(продолжува од претходниот ден) Петар се трудел да не покаже никаков интерес на судењето на својот Учител, но неговото срце се грчело од болка кога го чул суровото подбивање и малтретирање што го поднесувал Тој. Повеќе од тоа, бил изненаден и лут што Исус, поднесувајќи такво постапување, се понижувал себеси и своите следбеници. За да ги прикрие своите вистински чувства, настојувал да им се придружи на Исусовите прогонувачи во нивните непристојни шеги. Но неговата појава не била природна. Лажно се претставувал па, иако се преправал дека тоа не го интересира, не бил во состојба да го совлада гневот поради малтретирањето на кое бил изложен неговиот Учител. Кон него по вторпат е свртено вниманието и повторно си помислиле за него дека е Исусов следбеник. Сега со клетва изјавил: „Не го познавам тој човек.“ Дадена му е уште една прилика. По еден час, слугата на првосвештеникот, роднина на човекот на кого Петар му го пресекол увото, го прашал: „Не те видов ли јас во градината со него?“ „Навистина си еден од нив, зашто и ти си Галилеец.“ Сега Петар се налутил. Исусовите ученици биле забележани по чистотата на својот говор, па Петар, за потполно да ги заведе оние што го испитувале и да ја оправда улогата што ја презел, сега со клетва и преколнување се откажал од својот Учител. Петелот пак запеал. Тогаш Петар го чул и се сетил за Христовите зборови: „Ноќеска, пред петелот да запее двапати, ти трипати ќе се откажеш од мене“ (Марко 14,30).
Додека понижувачките заклетви уште биле на усните на Петар и кукуригањето на петелот сè уште се одгласувало во неговите уши, Спасителот се свртил од намрштените судии и погледнал директно во својот кутар ученик. Истовремено Петар го насочил погледот кон својот Учител. На тоа благо лице читал длабоко сожалување и болка, но на него немало никаква лутина. Изгледот на тоа бледо, измачено лице, на тие треперливи усни, тој поглед, полн со сожалување и проштавање, го проболе неговото срце како со стрела. Совеста се разбудила. Памтењето заживеало. Петар се сетил како само пред неколку часа ветил дека со својот Господ ќе појде во затвор и во смрт. Се сетил за својата жалост кога во Горната соба Спасителот му рекол дека истата таа ноќ ќе се откаже трипати. Петар штотуку изјавувал дека не го познава Исуса, но сега, длабоко ожалостен, сфатил колку неговиот Господ добро го познавал и колку правилно го читал неговото срце, чијашто измамност и самиот не ја познавал. Него го зафатила плима на спомените. Се сетил за нежната милост на Спасителот, за неговата љубезност и за неговото долго трпение, за неговата нежност и стрпливост кон заблудените ученици. Се сетил на опомената: „Симоне, Симоне, ете, сатаната побара да ве просее како пченица, но јас се молев за тебе да не се намали твојата вера“ (Лука 22,31.32). Со ужас размислувал за својата неблагодарност, за својата дволичност, за своето кривоклетство. Уште еднаш го погледнал својот Учител и видел една злосторничка рака подигната да му удри шлаканица. Не можејќи и понатаму да ја поднесува таа сцена, со скршено срце истрчал од судницата.
Брзал во самотија и во темнината, не знаејќи и не грижејќи се каде. Најпосле се нашол во Гетсиманија. Во неговите мисли оживеала сцената од пред неколку часа. Пред него се појавило измаченото лице на неговиот Господ извалкано со крвава пот и згрчено од болка. Со горко каење се сетил како Исус плачел и бил на молитва сам во големи душевни маки, додека тие, кои требало да се соединат со него во тој час на искушение, спиеле. Се сетил за неговата свечена опомена: „Бдејте и молете се за да не паднете во искушение“ (Матеј 26,41). Пак станал очевидец на сцените во судската сала. За неговото рането срце вистинско мачење било сознанието дека додал најтешко бреме кон понижувањето и болката на Спасителот. На истото место, на кое Исус на својот Отец му ја излевал својата душа во претсмртна борба, Петар паднал на своето лице и посакал да умре. (продолжува)