Никодим (петти дел)

(продолжува од претходниот ден) Како и Никодим, и ние мораме да бидеме готови да влеземе во вечен живот на ист начин како и најголемите грешници. Освен Исус, „нема друго име под небото дадено на луѓето со кое можеме ние да се спасиме“ (Дела 4,12). Божјата милост ја примаме со вера, но верата не е наш Спасител. Со неа не се стекнува ништо. Таа е рака со која се фаќаме за Христа и ги присвојуваме неговите заслуги ­ лекот за гревот. Без помош на Светиот Дух ние дури не можеме да се покаеме. Светото писмо кажува за Христа: „Него Бог го издигна со својата десница за поглавар и Спасител, да му даде на Израел покајание и проштавање на гревот“ (Дела 5,31). Покајанието доаѓа од Христа исто толку сигурно колку и проштавањето.

Тогаш како ќе се спасиме? „Како Мојсеј што подигна змија во пустината“, така е подигнат Синот човечки за секој што е измамен или каснат од змијата да може да погледне и да живее. „Еве го Јагнето Божје кое ги зема на себе гревовите на светот“ (Јован 1, 29). Светлината што свети од крстот ја открива Божјата љубов. Неговата љубов нè привлекува кон него. Ако не му се противставиме на ова привлекување, ќе бидеме доведени во подножјето на крстот со покајание за гревовите што го распнале Спасителот. Тогаш Божјиот Дух преку верата создава нов живот во душата. Мислите и желбите ја исполнуваат Христовата волја. Срцето и умот се обновуваат според ликот на Оној што дејствува во нас да си покори сè себеси. Тогаш Божјиот закон е напишан во умот и во срцето и со Христа можеме да кажеме: „Мило ми е да ја творам волјата твоја, Боже мој“ (Псалм 40,8).

Во разговорот со Никодима Исус го отворил планот на спасението и својата мисија за светот. Ниту во еден разговор Тој не го објаснил веќе толку целосно, чекор по чекор, делото што мора да се оствари во срцата на сите што ќе го наследат небесното царство. На самиот почеток на својата служба вистината му ја открил на еден член на Синедрионот, на умот што бил најприемчив и на истакнатиот учител на народот. Меѓутоа, водачите на Израел не ја примиле радо оваа светлина. Никодим ја скрил вистината во своето срце и три години малку имало видлив плод.

Исус добро ја познавал почвата на која го фрлил семето. Зборовите изговорени ноќе пред еден слушател на осамената гора не биле загубени. Извесно време Никодим не го признавал јавно Христа, туку го посматрал неговиот живот и размислувал за неговото учење. На советите на Синедрионот повеќе пати ги осуетувал плановите на свештениците да го уништат. Кога Исус најпосле бил подигнат на крст, Никодим се сетил на учењето од Маслинската гора: „Како Мојсеј што подигна змија во пустината, така мора да биде подигнат Синот човечки, за секој што верува во него да има живот вечен.“ Светлината на тој таинствен разговор го осветлила крстот на Голгота и Никодим во Исуса го видел Откупителот на светот.

По Господовото вознесение, кога учениците се расеале поради прогонството, Никодим решително истапил напред. Го употребил своето богатство поддржувајќи ја младата Црква за која Евреите очекувале да биде уништена со Христовата смрт. Кога се појавила опасност, тој, кој бил толку претпазлив и сомничав, бил цврст како карпа, храбрејќи ја верата на учениците и давајќи средства за напредок на евангелието. Оние што порано го почитувале, сега го исмевале и го прогонувале. Станал сиромашен во земните добра, но не се поколебал во верата што се родила во него за време на ноќниот разговор со Исуса.

Никодим му предал на Јована извештај за овој разговор и тој со своето перо го забележал за поука на милиони. Вистините што се изнесени тогаш и денеска се исто толку значајни колку што биле онаа свечена ноќ на темната гора, кога еврејскиот поглавар дошол да се распраша за патот на животот кај скромниот Учител од Галилеја.

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest