Исуса го туркале преку потокот Кедрон, покрај бавчите и маслиновите градини и низ стивнатите улици на сонливиот град. Полноќ поминала и повиците на бучната светина што го следела се разнесувале низ ноќниот мир. Спасителот бил врзан и добро чуван и секое движење му нанесувало болка. Оние што го фатиле со нетрпение и бргу се упатиле со него кон дворот на бившиот првосвештеник Ана.
Ана бил глава на семејството што вршело свештеничка служба, а народот, почитувајќи ја неговата старост, го препознавал како првосвештеник. Барале негов совет и го прифаќале како Божји глас. Тој прв морал да го види Исуса како заробеник на свештеничката моќ . Морал да биде присутен при испитувањето на затвореникот, плашејќи се дека помалку искусниот Кајафа нема да ја постигне целта врз која работеле. Во оваа пригода по секоја цена Христа треба да го осудат и затоа е неопходно неговото лукавство, неговата снаодливост и остроумност.
На Христа званично требало да му биде судено пред Синедрионот, но пред Ана бил подложен на претходно испитување. Според римскиот закон, Синедрионот не можел да изрече смртна пресуда. Тие можеле само да го испитаат затвореникот и да донесат пресуда што ја прогласувале за полноважна римските власти. Затоа било потребно против Христа да се подигнат обвинувања што Римјаните ги сметале за најтешки. Исто така требало да се пронајде обвинување што ќе го прогласи виновен во очите на Евреите. Меѓу свештениците и поглаварите имало доста такви кои биле уверени во исправноста на Христовото учење и само стравот да не бидат исклучени од синагогата ги спречувал да го признаат. Свештениците добро го запаметиле прашањето на Никодима: „Осудува ли нашиот закон некого ако најнапред не го сослуша и не дознае што прави?“ (Јован 7,51). Ова прашање за извесно време го разединило Советот и ги осуетило нивните намери. Јосиф од Ариматеја и Никодим сега не биле повикани, но имало други што можеби се осмелиле да зборуваат во корист на правдата. Истрагата морала да биде така водена за сите членови на Синедрионот да ги соедини против Христа. Постоеле две обвинувања што свештениците сакале да ги утврдат. Кога за Христа би можело да се докаже дека хулел на Бога, тогаш би го осудиле Евреите. Ако би го прогласиле за виновен за бунт, би обезбедиле осуда од страна на Римјаните. Ана се обидел најпрво да го зацврсти второто обвинување. Го испрашувал Исуса за неговите ученици и за неговата наука, надевајќи се дека Затвореникот ќе каже нешто што ќе му даде факти кои би ги користел понатаму. Настојувал да извлече некое тврдење што би докажало дека Тој се стреми да основе тајно друштво со цел да воспостави ново царство. Тогаш свештениците би можеле да им го предадат на Римјаните како лице што го нарушува мирот и предизвикува бунт.
Како во отворена книга Христос ја читал намерата на свештеникот. Како да го чита најскриениот дел на душата на својот иследник. Негирал дека меѓу него и неговите следбеници постои каков и да е таен сојуз и дека ги собирал тајно или во мрак, криејќи ги на тој начин своите намери. Тој не ги криел своите цели ниту науката. „Јас му зборував на светот јавно“, одговорил. „Секогаш поучував во синагогите и во храмот, каде што се собираат сите Евреи, и ништо не говорев тајно.“
Спасителот својот начин на работа го ставил наспроти методите на своите тужители. Со месеци го гонеле, настојувајќи да го фатат во стапица и да го доведат пред таен суд, на кој со лажно сведочење би можеле да го постигнат она што не било можно да го постигнат со чесни средства. Сега ги остварувале своите намери. Полноќното апсење, исмевање то и навредите од страна на светината пред да биде осуден, па дури и обвинувањата, биле нивни начин на работа а не негов. Нивното дело претставувало кршење на законот. Според нивните прописи, со секој човек требало да се постапува како со невин сè додека не се докаже оти е виновен. Свештениците биле осудени со сопствените прописи.
Обраќајќи му се на својот иследник, Исус рекол: „Зошто ме испрашуваш мене?“ Зар свештениците и поглаварите не праќале шпиони да го следат неговото движење и да известуваат за секој негов збор? Зар овие не биле присутни на секој народен собир и зар на свештениците не им донесувале извештаи за сите негови зборови и дела? „Прашај ги оние кои слушаа што им зборував“, одговорил Исус. „Тие знаат што им зборував.“ (продолжува)