Последно патување од Галилеја (четврти дел)

(продолжува од претходниот ден) Семожната сила на Светиот Дух претставува одбрана за секоја понизна душа. Ниеден што ќе побара со покајание и со вера негова заштита, Христос нема да дозволи да падне под влијание на силата на непријателот. Спасителот е крај оние што се во искушение и во тешкотии. Со него не постои неуспех, загуба, неможност или пораз; ние можеме сè со него кој ни дава сила. Кога ќе настапат искушенија и неволји, не чекајте да ги совладате сите тешкотии, туку гледајте кон својот Помошник, кон Исуса.

Постојат христијани кои премногу размислуваат и зборуваат за силата на сатаната. Тие размислуваат за својот непријател, се молат за него, зборуваат за него и во нивната мечта тој станува сè поголем. Вистина е дека сатаната е моќно суштество; но, фала на Бога, ние имаме силен Спасител кој го фрлил него од небото. Сатаната е задоволен кога ја величаме неговата сила. Зошто да не зборуваме за Исуса? Зошто да не ја величаме неговата моќ и неговата љубов?

Виножитото на ветувањето што го опкружува престолот на висината е вечно сведоштво за тоа дека „Бог толку го милее светот, што го даде и својот единороден Син, за ниеден кој верува во него да не загине, туку да има живот вечен“ (Јован 3,16). Тоа ѝ сведочи на вселената дека Бог нема никогаш да го напушти својот народ во неговата борба со злото. Тоа е цврсто ветување за нас за постојана сила и заштита.

Исус додал: „Но, не радувајте се на тоа што ви се покоруваат демоните, туку радувајте се што вашите имиња се запишани на небесата.“ Не радувајте се на тоа што поседувате сила, бидејќи ви се заканува опасност да ја загубите од вид својата зависност од Бога. Пазете се да не ве зафати претерана самоувереност и да не работите во своја сила, туку во дух и во сила на својот Учител. „Јас“ секогаш е подготвено себеси да си ги припише заслугите и за најмалечкиот успех што се постигнува во работата. „Јас“ прима ласкања и се извишува и на тој начин занемаруваме на другите да им покажеме дека Бог е сè и во сè. Апостол Павле кажува: „Кога сум немоќен, тогаш сум силен“ (2. Коринќаните 12,10). Кога ја сфаќаме нашата слабост, ние се учиме да зависиме од сила што не е наша. Ништо не може толку силно да изврши влијание врз срцето колку постојаното чувство на одговорност пред Бога. Ништо не допира толку суштински до најдлабоките побуди на нашите постапки како свеста за Христовата љубов што проштава. Ние треба да воспоставиме врска со Бога, зашто тогаш ќе се исполниме со Свети Дух кој ќе нè оспособи да дојдеме во допир со нашите ближни. Тогаш радувајте се што преку Христа сте се поврзале со Бога, што сте станале членови на небесното семејство. Додека гледате над себе, постојано ќе ја чувствувате слабоста на човечката природа. Колку помалку му угодувате на своето „јас“, појасно и поцелосно ќе го сфатите совршенството на својот Спасител. Колку поцврсто ќе се поврзете со изворот на светлината и силата, ќе ве осветли посилна светлина и ќе добиете поголема сила да работите за Бога. Радувајте се што сте едно со Бога, едно со Христа и со целото небесно семејство.

Додека седумдесеттемина ги слушале Христовите зборови, Светиот Дух ја врежувал во нивниот ум живата стварност и ја запишувал вистината на плочите на душата. Иако ги опкружувало мноштво, се чувствувале како да се сами со Бога.

Знаејќи дека тој миг примиле вдахновение, „Исус затрепери од радост во Светиот Дух и рече: ‘Те славам Оче, Господару на небото и земјата, што го скри ова од мудрите и умните, а им го објави на малечките. Да, Оче, зашто таква беша волјата твоја. Сè ми предаде мојот Отец. Никој не знае кој е Синот, освен Отецот, и никој не знае кој е Отецот, освен Синот, и оној на кого Синот сака да му каже.’“

Уважените луѓе во светот, таканаречените големи и мудри луѓе, со сета своја фалена мудрост не можат да го сфатат Христовиот карактер. Тие за него суделе според неговиот надворешен изглед, според понижувањето низ кое поминал како човечко суштество. Меѓутоа, на рабините и на цариниците им било дадено да го видат Невидливиот. Дури ни учениците не можеле да разберат сè што сакал Исус да им открие, но со текот на времето, како ѝ се потчинувале на силата на Светиот Дух, нивните умови станале просветени. Сфатиле дека меѓу нив престојувал моќниот Бог облечен во човечки лик. Исус се радувал што ова сознание, кое не го поседувале мудрите и умните, им било откриено на овие скромни луѓе. Додека ги изнесувал учењата на старозаветните списи и ги применувал на себе и на своето дело на помирување, често биле разбудени со неговиот Дух и подигнати во небесна атмосфера. Духовните вистини, за кои зборувале пророците, тие подобро ги разбрале отколку самите писатели на изворното дело. Подоцна ќе ги читаат списите на Стариот завет, не како наука на законици и фарисеи, не како кажување на мудреци што умреле, туку како ново откровение од Бога. Го гледале Оној „кого светот не може да го прими, зашто не го гледа, ниту го познава. Вие го познавате, зашто Тој престојува со вас и ќе биде во вас“ (Јован 14,17). (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest