Победа (трет дел)

(продолжува од претходниот ден) Кога искушувачот му ги понудил на Христа царството и славата на овој свет, предлагал Христос да ја предаде својата вистинска царска положба над светот и да владее потчинет на сатаната. Тоа било истото царство кон кое биле насочени надежите на Евреите. Тие сакале царство на овој свет. Кога Христос би се согласил и би им понудил такво царство, тие со задоволство би го прифатиле. Меѓутоа, врз тоа царство почивало проклетството на гревот со сите страдања. Христос му изјавил на искушувачот: „Отстапи од мене, сатано, зашто е напишано: ‘Поклонувај му се на својот Господ Бог и единствено нему служи му.’“

Оној што се побунил на небото, му ги понудил на Христа царствата на овој свет со цел да го поткупи да ги прифати начелата на злото, но Тој не дозволил да се поткупи; Тој дошол да основе царство на правда и не сакал да ја напушти таа цел. Со истото искушение сатаната им се приближува на луѓето и кај нив има подобар успех отколку кај Христа. На луѓето им го нуди царството на овој свет под услов да ја признаат неговата врховна власт. Бара да ја жртвуваат честа, да ја пренебрегнат совеста, да  ѝ попуштат на себичноста. Христос ги повикува прво да го бараат царството Божје и неговата праведност, но сатаната оди кај нив и вели: „Што и да е вистина во врска со вечниот живот, морате да ми служите мене за да постигнете успех во овој свет. Јас ја држам вашата среќа во свои раце. Можам да ви дадам богатство, задоволства, почести и среќа. Послушајте го мојот совет. Не дозволете да ве поведат некакви претстави, необични сфаќања за чесноста и за самопожртвуваноста. Јас ќе ви го подготвам патот.“ Така е измамено големо мноштво. Тие се согласуваат да живеат служејќи си себеси и сатаната е задоволен. Додека ги мами со надеж во световна власт, тој стекнува власт над душата. Меѓутоа, тој нуди нешто што не е негово и што наскоро ќе се одземе од него. Во замена за тоа тој со измама им ги одзема нивните права на наследство како Божји синови.

Сатаната го ставил под сомневање прашањето дали Исус е Божји Син. Кога конечно бил одбиен, имал доказ што не можел да го побие. Низ напатената човечка природа блеснала божествената природа. Сатаната немал сили да ѝ се противстави на наредбата. Грчејќи се од понижување и бес, бил присилен да се повлече од присуството на Откупителот на светот. Со тоа Христовата победа била целосна, како што бил целосен Адамовиот пад.

Така можеме и ние да му се противставиме на искушението и да го присилиме сатаната да се оддалечи од нас. Исус извојувал победа со покорност и со вера во Бога и, преку апостолот Тој ни вели: „Покорете му се на Бога, а противете му се на ѓаволот и тој ќе побегне од вас. Приближете му се на Бога, па и Тој ќе ви се приближи вам“ (Јаков 4,7.8). Ние сами не можеме да се ослободиме од силата на искушувачот; тој ја победил човечката природа и кога се обидуваме со сопствена сила да му се противставиме, ќе станеме плен на неговите стапици. Но „тврда кула е името Господово; кај него прибегнува праведникот и наоѓа засолниште“ (Мудри изреки 8,10). Сатаната се тресе и бега пред најслабата душа што наоѓа прибежиште во тоа силно име.

Кога непријателот се оддалечил, Исус, смртно блед и премален, паднал на земја. Небесните ангели го набљудувале судирот, гледајќи го својот сакан Заповедник додека поминувал низ неискажливи страдања за да создаде пат на спасение за нас. Тој го издржал испитот, поголем од оној што ние кога и да е ќе бидеме повикани да го издржиме. Ангелите сега му слу­желе на Божјиот Син додека лежел како оној што умира. Бил закрепнат со храна, утешен со веста дека Отецот го љуби и со уверувањето дека цело небо ја прославува неговата победа. Враќајќи се во живот, неговото големо срце сочувствувало со човекот и Тој поаѓа да го доврши делото што го почнал; да не се одмори додека непријателот не биде победен, а нашиот паднат човечки род откупен.

Цената за нашиот откуп не може да биде сфатена сè додека откупените не застанат со својот Откупител пред Божјиот престол. Додека пред нашите восхитени сетила ќе се развива славата на вечниот дом, ние ќе се сетиме дека Исус сето тоа го оставил заради нас, дека не станал само изгнаник од небесните дворови, туку дека заради нас се изложил на опасност од неуспех и од вечна загуба. Тогаш ќе ги положиме нашите круни пред неговите нозе и ќе запееме: „Достојно е Јагнето кое беше заклано да прими моќ , богатство, мудрост, сила, чест, слава и благослов“ (Откровение 5,12).

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest