(продолжува од претходниот ден) Впечатоците се примаат со размислување за Христа, со читање на Светото писмо или со директно слушање на зборови на жив проповедник. А потоа, наеднаш, кога Духот ќе упати непосреден повик, душата радосно му се предава на Исуса. Мнозина ова го нарекуваат ненадејно преобраќање, но тоа е резултат на многубројните повици од Божјиот Дух на стрплив, долготраен процес.
Иако невидлив, дејствувањето на ветерот се гледа и се чувствува. Така и дејствувањето на Духот во душата ќе се покаже во секое дело на оној што ја почувствувал неговата спасоносна сила. Кога Божјиот Дух ќе го освои срцето, Тој го преобразува и животот. Грешните мисли се отфрлаат, лошите дела се напуштаат; местото на гневот, зависта и кавгите го заземаат љубов, понизност и мир. Местото на жалоста ја зазема радост и лицето свети со небесна светлина. Никој не ја гледа раката што го зема товарот ниту ја забележува светлината што слегува од небесните дворови. Благослов доаѓа тогаш кога душата со вера му се покорува на Бога. Тогаш силата, невидлива за човечкото око, создава ново создание според Божјиот лик.
На ограничените умови не им е можно да го сфатат делото на откупувањето. Неговата тајна го надминува човечкото сознание; сепак, оној што преминува од смртта во живот сфаќа дека тоа е божествена стварност. Почетокот на откупувањето овде можеме да го дознаеме од лично искуство. Неговиот резултат допира до вечни времиња.
Додека Исус зборувал, умот на овој поглавар делумно бил осветлен со зраците на вистината. Во неговото срце се чувствувало влијанието на Светиот Дух што омекнува и покорува. Сепак, не ги разбирал во целост зборовите на Спасителот. Тој не бил толку опфатен со потребата од ново раѓање колку со начинот како се постигнува тоа. Со чудење рекол: „Како може да биде тоа?“
„Ти си истакнат учител во Израел, и тоа не го разбираш!“ рекол Исус. Секако, на човекот, на кого му е доверено верско поучување на народот, не би смеело да му бидат непознати толку важни вистини. Со тоа Исус на Никодима му упатил поука со цел да не се чувствува повреден со едноставните зборови на вистината, туку да има скромно мислење за себе поради своето духовно незнаење.
Сепак, Христос зборувал со толку свечено достоинство, а погледот и бојата на гласот изразувале толку сериозна љубов, што Никодим не се навредил кога ја сфатил својата понижувачка состојба.
Меѓутоа, кога Исус објаснил дека негова задача на земјата е да воспостави духовно, а не привремено царство, неговиот слушател се вознемирил. Гледајќи го тоа, Исус додал: „Ако не ми верувате кога ви кажав земни работи, како ќе ми верувате ако ви зборувам за небесни?“ Ако Никодим не бил во состојба да го прифати Христовото учење што го прикажува делото на милоста во срцето, како ќе ја сфати природата на неговото славно небесно царство? Без разбирање на природата на Христовото дело на земјата, тој не ќе може да го разбере неговото дело на небото. (продолжува)