Пред Ана и Кајафа (осми дел)

(продолжува од претходниот ден) Спиејќи кога Исус му заповедал да бдее и да се моли, Петар го подготвил патот за својот голем грев. Сите ученици претрпеле голема загуба затоа што спиеле во тој критичен час. Христос го знаел тешкото искушение низ кое требало да поминат. Знаел колку сатаната се труди да ги умртви нивните чувства за да останат неподготвени за искушението. Затоа ги опоменувал. Кога тие часови во градината би биле поминати во бдеење и во молитва, Петар не би се потпрел врз својата слаба сила. Не би се откажал од својот Господ. Кога учениците би бдееле со Христа во неговата претсмртна борба, би биле подготвени да бидат очевидци на неговото страдање на крстот. Би ја разбрале донекаде природата на неговите неспоредливи страдања. Би можеле да се сетат на неговите зборови што ги преткажувале неговите страдања, неговата смрт и неговото воскресение. Среде мрачниот миг на најголемото искушение некои зраци на надеж би ја расветлиле темнината и би ја засилиле нивната вера.

Штом осамнал денот, Синедрионот пак се состанал и Христос повторно е воведен во салата за заседанија. Тој се прогласил себе си за Божји Син, па овие негови зборови се употребени како обвинение против него. Но не можеле да го осудат поради тоа, зашто мнозина од нив не биле присутни на ноќното заседание и не ги чуле неговите зборови. Знаеле дека римскиот суд во нив нема да најде ништо што би заслужувало смрт. Меѓутоа, кога сите би можеле да ги чујат тие зборови од неговите усни, би ја постигнале целта. Неговото тврдење за месијанство би можеле да го протолкуваат како бунтовно политичко тврдење.

„Ако си ти навистина Христос“, си зборувале, „кажи ни.“ Но Христос молчел. Продолжиле да го опсипуваат со прашања. На крај со свечен глас, полн со тага, одговорил: „Ако ви кажам, нема да поверувате. Ако ве прашам, нема да одговорите.“ Но, за да немаат никаков изговор, ја додал следната свечена опомена: „Но отсега Синот човечки ќе седи од десната страна на Семожниот Бог.“ „Значи, ти си Божји Син?“ го прашале едногласно. Им рекол: „Јас сум.“ Повикале: „Какво сведоштво уште ни е потребно? Самите чувме од неговата уста.“ Така, по третпат осуден од страна на еврејските власти, Исус требало да умре. Сè што било сега потребно, си мислеле, било Римјаните да ја потврдат оваа пресуда и да го предадат во нивни раце.

Тогаш настапила третата сцена на малтретирање и подбивање, многу полоша од онаа што ја доживеал од простиот џган. Тоа се одигрувало во присуство и во согласност со свештениците и поглаварите. Од нивното срце исчезнало секое чувство на сожалување и човечност. Ако нивните докази биле слаби и не успеале да го замолкнат неговиот глас, имале и други оружја, такви какви што се употребувани во сите векови да ги замолкнат еретиците страдања, насилство и смрт.

Кога судиите ја изрекле пресудата над Исуса, народот го зафатил сатански бес. Викале како диви ѕверови. Џганот се стрчал кон Исуса, викајќи: „Тој е виновен, убијте го!“ Кога не би биле римските војници, Исус не би доживел да биде прикован на Голгота на крст. Би бил парчосан пред своите судии кога римските власти не би му се противставиле на насилството на светината со силата на оружјето.

Незнабошците биле разлутени со свирепото постапување со Оној против кого ништо не е докажано. Римските офицери изјавиле дека Евреите, донесувајќи пресуда над Исуса, го прекршиле правото на римската власт и дека дури е во спротивност и со еврејскиот закон да се осуди човек на смрт врз основа на неговиот личен исказ. Оваа постапка довела до моментален застој во процесот, но еврејските водачи биле мртви и за сомилост и за срам.

Навредувајќи го Божјиот Син со срамни изрази, свештениците и поглаварите заборавиле на достоинството на својот позив. Му се подбивале на неговото потекло. Изјавиле дека тоа што себеси лажно се прогласува за Месија заслужува најсрамна смрт. Во срамното малтретирање на Спасителот се здружиле најнеобузданите луѓе. Мачителите му префрлиле преку глава стара облека и го удирале по лицето велејќи: „Проречи ни Христе кој те удри?“ Кога му ја симнале облеката, еден безочник го плукнал в лице.

Божјите ангели верно забележале секој навредлив поглед, секој збор и дело сторено против нивниот сакан Заповедник. Еден ден тие нечесни луѓе што го исмевале и го плукале Христовото благо, бледо лице, ќе го видат истото тоа лице во слава како блескоти посилно од Сонцето.

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest