„ Не е ли овој синот на дрводелецот“ (прв дел)

Над светлите денови на Христовата работа во Галилеја се надвива сенка. Луѓето од Назарет го отфрлиле, велејќи: „Не е ли овој синот на дрводелецот?“ (Матеј 13,55).

За време на своето детство и младост Исус меѓу своите браќа во назаретската синагога учествувал во богослужението. Од почеток на својата работа не бил со нив, но тие знаеле што се случувало со него. Кога повторно се појавил во нивната средина, нивното интересирање и нивните очекувања кулминирале. Тоа биле познати лица од неговото детство. Овде била неговата мајка, неговите браќа и сестри, и кога влегол во синагогата во сабота и го зазел своето место меѓу учесниците на богослужението, сите очи се насочиле кон него.

Во редовната служба тој ден старешината читал од пророците и го храбрел народот сè уште да се надева дека ќе дојде Оној кој ќе воспостави славно владеење и ќе скрши секое на силство. Се обидел да ги охрабри своите слушатели изнесувајќи докази дека доаѓањето на Месија е близу. Ја опишувал славата на неговото доаѓање, истакнувајќи ја мислата дека ќе се појави на чело на војска што ќе го ослободи Израел.

Кога во синагогата бил присутен рабин, од него се очекувало да држи проповед, а од пророците можел да чита кој и да е Израелец. Оваа сабота Исус е замолен да учествува во службата. Тој „стана да чита. Му ја подадоа книгата на пророк Исаија“ (Лука 4,16.17). Според тогашното сфаќање, текстот што го прочитал бил еден од оние што се однесувале на Месија:

„Врз мене почива Духот Господов, зашто ме помаза и ме прати да им донесам радосна вест на бедните; да им навестам ослободување на заробените и враќање вид на слепите; да ги ослободам угнетените и да ја навестам благопријатната година на Господовата милост. Потоа ја затвори книгата, му ја врати на слугата па седна, а очите на сите во синагогата беа насочени кон него… Сите му одобруваа и им се восхитуваа на благодатните зборови што излегуваа од неговата уста“ (Лука 4,18­22).

Исус стоел пред народот како жив толкувач на пророштвата што зборувале за него. Објаснувајќи ги зборовите што ги прочитал, зборувал за Месија како помагач на угнетените, ослободител на заробените, исцелител на болните, како Оној што ќе им го врати видот на слепите и на светот ќе му ја откри е светлината на вистината. Неговото влијателно постапување и чудесното значење на неговите зборови ги проникнувале слушателите со таква сила каква што никогаш порано не почувствувале. Плимата на божественото влијание уривала секоја пречка и, како и Мојсеј, го гледале Невидливиот. Бидејќи нивните срца биле поттикнати од Светиот Дух, одговориле со сесрдно „амин“ и со пофалби кон Господа.

Меѓутоа, кога Исус изјавил: „Денеска се исполни ова Писмо што го чувте со вашите уши“, одненадеж биле поттикнати да мислат за себе и за тврдењата на Оној што им се обратил. Тие, Израелци, деца Аврамови, биле прикажани како да се наоѓаат во ропство. Веста им била упатена како на заробеници што чекаат да се ослободат од силата на злото, како оние што се во темнина и на кои им е потребна светлината на вистината. Нивната гордост била повредена, а поттикнати стравувања. Исусовите зборови укажале на тоа дека неговата задача за нив е наполно различна од она што го сакале. Нивните дела можат да бидат испитувани непосредно. И покрај нивната точност во надворешното вршење на обредите, го избегнувале испитувањето на тие бистри, проникливи очи.

Кој е овој Исус? се прашувале. Тој, кој полага право на славата на Месија, бил син на дрводелец и работел занает со својот татко Јосиф. Го гледале како напорно работи, искачувајќи и спуштајќи се низ брекчињата; ги познавале неговите браќа и сестри и неговиот живот и работа. Го посматрале неговиот развиток и премин од детството во младост, и од младоста во мажевен период. Иако неговиот живот бил беспрекорен, не можеле да веруваат дека Тој е Ветениот. (продолжува)

„Да не се вознемирува вашето срце“ (шести дел)
„Да не се вознемирува вашето срце“ (петти дел)
„Да не се вознемирува вашето срце“ (четврти дел)
„Да не се вознемирува вашето срце“ (трет дел)
„Да не се вознемирува вашето срце“ (втор дел)
„Да не се вознемирува вашето срце“ (прв дел)
„За мој спомен“ (четврти дел)
„За мој спомен“ (трет дел)
„За мој спомен“ (втор дел)
„За мој спомен“ (прв дел)

Pin It on Pinterest