Ноќ на езерото (трет дел)

(продолжува од претходниот ден) Во мигот кога мислеле дека се загубени, зрачок светлина открил таинствена силуета што им се приближува по водата. Меѓутоа, тие не сфаќаат дека тоа е Исус. Оној што им дошол на помош го сметале за непријател. Ги опфатил ужас. Рацете што цврсто ги држеле веслата со мускули како железо, сега ги испуштиле. Чамецот им е препуштен на милост и немилост на брановите; сите очи се насочени кон ова видение на човекот што оди по големите, пенливи бранови на зовриеното море.

Мислејќи дека тоа привидение е предзнак на нивното уништување, повикале во страв. Исус одел како да ќе ги заобиколи, но го препознале и го повикале преколнувајќи го да им помогне. Нивниот сакан Учител се свртил, неговиот глас го стивнал нивниот страв: „Охрабрете се, јас сум, не плашете се.“

Штом го сфатиле овој чудесен факт, Петар бил речиси вон од себе од радост. Како одвај да можел да поверува, извикнал: „Господе, ако си ти, заповедај да дојдам кај тебе по водава. А тој му рече: ‘Дојди!’“

Гледајќи во Исуса, Петар одел сигурно. Но, кога само задоволен се свртил кон своите другари во чамецот, неговите очи се одвоиле од Спасителот. Ветерот бил жесток. Брановите високо се издигнувале и се испречувале токму меѓу него и Учителот, и тој се исплашил. За миг Христос бил скриен од неговиот поглед и неговата вера се поколебала. Почнал да тоне. Но, додека силните бранови застрашувале со смрт, Петар ги подигнал очите над бесните бранови и, насочувајќ и ги кон Исуса, извикнал: „Господе, спаси ме!“ Исус веднаш ја фатил подадената рака, велејќи: „Маловерен, зашто се посомнева?“

Одејќи еден крај друг, додека раката на Петар почивала во раката на Учителот, заедно влегле во чамецот. Меѓутоа, Петар сега бил тивок и мирен. Немал причина да се фали пред своите другари; речиси го загубил животот поради неверството и самоувереноста. Кога го свртил погледот од Исуса, го загубил упориштето под нозете и потонал среде брановите.

Колку често и ние, кога ќе се најдеме во неволја, сме слични на Петар! Ги гледаме брановите, наместо нашите очи втренчено да ги држиме насочени кон Спасителот. Нашите чекори почнуваат да се лизгаат и надојдените води преминуваат преку нашите души. Исус не го повикал Петар да дојде кај него за да загине; Тој нас не нè повикува да го следиме за потоа да нè напушти. „Не бој се“, вели Тој, „зашто те откупив; те повикав по име: Ти си мој. Кога ќе поминуваш низ води, јас ќе бидам со тебе; или низ реки, нема да те потопат. Кога ќе поминуваш низ оган, нема да изгориш, и нема пламен да те обгори. Зашто јас сум Господ, Бог твој, Светец Израелов, Спасител твој“ (Исаија 43,1­3).

Исус го читал карактерот на своите ученици, знаел колку жестоко ќе биде искушана нивната вера. Во овој случај на морето сакал да му ги открие на Петар неговите сопствени слабости  да му покаже дека неговата сигурност лежи во постојаната зависност од божествената сила. Среде луњите на искушенијата ќе може сигурно да оди само ако во својата целосна несигурност во себе се потпре врз Спасителот. Во онаа точка во која мислел дека е силен, Петар бил слаб; и сè додека не ја сфатил својата слабост, не можел да ја разбере својата потреба на зависност од Христа. Кога би ја научил поуката што сакал Исус да му ја даде со тоа искуство на морето, не би претрпел неуспех кога го стигнало големото искушение.

Од ден на ден Бог ги поучува своите деца. Со приликите од секојдневниот живот ги приготвува да ја одиграат својата улога на пошироката сцена што ја одредило неговото провидение. Резултатот на секојдневните проби ќе ја одреди нивната победа или пораз во големата животна криза.

Оние што не ќе успеат да ја сфатат својата постојана зависност од Бога, ќе подлегнат во искушението. Ние можеме да претпоставуваме дека нашите нозе сега стојат цврсто и дека никогаш нема да бидеме поместени. Можеме со доверба да кажеме: Знам кому му верував; ништо не може да ја поколеба мојата вера во Бога и во неговата Реч. Меѓутоа, сатаната се обидува да ги искористи нашите наследени и стекнати црти на карактерот и да ни ги заслепи очите за да не ги видат нашите потреби и мани. Ние можеме да одиме сигурно само ако сме свесни за нашите слабости и ако постојано гледаме во Исуса.

Кога Исус го зазел своето место во чамецот, ветерот престанал „и лаѓата веднаш се најде на брегот каде што одеа“. По ужасната ноќ , осамнала светлина. Учениците и другите што биле во чамецот паднале пред Исусовите нозе со благодарни срца, велејќи: “„Навистина ти си Син Божји!“

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest