„Ние го најдовме Месија“ (петти дел)

(продолжува од претходниот ден) Никој не ќе ја осознае спасоносната вистина сè додека прифаќа водство на кој и да е човечки авторитет. Како и на Натанаила, и нам ни е потребно да ја проучуваме Божјата реч лично за себе и да се молиме за просветлување со Светиот Дух. Оној што го видел Натанаила под смоквата, ќе нè види и нас на нашето тајно место на молитва. Ангелите од светот на светлината се крај оние кои со понизност бараат божествено водство.

Со повикувањето на Јована, на Андреја, Симона, Филипа и Натанаила, почнува основувањето на христијанската црква. Јован два свои ученика упатил кај Христа. Тогаш еден од нив, Андреја, го нашол својот брат и го повикал кај Спасителот. Потоа е повикан Филип, а тој отишол да го бара Натанаила. Овие примери треба да нè поучат за значењето на личните напори да им упатуваме непосредни повици на нашите роднини, пријатели и соседи. Постојат такви кои цел живот тврдат дека го познаваат Христа, а никогаш не вложиле никаков личен напор да доведат макар една душа кај Спасителот. Тие сета работа му ја препуштаат на проповедникот. Тој може да биде добро оспособен за својот позив, но не може да го стори она што Бог го оставил да го свршат верниците на црквата.

Постојат многу такви на кои им е потребна служба што произлегува од христијански срца полни со љубов. Мнозина пропаднале, а можеле да бидат спасени, кога нивните соседи, обични мажи и жени, би вложиле личен напор за нив. Мнозина чекаат да бидат лично ословени.

Во секое семејство, соседство, град, таму каде што живееме, постои работа што треба да ја свршиме како Христови мисионери. Ако сме христијани, оваа работа ќе биде радост за нас. Штом некој ќе се преобрати, кај него се раѓа желба и другите да ги запознае со тоа каков драгоцен пријател нашол во Исуса. Спасоносната и посветувачка вистина не може да биде затворена во неговото срце.

Сите што му се посветиле на Бога ќе бидат канали на светлината. Бог ќе ги стори свои посредници на другите да им го објават богатството на неговата милост. Неговото ветување: „Нив… ќе ги сторам благослов, и ќе им дадам дожд на време, и тоа ќе биде дожд на благослови“ (Езекил 34,26).

Филип му рекол на Натанаила: „Дојди и види!“ Тој не барал од него да види туѓо сведоштво, туку самиот да го посматра Христа. Сега, кога Исус се вознел на небото, неговите ученици се негови претставници меѓу луѓето, и еден од најделотворните начини за придобивање на души за него е со пример да се покаже неговиот карактер во својот секојдневен живот. Нашето влијание врз другите зависи не толку од тоа што ќе кажеме колку од тоа кои сме. Луѓето можат да ја побиваат и да ја отфрлат нашата логика, тие можат да им се противставуваат на нашите повици, но животот на несебична љубов е доказ што не можат да го побијат. Доследниот живот, обележан со Христова кротост, е сила во овој свет.

Христовото учење било израз на длабоко осведочување и искуство и оние што се учат од него стануваат учители според божествениот пример. Божјата реч што ја изговара оној кој и самиот е посветен со неа, поседува животодавна сила што ја прави привлечна за слушателите и ги осведочува дека таа е жива стварност. Кога човекот ќе ја прими вистината, тој, од љубов кон неа, истата ќе ја открие со убедливоста на своето однесување и со начинот на својот говор. Тој го објавува она што самиот го чул, што го видел и го дознал од Речта на животот, така што и другите можат да имаат заедница со него преку познавањето на Христа. Неговото сведоштво, што произлегува од усните допрени со жив жар од олтарот, е вистина за приемчивото срце која го посветува карактерот.

Оној што настојува да им пренесе светлина на другите, и самиот ќе биде благословен. „Тоа ќе биде дожд на благослови.“

„Тој што напојува други, и самиот ќе биде напоен„ (Мудри изреки 11,25). Бог би можел да ја постигне својата цел: да ги спаси грешниците без наша помош; но, за да развиеме карактер сличен на Христовиот, мораме да учествуваме во неговата работа. За да учествуваме во неговата радост ­ во радоста да ги видиме душите откупени со неговата жртва ­ мораме да учествуваме во неговите напори за нивниот откуп.

Првиот израз на верата на Натанаила, толку силен, сериозен и искрен, звучел како музика во Исусовите уши. „А Исус во одговор му рече: ‘Дали веруваш поради тоа што ти реков дека те видов под смоквата? Ќе видиш и поголеми нешта од тоа.’“ Спасителот со радост го очекувал своето дело што се состоело од проповедање на добри вести на кротките, од преврзување на ранетите срца и од објавување на слобода на заробените од сатаната. Имајќи ги на ум драгоцените благослови што им ги донел на луѓето, Исус додал: „Вистина, вис тина ви велам: отсега ќе ги гледате небесата отворени и Божјите ангели како се искачуваат и слегуваат по Синот човечки.“

Всушност овде Христос рекол: На брегот на Јордан небото беше отворено и Духот слезе врз мене како гулаб. Таа сцена потврди дека јас сум Божји Син. Ако ме прифатите како таков, вашата вера ќе оживее. Вие ќе видите дека небесата се отворени и дека никогаш нема да се затворат. Ги отворив за вас. Божјите ангели се качуваат носејќи му ги на Отецот молбите на неволните и ујадените и слегуваат носејќи им благослов, надеж, охрабрување, помош и живот на синовите човечки.

Божјите ангели постојано се во движење меѓу земјата и небото и небото и земјата. Христовите чуда за ујадените и измачените биле сторени со Божја сила преку службата на ангелите. Секој благослов од Бога ни доаѓа преку Христа низ службата на неговите небесни весници. Земајќи на себе човечка природа, нашиот Спасител своите интереси ги соединил со интересите на паднатите Адамови синови и ќерки, додека со својата божествена природа се држел за Божјиот престол. На тој начин Христос е посредник меѓу луѓето и Бога и меѓу Бога и луѓето.

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest