Повторно чистење на храмот (втор дел)

(продолжува од претходниот ден) Три години порано поглаварите во храмот биле посрамени поради своето бегство пред Исусовата заповед. Од тогаш му се чуделе на својот страв и на својата безусловна послушност на еден скромен Човек. Чувствувале дека не е можно да се повтори тоа нивно недостоинствено предавство. Сепак, сега биле повеќе исплашени отколку порано и со поголема брзина ја послушале неговата заповед. Немало никој што би се осмелил да ја оспори неговата власт. Свештениците и трговците побегнале од Исуса, гонејќи го пред себе својот добиток.

На патот од храмот сретнале мноштво што доаѓало со своите болни, распрашувајќи се за големиот Исцелител. Некои од нив се вратиле кога го чуле извештајот на тие што бегале. Се плашеле да се сретнат со Оној кој е толку силен, што само со поглед ги отерал свештениците и поглаварите од своето присуство. Меѓутоа, поголем број се пробивале низ забрзаното мноштво со желба да допрат до него кој бил нивна единствена надеж. Кога мноштвото побегнало од храмот, сепак мнозина останале. Ним сега им се придружиле придојдените. Повторно предворјето на храмот било полно со болни и со оние што умирале и Исус уште еднаш им послужил.

По извесно време свештениците и поглаварите се осмелиле да се вратат во храмот. Кога стравот исчезнал, биле зафатени со силна желба да дознаат кој ќе биде следниот Исусов потфат. Очекувале Тој да го заземе Давидовиот престол. Кога се вратиле тивко во храмот, слушнале гласови на мажи, жени и деца како го фалат Бога. Кога влегле, застанале вчудовидени пред таа преубава сцена. Виделе исцелени болни, слепи со вратен вид, глуви со обновен слух и куци како скокаат од радост. Децата предводеле при радувањето. Исус ги исцелил нивните болести, ги прегрнал, ги примил нивните благородни бакнежи, а некои од нив и заспале на неговиот скут додека го учел народот. Со радосни гласови децата сега го славеле. Ги повторувале извиците „Осана“ од претходниот ден и победоносно мафтале со палмови гранки пред Спасителот. Храмот одѕвонувал од нивното радосно славје: „Благословен е Тој кој доаѓа во Господово име!“ „Еве, ти доаѓа твојот Цар: праведен е и победоносен“ (Псалм 118,26; Захарија 9,9). „Осана на Давидовиот Син!“

Звукот на овие среќни, неусилени гласови бил навреда за црковните поглавари. Почнале да ја кочат таквата манифестација на чувствата. Им велеле на луѓето дека Божјиот дом е обесветен со детските стапалки и со нивните радосни извици. Откако се увериле дека нивните зборови не влијаат врз луѓето, поглаварите му се обратиле на Христа: „Слушаш ли што зборуваат овие? А Исус им рече: Да, зар не сте прочитале никогаш: ‘Од устата на децата и доенчињата си приготви себеси пофалба?’“ Пророштвото преткажало дека Христос ќе биде прогласен за цар и тие зборови морало да се исполнат. Израеловите свештеници и поглавари одбиле да ја објават неговата слава, па Бог ги поттикнал децата да станат негови сведоци. Кога би биле замолкнати детските гласови, славата на Спасителот би ја огласиле столбовите на храмот.

Фарисеите биле мошне збунети и вознемирени. Оној што не можеле да го застрашат, сега господари. Исус ја зазел својата положба на чувар на храмот. Никогаш порано не зел таква царска власт. Никогаш порано неговите зборови и дела немале толку голема сила. Правел чудесни дела низ цел Ерусалим, но никогаш порано на толку свечен и впечатлив начин. Во присуство на народот, кој бил сведок на неговите прекрасни дела, свештениците и поглаварите не се осмелувале да покажат отворено непријателство кон него. Иако налутени и збунети со неговиот одговор, тој ден не можеле да сторат ништо.

Следното утро Синедрионот пак го разгледувал начинот на постапување со Исуса. Пред три години барале некаков знак за неговото месијанство. Од тоа време тој направил силни дела во сета земја. Лекувал болни, чудесно нахранил илјадници луѓе, одел по бранови и смирил вознемирено море. Во повеќе наврати ги читал човечките срца како отворена книга, ги истерувал лошите духови и дигал мртви. Поглаварите пред себе имале докази за неговото месијанство. Сега решиле да не бараат никаков знак за неговата власт, туку да извлечат некакво признание или изјава врз чијашто основа би можел да биде осуден. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest