Осуден народ (прв дел)

Христовото победоносно влегување во Ерусалим било бледа претслика на неговото доаѓање на небесните облаци со голема сила и слава среде победоносно славје на ангелите и радост на светите. Тогаш ќе се исполнат Христовите зборови упатени до свештениците и фарисеите: „Ви велам: отсега нема да ме видите додека не речете: ‘Благословен е Оној кој доаѓа во Господово име“ (Матеј 23,39). Во пророчкото видение, дадено на Захарија, е прикажан денот на конечната победа, а тој исто така ја видел и судбината на оние што го отфрлиле Христа при неговото прво доаѓање: „Ќе го гледаат Оној што го прободоа; ќе плачат над него како над единец, горко ќе го оплакуваат како првенец“ (Захарија 12,10). Христос однапред ја видел оваа сцена кога го набљудувал градот и плачел над него. Во блиското разурнување на Ерусалим го видел конечното уништување на народот кој бил виновен за крвта на Божјиот Син.

Учениците ја виделе омразата на Евреите кон Христа, но уште не виделе кон што води тоа. Уште не ја разбрале вистинската состојба на Израел, ниту ја сфатиле одмаздата што ќе се урне врз Ерусалим. Христос им го открил ова со значајна и очигледна поука.

Последниот повик упатен до Ерусалим бил напразен. Свештениците и поглаварите го чуле пророчкиот глас од минатото повторен низ ехото на мноштвото во одговорот на прашањето: Кој е тој?, но не го прифатиле како глас на Вдахновението. Со лутина и со чудење се обиделе да го смират народот. Среде мноштвото имало и римски офицери на кои непријателите Христа им го покажале како водач на бунт. Изјавиле дека тој ќе го заземе храмот и во Ерусалим ќе завладее како цар.

Меѓутоа, смирувачкиот Исусов глас за миг го стивнал бучното мноштво кога повторно објавил дека не дошол да воспостави земна власт, дека наскоро ќе отиде кај својот Отец и дека неговите тужители нема да го видат повеќе сè додека не дојде повторно во слава. Тогаш, предоцна за нивното спасение, тие ќе го признаат. Овие зборови Исус ги изговорил со тага и со голема сила. Римските офицери биле замолкнати и совладани. Нивните срца, иако биле туѓи за божественото влијание, биле поттикнати како никогаш порано. На благото, сериозно Исусово лице читале љубов, доброта и тивко достоинство. Биле поттикнати со изразот на наклоноста што не можеле да ја разберат. Наместо да го уапсат, тие биле склони на Исуса да му изразат своја почит. Свртувајќи се кон свештениците и поглаварите, ги обвинувале дека создаваат немири. Овие водачи, разочарани и поразени, со своите жалби се свртиле кон народот и налутено почнале да се расправаат со него.

Во меѓувреме Исус незабележано стигнал до храмот. Овде било сè тивко, зашто сцената на Маслинската гора го привлекла народот. Кратко Исус се задржал во храмот, набљудувајќи го со жалосен поглед. Потоа се повлекол со своите ученици и се вратил во Витанија. Кога народот го барал да го постави на престол, не можел да го најде.

Цела ноќ Исус поминал на молитва, а изутрината пак дошол во храмот. На својот пат поминал покрај еден овоштарник со смокви. Бил гладен. „Оддалеку виде една смоква, разлистена, па тргна кон неа, не ќе најде ли нешто, а кога втаса, не најде ништо освен лисја, зашто уште не беше време за смокви.“

Уште не било време за зрели смокви, освен на некои места, а за планинскиот крај околу Ерусалим можело навистина да се каже дека „уште не беше време за смокви“. Но во овоштарникот, каде што дошол Исус, едно дрво изгледало понапредно од другите. Тоа веќе било покриено со лисја. За смоквата природно е прво да се појави плод, а потоа лист. Затоа ова дрво, оваа смоква, наполно разлистена, ветувала и добро развиен плод. Но нејзиниот изглед измамувал. Откако ги пребарал нејзините гранки, од најниската до највисоката, Исус на неа „не најде ништо освен лисја“. Таа се состоела претежно од лисја што мамеле, и ништо повеќе.

Христос над неа изрекол клетва да се исуши. „Отсега довека никој да не касне плод од тебе!“ рекол. Следното утро, кога Спасителот и неговите ученици пак се наоѓале на пат кон градот, исушените гранки и олабавените лисја го привлекле нивното внимание. „Учителе“, рекол Петар, „погледни! Се исушила смоквава што ја проколна!“ (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest