„Ние го најдовме Месија“ (четврти дел)

(продолжува од претходниот ден) Кога Јован и Андреја би поседувале дух на неверство како свештениците и поглаварите, не би се нашле како ученици крај Исусовите нозе. Тие би дошле кај него како критичари за да ги осудат неговите зборови. Мнозина на тој начин ја затвораат вратата за најдрагоцените прилики. Овие први ученици не постапиле така. Тие го прифатиле повикот на Светиот Дух преку проповедањето на Јована Крстителот. Сега го препознале гласот на небесниот Учител. За нив Исусовите зборови биле полни со свежина, со вистина и убавина. Учењето на Писмото на Стариот завет било осветлено со божествена светлина. Повеќекратните теми на вистината се појавиле во нова светлина.

Понизноста, верата и љубовта го подготвуваат умот за примање на небесна мудрост. Верата што се покажува низ љубовта е клуч на знаењето и секој што љуби „го познава Бога“ (1. Јованово 4,7).

Ученикот Јован бил човек со искрени и длабоки чувства, ревносен но мисловен. Тој почнал да ја разликува Христовата слава ­ не световниот раскош и моќ , како што го учеле ­ туку „славата што ја има како единороден од Отецот ­ полн со милост и вистина“ (Јован 1,14). Бил проникнат со размислување за оваа чудесна тема.

Андреја сакал да ја подели радоста што ја чувствувал во срцето. Го нашол брата си Симона и извикнал: „Ние го најдовме Месија.“ Симон не чекал друг повик. Тој исто така го слушал проповедањето на Јована Крстителот и побрзал кај Спасителот. Христовиот поглед се задржал на него, читајќи го неговиот карактер и историјата на неговиот живот. Неговата пргава природа, неговата љубов, срце што сочувствува, неговото честољубие и самоувереност, историјата на неговиот пад, неговото покајание, неговата макотрпна работа и неговата маченичка смрт ­ сето тоа Спасителот го прочитал и рекол: „Ти си Симон, син Јованов; ти ќе се викаш Кифа (што значи камен).“

„Утредента Исус реши да појде во Галилеја, но го сретна Филипа и му рече: ‘Следи ме!’“ Филип го послушал налогот и веднаш станал Христов работник.

Филип го повикал Натанаила. Тој бил среде мноштвото кога Крстителот Исуса го нарекол Јагне Божје. Кога Натанаил го погледнал Исуса, се разочарал. Дали овој човек, што носел знаци на макотрпна работа и сиромаштво, може да биде Месија? Сепак, Натанаил не можел да го отфрли Исуса, зашто веста на Јована донела цврсто уверување во неговото срце.

Во времето кога го повикал Филип, Натанаил се повлекол во една тивка градина да размислува за веста на Јована и за пророштвата за Месија. Се молел да му се открие дали Оној што го најавил Јован е Ослободителот, а Светиот Дух се излеал врз него, осведочувајќ и го дека Бог е среде својот народ и дека подигнал за него рог на спасение. Филип знаел дека неговиот пријател ги истражува пророштвата и дека Натанаил се молел под една смоква, па тој го открил неговото засолниште. Често заеднички се молеле на ова осамено место скриено среде лисје.

Веста „Го најдовме Оној за кого пишуваше Мојсеј во законот, а исто така и пророците“, на Натанаила му се сторила како непосреден одговор на неговата молитва. Филип сè уште имал колеблива вера. Тој сомничаво додал: „Тоа е Исус, синот на Јосифа од Назарет.“ Повторно во срцето на Натанаила се појавила предрасуда. Извикнал: „Може ли од Назарет да излезе нешто добро?“

Филип не се впуштал во никаква расправа. Рекол: „Дојди и види. Исус виде како му се приближува Натанаил, и рече за него: ‘Еве вистински Израелец, во кого нема лукавство.’“ Изненаден, Натанаил извикнал: „Од каде ме познаваш? Исус му од говори: ‘Уште пред да те повика Филип те видов кога беше под смоквата.’“

Тоа било доволно. Божествениот Дух, кој му сведочел на Натанаила во неговата осамена молитва под смоквата, сега му зборувал низ Исусовите зборови. Иако сомничав и склон кон предрасуди, Натанаил дошол кај Христа со искрена желба за вистината, и сега неговата желба е исполнета. Неговата вера ја надминала верата на оној што го довел кај Исуса. Тој одговорил и рекол: „Рави, ти си Син Божји, ти си цар Израелов.“

Кога Натанаил би имал доверба во водството на рабините, никогаш не би го нашол Исуса. Тој станал ученик затоа што сам набљудувал и расудувал. Така е тоа и денеска во животот на мнозина што предрасудите ги задржуваат да го прифатат доброто. Колку различен би бил резултатот кога „би дошле и виделе“! (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest