Повторно чистење на храмот (четврти дел)

(продолжува од претходниот ден) Свештениците и поглаварите можеле да дадат само правилен одговор на Христовото прашање, па така Тој го добил нивното мислење што одело во прилог на вториот син. Овој син ги претставувал цариниците, оние што фарисеите ги презирале и ги мразеле. Цариниците биле мошне нечесни. Навистина биле престапници на Божјиот закон, потполно опирајќи им се во својот живот на неговите барања. Биле неблагодарни и несвети. Кога им било речено да одат и да работат во Господовото лозје, тоа го одбиле со презир. Меѓутоа, кога дошол Јован, проповедајќи покајание и проштавање, цариниците ја прифатиле неговата вест и се крстиле.

Првиот син ги претставувал водачите на еврејскиот народ. Некои од фарисеите се покајале и го примиле Јовановото крштавање, но водачите не сакале да признаат дека тој дошол од Бога. Неговите опомени и обвинувања не произвеле кај нив обнова. Тие „ја отфрлија Божјата намера за нив и не го примија неговото крштавање“ (Лука 7,30). Неговата вест ја презирале. Како и првиот син кој, одговарајќи на повикот, рекол: „Ќе појдам, господару“, но не отишол, свештениците и поглаварите изјавувале дека се послушни, но на дело покажувале непослушност. Се расфрлале со изјави за побожност, тврделе дека го почитуваат Божјиот закон, но покажувале само лажна послушност. Цариниците биле обвинувани и проколнувани од фарисеите како неверници, но тие со својата вера и дела покажувале дека одат кон небесното царство пред овие лицемерни луѓе кои добиле голема светлина, но чиишто дела не одговараат на нивните изјави за побожноста.

Свештениците и поглаварите не сакале да ги поднесуваат овие силни вистини; меѓутоа, останале мирни, надевајќи се дека Исус ќе каже нешто што ќе можат да го свртат против него; но морале да поднесат уште нешто.

„Чујте друга споредба“, рекол Христос. „Беше еден домаќин кој насади лозје, го загради со плот, и ископа во него гмечало за грозје; изгради кула, им го даде под наем на лозарите и си замина на пат. А кога наближи времето за грозје брање, ги прати своите слуги кај лозарите, за да го приберат родот. А лозарите ги фатија неговите слуги и едниот го натепаа, другиот го убија, а третиот го каменуваа. Тој пак прати други слуги, повеќе од првите, но и со нив постапија исто. Нај после кај нив го прати својот син, велејќи: ‘Ќе се засрамат од мојот син!’ Но кога лозарите го видоа синот, си рекоа меѓу себе: ‘Овој е наследникот! Ајде да го убиеме и да го присвоиме неговото наследство!’ И го фатија, го исфрлија од лозјето и го убија. Кога ќе дојде господарот на лозјето, што ќе им стори на лозарите?“

Исус им се обратил на сите присутни луѓе, но одговор дале свештениците и поглаварите. „Злосторниците ќе ги погуби за злосторствата“, кажале, „а лозјето ќе им го даде под наем на други лозари, кои ќе му ги даваат плодовите навреме.“ Овие говорници од почеток не проникнале во примената на оваа споредба, но сега увиделе дека самите себеси си изрекле осуда. Во споредбата домаќинот го претставува Бога, лозјето еврејскиот народ, а оградата Божјиот закон кој бил нивна заштита. Кулата била величествениот храм. Стопанот на лозјето сторил сè што било потребно тоа да напредува. „Што можев уште да сторам за моето лозје“, вели Тој, „што не сум сторил?“ (Исаија 5,4). Така е прикажана Божјата неуморна грижа за Израел. Како лозарите што биле должни да му вратат на стопанот одреден дел од родот на лозјето, така Божјиот народ требало да го почитува со животот сообразен со нивните свети предимства. Но, како лозарите што ги убиле слугите што ги пратил стопанот кај нив по род, така Евреите ги убивале пророците што ги праќал Бог кај нив за да ги повикаат на покајание. Постојано биле убивани весниците. До овде не можело да се сомнева во примената на споредбата, а и она што следело не било помалку очигледно. Во саканиот син што го пратил стопанот на лозјето кај своите непослушни слуги и што тие го фатиле и го убиле, свештениците и поглаварите ја виделе јасната слика на Исуса и неговата претстојна судбина. Веќе имале намера да го убијат Оној што им го пратил Отецот како последен повик. Во одмаздата досудена на неблагодарните лозари е прикажана судбината на оние што ќе го убијат Христа.

Набљудувајќи ги со сожалување, Спасителот продолжил: „Зар не сте прочитале никогаш во Писмата: ‘Каменот што го отфрлија ѕидарите, стана темелен камен. Од Господа е тоа, и чудесно е во нашите очи? Затоа ви велам дека ќе ви биде одземено Божјето царство и ќе му биде дадено на народ кој ќе ги донесува плодовите на царството. И кој ќе падне врз тој камен ќе се распарчи, а врз кого ќе падне тој ќе го смачка.“

Ова пророштво Евреите често го повторувале во синагогите, применувајќи го на Месија кој ќе дојде. Христос бил темелен камен на еврејскиот верски систем и на целокупниот план на спасението. Овој темелен камен еврејските градители, свештениците и поглаварите во Израел, сега го отфрлаат. Спасителот нивното внимание овојпат го насочил кон пророштвата кои укажуваат на опасноста што им се заканува. Со сите средства што биле во негова моќ се трудел да им ја објасни природата на делото што се приготвувале да го извршат. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest