„Одете и сите народи сторете ги мои ученици“ (шести дел)

(продолжува од претходниот ден) Во целокупното Христово дело се открива силата на љубовта и само ако со вера учествуваме во таа љубов, ќе бидеме орудија на неговото дело. Ако занемариме да се поврземе со божествената врска со Христа, струјата на животодавната сила не може во изобилни токови да тече од нас кон светот. Имало места во кои Спасителот, поради нивното неверство, не можел да стори многу и силни дела. Така и денеска неверството ја одделува Црквата од нејзиниот божествен Помошник. Таа слабо се придржува кон вечните стварности. Поради нејзиниот недостиг од вера Бог е разочаран и лишен од својата слава.

Само тогаш ако ја извршува задачата што ја поставил Христос пред неа, Црквата има ветување за негово присуство. Одете и научете ги сите народи, рекол Тој, „и еве, јас сум со вас во сите дни до крајот на светот“. Еден од првите услови за примање на неговата сила е земањето на неговиот јарем. Животот на Црквата зависи од нејзината верност во исполнувањето на Господовиот налог. Ако ја занемариме оваа задача, ние се изложуване на духовните слабости и на пропаст. Таму каде што нема активна служба за другите, љубовта исчезнува а верата потемнува.

Христос сака неговите проповедници да бидат воспитувачи на Црквата во делото на евангелието. Тие треба да ги поучуваат луѓето како да ги бараат и да ги спасат загубените. Но дали тие прават така? О колку малку има такви кои се трудат да разгорат искра на живот во Црквата која е готова да умре! За колку цркви, како болни јагниња, се грижат оние што би требало да ги бараат загубените овци! А истовремено милиони и милиони гинат без Христа.

Божествената љубов се раздвижила до своите недоловливи длабини заради луѓето, и ангелите се чудат набљудувајќи ја површната благодарност на оние што ја примаат толку големата љубов. Ангелите се чудат кога гледаат колку е слаба човековата почит кон таа божествена љубов. Небото негодува поради немарноста што се покажува кон душите на луѓето. Дали сакаме да дознаеме како гледа Христос на тоа? Како би се чувствувале таткото и мајката кога би знаеле дека нивното дете, загубено на мраз и снег, го заобиколиле и го оставиле да умре оние што можеле да го спасат? Зар не би биле длабоко ожалостени и мошне лути? Зар не би ги обвинувале тие убијци со гнев толку жежок како што се нивните солзи, со силен, колку што е нивната љубов? Страдањата на секој човек се страдања на Божје дете и оние што не му подаваат рака помошничка на својот ближен кој гине, предизвикуваат негов праведен гнев. Тоа е гневот на Јагнето. За оние што тврдат дека имаат заедница со Христа, а сепак се рамнодушни кон потребите на своите ближни, Тој ќе изјави на големиот суден ден: „Не знам од каде сте! Отстапете од мене сите вие што вршите неправда“ (Лука 13,27). (продолжува)

„Одете и сите народи сторете ги мои ученици“ (шести дел)
„Одете и сите народи сторете ги мои ученици“ (петти дел)
„Одете и сите народи сторете ги мои ученици“ (четврти дел)
„Одете и сите народи сторете ги мои ученици“ (трет дел)
„Одете и сите народи сторете ги мои ученици“ (втор дел)
„Одете и сите народи сторете ги мои ученици“ (прв дел)
Уште еднаш крај морето (четврти дел)
Уште еднаш крај морето (трет дел)
Уште еднаш крај морето (втор дел)
Уште еднаш крај морето (прв дел)

Pin It on Pinterest