостол Јован не се обидувал да прикрие дека е Исусов следбеник. Не се помешал со грубата толпа што го навредувала неговиот Учител. Нему не му поставувале прашања затоа што не се претставувал лажно за да се направи сомнителен. Побарал едно засолнето ќоше во кое толпата не би можела да го забележи, но да биде што поблизу до Исуса. Овде можел да види и да чуе сè што се случувало на судењето на неговиот Господ.

Петар не сакал да го препознаат. Правејќи се рамнодушен, стапил на непријателска почва и станал лесен плен на искушението. Кога би бил повикан да се бори за својот Учител, тој би бил храбар војник; но кога кон него е насочен прст на презир, се покажал како кукавица. Мнозина што не се повлекуваат во активната борба за својот Господ, се откажуваат од својата вера кога се изложени на потсмев. Дружејќи се со оние што би требало да ги избегнуваат, стапуваат на патеката на искушението. Го повикуваат непријателот да ги искушува, па се наведени да кажат и да го сторат она што во други околности никогаш не би го сториле. Христовиот ученик, кој во наше време ја прикрива својата вера од страв од страдања или срам, се откажува од својот Господ исто толку вистинито колку и Петар во предворјето на судот. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest