Како се приближувал крајот на Христовата служба, во неговиот начин на работа настапувала промена. Порано радо ги одбегнувал возбудите и вниманието на јавноста. Не прифаќал почитување од народот и бргу преминувал од место во место кога се чинело дека одушевувањето кај мноштвото за него незауздано се разгорува. Многу пати морал да заповеда да не разгласуваат дека Тој е Христос.
За време на празникот Сеници Тој во Ерусалим патувал брзо и тајно. Кога неговите браќа барале јавно да се прикаже како Месија, негов одговор бил: „Моето време сè уште не е втасано“ (Јован 7,6). Во Ерусалим патувал заобиколно и во градот влегувал незабележан и непочестен од мноштвото. Меѓутоа, така не било при неговото последно патување. Ерусалим го напуштил за извесно време поради лошите намери на свештениците и рабините. Но сега се упатил назад, патувајќи по најпрометниот пат, со таква претходна триумфална најава, каква што никогаш порано не се видела. Одел во пресрет на сцените на својата голема жртва и вниманието на народот морало да биде насочено кон нив.
„Како Мојсеј што подигна змија во пустината, така мора да биде подигнат Синот човечки“ (Јован 3,14). Како очите на цел Израел што биле насочени кон подигнатата змија, симболот одреден за нивно исцелување, така сите очи мора да бидат насочени кон Христа, кон Жртвата која му носи спасение на загубениот свет.
Погрешната претстава за службата на Месија и недостигот на доверба во Христовиот божествен карактер ги навеле неговите браќа да го наговараат јавно да му се прикаже на народот на празникот Сеници. Спротивно на ова, сега учениците сакале да го спречат да патува во Ерусалим. Спомнувајќи си за неговите зборови за тоа што ќе му се случи таму и познавајќи го страшното непријателство на верските водачи, тие настојувале да го одвратат својот Учител од тој пат.
За Христовото срце претставувало тешка задача да го продолжи својот пат наспроти стравувањето, разочарувањето и неверувањето на своите сакани ученици. Било макотрпно да ги води во пресрет на болката и разочарувањето што ги очекувале во Ерусалим. Сатаната бил готов да го искушава Синот човечки. Зошто треба да оди во Ерусалим во сигурна смрт? Насекаде околу него биле души гладни за лебот на животот. На секој чекор се наоѓале страдалници кои го чекале неговиот збор да ги исцели. Делото што требало да се изврши со евангелието на неговата милост штотуку почнало. А Тој бил маж во полна сила. Зошто да не се упати во широките полиња на овој свет со зборовите на својата милост, со допирот на својата исцелителска моќ? Зошто самиот не би се радувал делејќи им светлина и радост на милиони кои биле во темнина и тага? Зошто да им ја препушти жетвата на своите ученици, толку слаби во верата, кои толку тешко сфаќаат, кои толку бавно дејствуваат? Зошто сега да се соочи со смртта и да го остави делото во неговиот повој? Непријателот, кој во пустината се соочил со Христа, сега го напаѓал со жестоки и лукави искушенија. Кога Исус би попуштил само за миг, кога би го променил своето однесување и во најмалечка мера со желба да се спаси себеси, сатанските сили би славеле победа, а светот би бил загубен.
Меѓутоа, Исус „решително се упати во Ерусалим“. Волјата на Отецот била единствен закон на неговиот живот. Уште во своето детство, при посетата на храмот, ѝ рекол на Марија: „Зар не знаевте дека јас морам да бидам во домот на мојот Отец?“ (Лука 2,49). Во Кана, кога Марија сакала Тој да ја открие својата чудотворна сила, негов одговор бил: „Уште не дошол мојот час.“ Со исти зборови им одговорил на своите браќа кога го наговарале да оди на празникот. Меѓутоа, во големиот Божји план бил одреден часот на неговото жртвување за гревот на луѓето и тој час наскоро требало да настапи. Тој нема да потклекне ниту да се поколеба. Неговите чекори се насочени кон Ерусалим во кој неговите непријатели долго ковеле заговор да му го одземат животот; сега Тој сака да го положи. Непоколебливо решил своите чекори да ги насочи кон мачење, кон откажување, кон отфрлање, кон осуда и смрт.
Па Тој „прати пред себе весници. Тие заминаа и дојдоа во едно самариско село да подготват место за него“. Но народот не сакал да го прими затоа што патувал во Ерусалим, сметајќи дека Исус повеќе ги сака Евреите кои тие огорчено ги мразеле. Кога би дошол да го обнови храмот и богослужението на гората Гаризим, тие радо би го прифатиле; но Тој одел во Ерусалим и затоа не сакале да му укажат никакво гостопримство. Тие не сфатиле дека од пред својата врата го отерале најдобриот небесен Дар. Исус ги повикувал луѓето да го примат; Тој барал услуги од нивните раце за да може да им се приближи и да ги опсипе со најбогати благослови. За секоја љубезност што му е укажана, возвратувал со многу подра гоцена милост. Меѓутоа, Самарјаните сето тоа го загубиле поради своите предрасуди и верската тесноградост. (продолжува)