Победа (прв дел)

“Тогаш ѓаволот го одведе во светиот град, го постави на врвот на храмот и му рече: ‘Ако навистина си Божји Син, скокни долу, зашто е напишано: Ќе им заповеда на своите ангели за тебе да те носат на раце за да не си ја удриш ногата на камен.’“

Сатаната сега претпоставува дека со Исуса се сретнал на своја почва. Итриот непријател сам ги изнесува зборовите што произлегле од Божјата уста. Тој сè уште се појавува како светлосен ангел и истакнува дека е запознат со Светото писмо и ја разбира смислата на она што е напишано. Како Исус порано што ја користел Божјата реч да ја поткрепи својата вера, искушувачот сега ја користи да ја поткрепи својата измама. Тој тврди дека само ја проверува Христовата верност, а сега ја фали неговата постојаност. Бидејќи Спасителот покажал доверба во Бога, сатаната бара од него да покаже уште некој друг доказ за својата вера.

Меѓутоа, на искушението повторно му претходи навестување на недоверба: „Ако навистина си Божји Син?“ Христос е искушаван да одговори на „ако“, но Тој не подлегнал ниту на најмалечко сомневање. Тој нема да го доведе својот живот во опасност за да му даде доказ на сатаната.

Искушувачот мислел дека ќе оствари предност поради Христовата човечка природа и ќе го наведе на претпоставка дека Бог ќе го сочува. Меѓутоа, иако сатаната може да нè мами на грев, тој не може да нè натера да сториме грев. Му рекол на Исуса: „Скокни долу”, знаејќи дека не може да го фрли долу, зашто Бог би се вмешал да го избави. Сатаната не можел да го присили Христа да скокне долу. Сè додека Христос не би се согласил со искушението, не би можел да биде победен. Ниту сите земни и пеколни сили не можеле да го натераат и во најмалечка мера да се оддалечи од волјата на својот Отец.

Искушувачот никогаш не може да нè присили да правиме зло. Тој не може да управува со умовите ако не се стават под негова контрола. Пред сатаната да ја примени својата сила врз нас, волјата мора да се согласи, верата мора да се откаже од своето надевање во Христа. Меѓутоа, секоја грешна желба што ја негуваме му овозможува упориште. Секоја точка во која не го постигнуваме божественото мерило претставува отворена врата низ која може да влезе да нè искушава и да нè уништи. Секој пропуст или пораз од наша страна му дава можност да му приговара на Христа.

Кога сатаната го наведувал ветувањето: „Им заповеда на своите ангели за тебе“, ги изоставил зборовите „да те чуваат на сите твои патишта“, односно на сите патишта што ги одбрал Бог. Исус одбил да скршне од патот на послушноста. Покажувајќи совршена доверба во својот Отец, Тој не сакал доброволно да се стави во положба во која би било потребно неговиот Отец да се вмеша за да го спаси од смртта. Тој би го присилил Провидението да дојде на помош и со тоа да пропуш и на луѓето да им даде пример на доверба и покорност.

Исус му објавил на сатаната: „Напишано е: ‘Не искушавај го својот Господ Бог.’“ Овие зборови им ги изговорил Мојсеј на синовите Израелови кога биле жедни во пустината и кога барале Мојсеј да им даде вода, извикнувајќи: „Дали е Господ меѓу нас или не?“ (2. Мојсеева 17,7). Бог за нив дејствувал чудесно, но сега, во неволја, се посомневале во него и барале доказ дека Тој е со нив. Во своето неверство сакале Бога да го стават на проба. Сатаната го присилувал Христа да постапи на ист начин. Бог веќе посведочил дека Исус е негов Син; а сега, да се бара доказ дека Тој е Божји Син, би било проверување на Божјата реч ­ искушавање на Бога. Така тоа би било кога би се барало она што Бог не го ветил. Тоа јасно би покажало недоверба и навистина би било проверување или искушавање на Бога. Ние нема да му ги изнесуваме нашите молби на Бога за да проверуваме дали ќе ја исполни својата реч, туку затоа што ќе ја исполни; не да проверуваме дали нè сака, туку затоа што нè сака. „А без вера не е можно да му се угоди на Бога, зашто оној што сака да му пристапи на Бога, мора да верува дека постои Бог и дека ги наградува оние што го бараат“ (Евреите 11,6). (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest