Повик упатен крај брегот на езерото (прв дел)

На Галилејското Езеро се раѓал ден. Учениците, уморни од безуспешната ноќ на напорна работа, сè уште биле на езерото во своите рибарски чамци. Исус дошол да помине неколку мирни мигови на езерскиот брег. Рано изутрината се надевал дека ќе има малку одмор од мноштвото што секој ден го следело. Меѓутоа, набргу околу него почнал да се собира народ. Нивниот број бргу се зголемувал, така што го притискале од сите страни. Во меѓувреме, учениците стигнале на копно. За да ја избегне турканицата на мноштвото, Исус влегол во чамецот на Петар и го замолил да се оддалечи малку од брегот. Тука Исуса сите можеле подобро да го видат и да го чујат, па од чамецот го учел мноштвото насобрано на брегот.

Каква сцена за ангелите да размислуваат за него! Нивниот главен Заповедник, седејќи во рибарски чамец, лулкан од немирни бранови, ги објавува добрите вести за спасението пред мноштво што го слуша и што се турка сè до работ на водата! Тој, кој бил почитуван на небото, му ги објавува големите вистини за своето царство на обичниот свет под ведро небо. Сепак, не можел да има попогодно место за својата работа. Езерото, планините, широките полиња, сончевата светлина што се растурала на земјата, сето тоа му било материјал за сликовито прикажување на поуките и за врежување на тие поуки во умовите. Ниедна од Исусовите поуки не останала без плод. Секоја порака од неговите усни допирала до некоја душа како збор на вечен живот.

Мноштвото на брегот се зголемувало секој миг. Стари луѓе, потпирајќи се на стапови, силни селани од планините, рибари со својата макотрпна работа на езерото, трговци и рабини, богати и учени, стари и млади, носејќи ги своите болни и оние што страдале, се туркале да ги слушнат зборовите на божествениот Учител. Сцените, како што е оваа, пророците однапред ги виделе и напишале:

„Земјо Завулонова и земјо Нефталимова, на пат кон морето, отаде Јордан, безбожна Галилејо; народот кој седеше во темнина, виде силна светлина; а на оние кои седеа во темниот предел на смртта, ним им блесна светлина.“

Покрај мноштвото на бреговите на Генисарет, Исус во својата проповед крај морето на ум имал и други слушатели. Гледајќи ги вековите што ќе дојдат, ги видел своите верни следбеници во затвори и во судски сали, во искушенија, во осаменост и во страдања. Пред него е јасна секоја сцена на радост, на борба и тешкотија. Истите зборови што им ги изговорил на оние кои се собрале околу него, Тој им ги упатил и на други души и тие ќе допрат до нив како вест на надеж во искушението, како утеха во тагата и како небесна светлина во темнината. Со помош на Светиот Дух, овој глас што зборувал од рибарскиот чамец на Галилејското Море, ќе се чуе како им објавува мир на човечките срца сè до крајот на времето.

Кога ја завршил проповедта, Исус се свртил кон Петар и му рекол да отплови на морето и да ја фрли мрежата. Меѓутоа, Петар бил обесхрабрен. Цела ноќ не уловил ништо. За време на осаменоста размислувал за судбината на Јована Крстителот кој чмаел сам во темница. Размислувал за Исусовата иднина и за иднината на неговите следбеници, за неуспехот на неговото дело во Јудеја и за злобата на свештениците и рабините. Дури и неговото интересирање претрпело неуспех; и додека ги набљудувал празните мрежи, иднината му изгледала мрачна, полна со обесхрабрување. „Учителе“, рекол, „цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме, но на твој збор, ќе ја фрлам мрежата.“

Ноќта била единствено поволно време за ловење со помош на мрежи во бистрите езерски води. По безуспешниот труд во текот на целата претходна ноќ , се чинело безнадежно да се фрли мрежа дење, но Исус заповедал и љубовта кон Учителот ги поткренала учениците да го послушаат. Симон и неговиот брат заедно ја спуштиле мрежата. Кога се обиделе да ја извлечат, количеството на риби во неа било толку големо, што почнала да се кине. Биле присилени да ги повикаат Јакова и Јована на помош. Кога ловот бил собран, двата чамца биле толку натоварени, што им се заканувала опасност да потонат. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest