Повторно чистење на храмот (прв дел)

На почетокот на својата служба Христос ги истерал од храмот оние што го обесветувале со својата несвета трговија и неговата божествена појава влеала страв во срцата на смутливите трговци. На крајот на својата мисија Тој повторно пошол во храмот и го нашол осквернет како и порано. Состојбата била дури потешка отколку порано. Надворешното предворје на храмот личело на огромен добиточен пазар. Мукање, блеење, остар ѕвекот на метални пари сето тоа се мешало со налутеното препирање на трговците, а меѓу нив се слушале и гласови на луѓето од светата служба. Лично достоинствениците на храмот се занимавале со купување и продавање и со размена на пари. Алчноста за заработка целосно завладеала со нив и тие во Божјите очи не биле подобри од арамии.

Свештениците и поглаварите малку ја сфаќале светоста на задачата што требало да ја извршат. За време на секоја Пасха и на празникот Сеници свештениците колеле илјадници животни, а нивната крв ја собирале и ја излевале врз олтарот. Евреите биле запознати со жртвувањето на крвта и речиси го загубиле од вид фактот дека гревот е причина за пролевањето на животинската крв, но не сфатиле дека таа ја претставува крвта на Божјиот сакан Син што требало да се пролее за животот на светот и дека со принесувањето на жртвите луѓето треба да бидат упатени кон распнатиот Откупител.

Исус ги набљудувал невините жртви и видел како Евреите од овие големи собири направиле сцени на крвопролевање и грубост. Наместо понизно покајание поради гревот, тие го умножувале жртвувањето на животните мислејќи дека Бог може да се почитува со служба без срце. Срцата на свештениците и поглаварите се стврднале во себичноста и лакомството. Од вистинските симболи што укажувале на Божјето Јагне создале средства за богатење. На тој начин во очите на народот светоста на службата поврзана со принесувањето на жртви во голема мера била уништена. Кај Исуса бил предизвикан оправдан гнев. Знаел дека неговата крв, што наскоро ќе се пролее за гревовите на светот, свештениците и старешините ќе ја ценат исто толку малку колку што ја ценат и крвта на животните што постојано ја пролевале. Христос преку пророците зборувал против таквите постапки. Самиот рекол: „Зар на Господа повеќе му се мили жртвите паленици и приносите, отколку да се слуша неговиот глас? Знај, послушноста е поважна и од најдобрата жртва и покорноста е подобра од бравско со лој.“ Гледајќи го во пророчко видение отпадот на Евреите, Исаија им се обраќа како на поглавари на Содом и Гомор: „Чујте ја пораката Господова, кнезови содомски, послушај го законот на нашиот Бог, народе гоморски! Зошто ми се вашите безбројни жртви? вели Господ. Сит сум од овнешките паленици и од телешкото со лој. Ми се смачи крвта на биковите, на јагнињата и јарињата. Кога доаѓате да се јавите пред лицето мое, кој бара од вас да газите по моите тремови? Измијте се, исчистете се, отстранете ги од пред моите очи опачните дела, престанете да правите зло. Научете се да правите добро: стремете се кон праведност, помагајте им на угнетените, заштитувајте ги сираците, бранете ја вдовицата“ (1. Самоилова 15,22; Исаија 1,10­-12.16.17).

Тој, кој лично ги дал овие пророштва, сега за последен пат ги повторил опомените. Народот Исуса го прогласил за израелски цар, исполнувајќи го со тоа пророштвото. Тој ги примил нивните почести и го прифатил царското звање. Морал да дејствува како личност во таква положба. Знаел дека ќе бидат напразни неговите напори да го поправи расипаното свештенство, но сепак неговото дело морало да биде извршено и на овој неверен народ да му биде даден доказ за неговата божествена мисија.

Исусовиот прониклив поглед повторно поминал низ обесветеното предворје на храмот. Сите очи биле насочени кон него. Свештеникот и поглаварот, фарисејот и многубожецот, восхитено го набљудувале него кој стоел пред нив во величество на небесен Цар. Низ човечката природа блеснала божествената природа, наметнувајќи го Христа со достоинство и со слава што никогаш порано не ја покажувал. Оние што стоеле најблизу до него се повлекле толку колку што им дозволувало мноштвото. Освен неколкумина негови ученици, Спасителот стоел сам. Замолкнал секој шум. Длабоката тишина се чинела неподнослива. Христос проговорил со сила што го потресла народот како моќ на луња: „Стои напишано: ‘Мојот дом ќе биде наречен дом на молитва, а вие го направивте разбојничко дувло.’“ Неговиот глас се разнесувал низ храмот како труба. Негодувањето што се гледало на неговото лице изгледало како оган кој спалува. Со авторитет, кој не поднесувал приговр, Тој заповедал: „Изнесете го тоа одовде!“ (Јован 2,16). (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest