Посветување (прв дел)

Приближно четириесет дена по Христовото раѓање, Јосиф и Марија го одвеле во Ерусалим „за да го покажат пред Господа“ и да принесат жртва. Тоа било според еврејскиот закон, па Христос, како замена за човекот, морал да му се потчинува во секоја подробност. Тој веќе бил подложен на обредот обрезание во знак на послушност на законот.
Законот барал мајката да принесе едногодишно јагне на жртва паленица и млад гулаб или грлица како жртва за грев. Меѓутоа, законот предвидувал сиромашните родители, кои не можеле да донесат јагне, да можат да донесат две грлици или два млади гулаби, едниот за жртва паленица, а другиот за жртва за грев.

Жртвите што му се принесувале на Господа морале да бидат без мана. Овие жртви го претставувале Христа и од нив се гледа дека и Исус немал никаква телесна мана. Тој бил „невино и чисто Јагне“ (1. Петрово 1,19). Неговата телесна конституција не е оштетена со никаква мана; неговото тело било силно и здраво. Во текот на целиот свој живот живеел сообразно со природните закони. И телесно и духовно бил идеал што го замислил Бог за човештвото, ­идеал што ќе го постигне со послушност на неговите закони.

Посветувањето на првенците потекнува од најстарите времиња. Бог ветил дека ќе го даде небесниот Првенец да го спаси грешникот. Секое домаќинство требало да го усвои овој дар, посветувајќи го својот првенец. Првенецот требало да биде посветен за свештеничка служба, како Христов претставник меѓу луѓето.

При ослободувањето на Израел од Египет, повторно е дадена заповед за посветување на првенците. Додека децата Израелови биле во египетско ропство, Господ го упатил Мојсеја кај египетскиот цар, фараонот, да му каже: „Вака вели Господ: Израел е мој првенец. Барам од тебе да ми го пуштиш синот за да ми искаже почит. Ако не го пуштиш, јас ќе го убијам твојот првенец“ (2. Мојсеева 4,22.23).

Мојсеј ја пренел оваа порака, но горделивиот цар одговорил: „Кој е тој Господ да го послушам и да ги пуштам Израелците? Јас не го знам тој Господ ниту пак ќе ги пуштам Израелците“ (2. Мојсеева 5,2). Господ работел за својот народ со знаци и чуда, казнувајќи го фараонот со страшни судови. На крај, ангелот на смртта добил налог да го убие секој првенец меѓу Египќаните, од луѓето до добитокот. За да бидат поштедени, Израелците добиле упатства довратниците да ги намачкаат со крв од заклано јагне. Секоја куќа морала да биде обележана, со цел, кога ќе дојде ангелот да ја изврши својата смртоносна задача, да ги заобиколи израелските домови.

По оваа осуда над Египет, Господ му рекол на Мојсеја: „Секој првенец посветете ми го мене! Првенците на мајчинството кај Израелците, и од луѓето и од добитокот, ми припаѓаат мене“. „Оној ден, кога ги побив сите првенци во египетската земја, себеси си ги посветив сите првенци во Израел, и од луѓето и од добитокот. Тие се мои. Јас сум Господ“ (2. Мојсеева 13,2; 4. Мојсеева 3,13). Кога е воспоставена службата во шаторот за состанок, наместо сите првенци на Израел, Господ го избрал Левиевото племе да служи во Светилиштето. Меѓутоа, првенецот сè уште го сметале за Господова сопственост и затоа тој требало да сè откупи.

Така законот за посветување на првенецот станал мошне значаен. Иако бил спомен на Господовото чудесно избавување на децата Израелови, тој го прикажувал уште поголемото ослободување што ќе го извојува единородниот Божји Син. Како крвта, со која биле измачкани довратниците, што ги спасила првенците во Израел, така Христовата крв има моќ да го спаси светот.

Колку важно било Христовото посветување! Но свештеникот не видел низ завесата, тој не ја читал тајната зад неа. Посветувањето на децата била вообичаена слика. Од ден на ден свештеникот примал пари за откуп кога децата му се посветувани на Господа. Од ден на ден тој рутински ја вршел својата работа, обрнувајќи малку внимание на родителите или на децата, освен кога забележувал некое навестување на богатство или висока положба на родителите. Јосиф и Марија биле сиромашни; кога дошле со своето дете, свештениците виделе само маж и жена облечени како Галилејци во најскромна облека. Нивниот изглед не привлекувал никакво внимание и тие принеле дар предвиден за посиромашните слоеви.

Свештеникот го почнал обредот како што било предвидено. Го зел Детето на раце и го држел пред олтарот. Кога ѝ го вратил на мајка му, во книгата на првенците го запишал името „Исус“. Додека го држел Детето на раце, не насетувал дека тоа Дете е небесното Величество, Царот на славата! Свештеникот не помислил дека ова Дете е Оној за кого Мојсеј пишувал: „Господ Бог ќе ви подигне од вашите браќа Пророк како мене. Послушајте сè што ќе ви каже Тој“ (Дела 3,22). Тој не мислел дека ова Дете е Оној чијашто слава Мојсеј сакал да ја види. Меѓутоа, на рацете на свештеникот лежел Оној кој е поголем од Мојсеја; и кога го запишал името на Детето, го запишал Оној кој бил темел на целокупниот еврејски начин на живеење. Ова Име ставило крај на сето тоа, зашто системот на жртвите и даровите застарел; симболот речиси ја покажал својата вистинска слика, сенката ­ својата стварност. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest