(продолжува од претходниот ден) За тие што веруваат Христос е сигурен темел. Тоа се оние што паѓаат врз Карпата и се кршат. Овде е прикажана преданоста кон Христа и верата во него. Да паднеме врз Карпата и да се скршиме значи да се откажеме од нашата самоправедност и со детска понизност да дојдеме кај Христа, да се покаеме поради нашите престапи и да веруваме во неговата љубов која проштава. Исто така со вера и со послушност да ѕидаме на Христа како наш темел.
На овој жив Камен можат да ѕидаат еднакво и Евреите и незнабошците. Тој е доволно голем за сите и доволно силен да ја поднесе тежината и товарот на цел свет. Поврзани со Христа, со живиот Камен, сите што ѕидаат на овој темел стануваат живо камење. Многу луѓе со своите лични настојувања се изделкани, измазнети и разубавени, но не можат да станат „живо камење“ затоа што не се поврзани со Христа. Без оваа врска не може да се спаси ниеден човек. Без Христовиот живот во нас не можеме да им се противставиме на луњите на искушенијата. Нашата вечна сигурност зависи од нашето ѕидање врз сигурниот темел. Мнозина денеска ѕидаат врз темели што не се испитани. Кога ќе падне дожд, кога ќе наиде дива луња и силни порои, нивната куќа ќе падне затоа што не е втемелена на вечната Карпа, на главниот темелен Камен на Исуса Христа.
За оние „што се сопнуваат, зашто не ѝ веруваат на речта“, Христос е карпасопка. Но „токму тој ‘Камен што го отфрлија ѕидарите, стана темелен камен’“. Како и отфрлениот камен, Христос во својата земна мисија бил занемаруван и малтретиран. Тој „беше презрен, отфрлен од луѓето, човек на болката, свикнат на страдањата… беше презрен, отфрлен“ (Исаија 53,3). Но се приближило времето на неговото прославување. Со воскресението од мртвите Тој, преку Светиот Дух, е прогласен за „Божји Син“ (Римјаните 1,4). При своето второ доаѓање Тој ќе се открие како Господар на небото и земјата. Оние што сега се приготвувале да го распнат, ќе ја признаат неговата големина. Пред вселената отфрлениот Камен ќе стане главен камен темелник.
„Врз кого ќе падне тој ќе го смачка.“ Луѓето што го отфрлиле Христа наскоро ќе го видат уништувањето на својот град и на својот народ. Нивната слава ќе пропадне и ќе се расее како прав на ветерот. А што е тоа што ги уништило Евреите? Тоа била Карпата која, кога би граделе на неа, би била нивна сигурност. Божјата доброта била презрена, правдата отфрлена, милоста потценета. Луѓето се поставиле наспроти Бога и сè што било за нивно спасение, се свртило кон нивно уништување. Сè што Бог одредил да биде за живот, ним им било за смрт. Во распнувањето на Христа, што го извршиле Евреите, лежи и разурнувањето на Ерусалим. Крвта пролеана на Голгота била товар што им донел пропаст на овој свет и во светот што ќе дојде. Така тоа ќе биде и во големиот после ден ден кога ќе биде изречена осуда над сите што ја отфрлиле Божјата милост. Тогаш нивната Карпа соблаз на, Христос, ќе им се стори како планина одмаздничка. Славата на неговата појава, што за праведниците е живот, за грешните ќе биде оган што уништува. Грешникот ќе биде уништен поради отфрлената љубов, поради презрената милост.
Со многу сликовити споредби и опомени, кои постојано ги повторувал, Исус покажал што ќе доживеат Евреите поради отфрлањето на Божјиот Син. Со овие зборови Тој им се обраќа на сите во сите векови кои одбиваат да го примат него како свој Откупител. Секоја опомена важи за нив. Осквернетиот храм, непослушниот син, неверните лозари, презривите ѕидари, се слика на искуството на секој грешник. Ако не се покае, судбината што ја навестуваат тие ќе биде негова.