Осуден народ (втор дел)

(продолжува од претходниот ден) Христовото проклетство над смоквата ги изненадило учениците. Тоа им се чинело неспоиво со неговите патишта и дела. Често слушале како изјавува дека не дошол да го осуди светот, туку светот да може да се спаси преку него. Си спомнале за неговите зборови: „Синот човечки не дојде да ги уништи човечките животи, туку да ги спаси“ (Лука 9,56). Неговите прекрасни дела се сторени со цел да обноват, а никогаш не да уништат. Учениците го познавале само како обновител, како исцелител. Овој чин бил осамен. „Каква е неговата цел?“, се прашувале.

Бог „ужива да помилува“. „Тврдам јас, вели Господ, Господ, не ми е мило да умре безбожникот“ (Михеј 7,18; Езекил 33,11). За него уништувањето и изречувањето осуда „е необично дело“ (Исаија 28,21). Меѓутоа, во својата милост и љубов Тој го отстранува превезот од иднината и им го открива на луѓето резултатот на грешното живеење.

Проклетството изречено над смоквата било жива поука. Неродното дрво, веејќи се горделиво со своите лисја пред Христовото лице, било симбол на еврејскиот народ. Спасителот сакал да им ја објасни на своите ученици причината и неизбежноста на судбината на Израел. За оваа цел Тој дрвото го надарил со морални особини и го направил толкувач на божествената вистина. Евреите се држеле далеку, разликувајќи се од другите народи, тврдејќи дека му се покоруваат на Бога. Уживале негова посебна наклоност и тврделе дека се поправедни од секој друг народ. Меѓутоа, биле изопачени со љубов кон светот и со алчност за добивка. Се фалеле со знаење, но не ги познавале Божјите барања и биле полни со лицемерство. Како и неродното дрво, тие фаленички ги ширеле своите горделиви гранки, навидум раскошни, прекрасни за око, но немале никаков плод, „освен лисја“. Еврејската вера со својот величествен храм, со своите свети олтари, со своите свештеници во нивните облеки и со впечатливите обреди, навистина била убава по надворешен изглед, но ѝ недостигала понизност, љубов и човекољубие.

Сите стебла во овоштарникот со смокви немале плодови, но од дрвјата без лисја не се очекувало никаков плод и не предизвикувале никакво разочарување. Овие дрвја ги претставувале незнабошците. Биле лишени од побожноста, како и Евреите, но не тврделе дека му служат на Бога. Не се фалеле горделиво со својата побожност. Биле слепи за Божјите дела и патишта. Кај нив уште не стигнало времето за смокви. Сè уште го очекувале денот што ќе им донесе светлина и надеж. Евреите, кои примиле поголеми благослови од Бога, се сметале за поодговорни за злоупотребата на овие дарови. Предимствата со кои се фалеле само ја зголемувале нивната вина.

Исус гладен ѝ пристапил на смоквата за да најде храна. Така Тој дошол кај Израел, копнеејќи кај нив да најде плодови на праведноста. Им дал изобилни дарови за да можат да донесат плодови на благослов за светот. Дадена им е секаква можност и предимство, а за возврат од нив барал сочувство и соработка во неговото дело на милоста. Копнеел да види кај нив самопожртвуваност и сомилост, ревност за Бога и длабок копнеж за спасение на нивните ближни. Кога би го држеле Божјиот закон, би го извршиле истото несебично дело што го извршил Христос.

Меѓутоа, љубовта кон Бога и кон човекот била затемнета со горделивост и самоувереност. Навлекле на себе пропаст со тоа што одбиле да им служат на другите. Ризницата на вистината што им ја доверил Бог не му ја дале на светот. Од неродното дрво можеле да го согледаат и својот грев и неговата казна. Овената од проклетството на Спасителот, стоејќи исушена и спржена, сува до корен, смоквата укажувала на тоа што ќе стане еврејскиот народ кога Божјата милост ќе се повлече од него. Одбивајќи да го подели благословот со другите, тој нема повеќе ни да го прими. Господ вели: „Си пропаднал, Израеле“ (Осија 13,9).

Оваа опомена важи за сите времиња. Христовиот чин на проколнување на дрвото стои како опомена за сите цркви и христијани. Никој не може да живее според Божјиот закон ако не им служи на другите. Меѓутоа, има многу такви кои не живеат со милосрден, несебичен Христов живот. Некои што себеси се сметаат за одлични христијани, не сфаќаат во што се состои службата на Бога. Тие размислуваат и проучуваат како да си угодат себеси. Времето има вредност за нив само ако можат да собираат за себе. Во сите животни настани ова е нивна цел. Тие не им служат на другите, туку само себеси. Бог ги создал да живеат во свет во кој мора да се покаже несебична служба. Тој одредил на секој можен начин да им помагаат на своите ближни. Меѓутоа, нивното „јас“ е толку големо, што не можат да видат ништо друго. Не се поврзани со човештвото. Тие, кои живеат така само за себе, се слични на смоквата што имала убав надворешен изглед, но немала плод. Тие се придржуваат кон формата на побожноста, но без покајание и вера. Божјиот закон го почитуваат со зборови, но им недостига послушност. Зборуваат, но не прават. Во проклетството изречено над смоквата, Христос покажал колку е одвратно во неговите очи ова напразно претворање. Тој изјавува дека оној што греши јавно е помалку виновен од оној што му служи на Бога по име, а не раѓа никаков плод на негова слава. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest