Никодим (втор дел)

(продолжува од претходниот ден) Никодим ги слушал проповедите на Јована Крстителот за покајанието и крштавањето, со чија помош Јован му укажувал на народот на Оној што ќе крштава со Свети Дух. И самиот тој сметал дека на Евреите им недостига духовност и дека во голема мера со нив управуваат лицемерство и жед за световна слава. Се надевал дека со доаѓањето на Месија ќе настане подобра состојба. Сепак, веста на Јована Крстителот, која ги натерала луѓето да го испитуваат срцето, не успеала да го осведочи него (Никодима) за сопствениот грев. Тој бил строг фарисеј и се гордеел со своите добри дела. Бил надалеку почитуван поради својата дарежливост и великодушност кон службата во храмот, чувствувајќи сигурност дека си ја заработил Божјата наклоност. Го вознемирувала мислата за царството кое е толку чисто што тој во својата сегашна состојба не може да го наследи.

Исусовиот сликовит приказ на преродувањето не му бил сосема непознат на Никодима. Обратениците од незнабоштво, кои ја прифаќале израелската вера, често се споредувани со штотуку родени деца. Морал да сфати дека Исусовите зборови не треба да ги толкува буквално. Меѓутоа, врз основа на своето израелско потекло, верувал дека нему му е загарантирано едно место во Божјето царство. Сметал дека нему не му е потребна никаква промена и затоа го изненадиле зборовите на Спасителот. Бил погоден со нивната непосредна примена на него. Фарисејската гордост се борела против искрената желба на човекот што ја барал вистината. Се чудел што Христос разговара со него не почитувајќи ја неговата положба како поглавар во Израел.

Изненаден и не владеејќи со себе, му одговорил на Христа иронично: „Како може човек да се роди кога е стар?“ Како и многумина други, кога пламената вистина ќе допре до совеста, и тој го открил фактот дека телесниот човек не го прима она што е од Божјиот Дух. Кај него не постои ништо што одговара на духовните работи, зашто духовните работи духовно се разгледуваат.

Меѓутоа, Спасителот на доказот не одговорил со доказ. Подигнувајќи ја својата рака со свечено и тивко достоинство, со уште поголема сигурност ја истакнал вистината: „Вистина, вистина, ти кажувам, ако некој не се роди со вода и со Светиот Дух, тој не може да влезе во царството Божје.“ Никодим знаел дека Христос зборува за крштавање со вода и за обновување на срцето со Божјиот Дух. Бил уверен дека се наоѓа во присуство на Оној што го преткажал Јован Крстителот.

Исус продолжил: „Роденото од тело, тело е, а роденото од Духот, дух е.“ По природа срцето е лошо и „кој ќе го извади чистото од нечисто? Никој“ (Книгата за Јов 14,4).

Никаков човечки изум не може да најде лек за човечката душа. „Стремежот на телото е непријателство против Бога, зашто не му се покорува на Божјиот закон ниту пак може.“ „Зашто од срцето произлегуваат лоши мисли, убиства, прељуби, блудство, кражби, лажни сведоштва, пцости“ (Римјаните 8,7; Матеј 15,19). Изворот во срцето мора да биде очистен за да може и потокот да стане чист. Оној што се обидува да стигне на небото со свои сопствени дела, со држење на законот, се обидува да стори нешто што не е можно. Нема сигурност за оној што поседува само легалистичка религија, форма на побожност. Христијанскиот живот не е преправање или крпење на старото, туку преобразба на природата. Тоа значи умирање за своето „јас“ и за гревот и наполно нов живот. Оваа промена може да ја спроведе само Светиот Дух.

Никодим сè уште бил збунет, па Исус, за да ја прикаже својата мисла, ја употребил сликата на ветерот: „Ветерот дува каде што сака. Му го слушаш шумот, но не знаеш ниту од каде доаѓа ниту каде оди. Така е и со секој човек што е роден од Духот.“

Ветерот се слуша во гранките на дрвјата, предизвикувајќи шум на лисјата и цутовите. Но сепак е невидлив и никој не знае од каде доаѓа и каде оди. Така е и со дејствувањето на Светиот Дух во срцето. Новото раѓање не може да се објасни подобро отколку со движењето на ветерот. Некој можеби не може точно да го одреди времето и местото или да ги утврди сите околности во текот на своето преобраќање, но тоа не е доказ дека тој не е преобратен.

Христос постојано работи врз срцето со сила што исто така е невидлива како и ветерот. Малку по малку, можеби несвесно за оној што ги прима, настануваат впечатоци што ја привлекуваат душата кон Христа. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest