Повик упатен крај брегот на езерото (трет дел)

(продолжува од претходниот ден) Исус ги избрал необразованите рибари затоа што не биле школувани со преданијата и со погрешните обичаи на своето време. Тие биле луѓе природно надарени, понизни и поучливи, луѓе што Тој можел да ги воспитува за својата работа. Во секојдневниот живот има многу луѓе кои стрпливо извршуваат еднолични макотрпни работи, несвесни дека поседуваат таква моќ што, кога би ја развиле, таа би ги изедначила со најценетите луѓе на светот. Потребен е допир на вешта рака што би ги разбудила тие успиени способности. Тие луѓе Исус ги повикал да бидат негови соработници и им дал предимство да се дружат со него. Никогаш големите луѓе во светот немале таков Учител. Кога ја поминале обуката на Спасителот, учениците не биле повеќе лаици и необразовани. Станале слични со него во умот и во карактерот; луѓето знаеле дека биле со Исуса.

Највозвишена задача на воспитувањето не е само пренесување на знаење, туку всадување на животната сила што се прима при допирот на умот со ум и на душата со душа. Само животот раѓа живот. Какво предимство имале оние што три години биле во секојдневен допир со тој божествен живот од кој потекнал секој животодавен поттик што му донел благослов на светот! Повеќе од своите другари, саканиот ученик, Јован, ја прифатил силата на тој чудесен живот. Тој вели: „Животот се јави, а ние го видовме и сведочиме и ви го објавуваме вечниот Живот, кој беше со Отецот и ни се јави нам.“ „Сите ние примивме од неговата полнота благодат врз благодат“ (1. Јованово 1,2; Јован 1,16).

Апостолите на нашиот Господ немале ништо што би им донело слава. Било очигледно дека успехот на нивната работа му припаѓа само на Бога. Животот на овие луѓе, карактерот што го изградиле и силното дело што го сторил Бог преку нив, го потврдуваат она што ќе го стори Тој за сите што се поучливи и послушни.

Оној што најмногу го сака Христа, ќе стори најмногу добра. Нема граници на полезноста за оној што, откажувајќи се од себе, му овозможува на Светиот Дух да дејствува врз неговото срце и живее живот потполно посветен на Бога. Ако луѓето без мрморење и неуморно ја поднесат на патот неопходната дисцплина, Бог ќе ги поучува секој миг. Тој копнее да ја открие својата милост. Ако неговиот народ сака да ги отстрани пречките, Тој во изобилна мера ќе ја излее водата на спасението низ човечките канали. Кога едноставните луѓе би биле охрабрени да го сторат сето добро што можат да го сторат, кога врз нив не би биле ставени раце што ограничуваат за да ја задушат нивната ревност, тогаш за Христа би имало стотина пратеници таму каде што сега има само еден.

Бог ги зема луѓето такви какви што се, и ако му се потчинат, ги воспитува за својата служба. Божјиот Дух, примен во душата, ќе ги оживее сите нејзини способности. Умот што му е потполно посветен на Бога, под водство на Светиот Дух се развива хармонично, засилен да ги сфати и да ги исполни Божјите барања. Слабиот, колеблив карактер се менува во цврст и постојан. Постојаното посветување воспоставува толку близок однос меѓу Христа и неговите ученици, што христијанинот станува сличен со него во умот и карактерот. Преку врската со Христа тој ќе се здобие со појасни и пошироки согледби. Неговото сфаќање ќе биде попроникливо, неговото расудување поурамнотежено. Оној што копнее да му служи на Христа, е поттикнат со животодавната сила на Сонцето на правдата и ќе донесе многу плод на слава на Бога.

Луѓето со највисоко образование во уметноста и науката научиле драгоцени вистини од животот на едноставните христијани кои светот ги сметал за неуки. Меѓутоа, овие незнаени ученици своето воспитување го стекнале во школата што е повисока од сите други. Седеле крај нозете на Оној што зборувал како „никогаш што не зборувал ниту еден човек“.

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest