На свадбена свеченост (втор дел)

(продолжува од претходниот ден) Во тоа време бил обичај свадбените свечености да траат по неколку дена. Овојпат, пред да заврши свеченоста, утврдено е дека се потрошило виното. Ова откритие предизвикало голема тревога и жалост. Било необично при една свеченост да нема вино, зашто тоа би укажувало на недостиг на гостољубивост. Како роднина на младенците, Марија помагала при подготовките на свеченоста и затоа му рекла на Исуса: „Немаат вино.“ Со овие зборови таа се обидела да му навести дека Тој можеби би можел да ги задоволи нивните потреби. Меѓутоа, Исус одговорил: „Што имам јас со тебе, жено? Уште не дошол мојот час.“

Овој одговор, иако изгледа остар, не бил студен или нељубезен. Начинот на кој Спасителот ѝ се обратил на својата мајка бил во сообразност со ориенталните обичаи. Таков одговор им се упатувал на лица на кои им се укажувала почит. Секое дело на Христовиот земен живот било сообразено со начелото што самиот го дал: „Почитувај ги таткото и мајката“ (2. Мојсеева 20,12). Во последното дело на нежност кон својата мајка на крстот Исус ѝ се обраќа на ист начин, препорачувајќи ѝ ја на грижа на својот најсакан ученик. И на свадбената свеченост и на крстот, љубовта ­ изразена во бојата на гласот, во погледот и во однесувањето ­ била верен толкувач на неговите зборови.

Кога бил момче, при посетата на храмот, кога пред неговите очи се открила тајната на неговото животно дело, Христос ѝ рекол на Марија: „Зар не знаевте дека јас морам да бидам во домот на мојот Отец?“ (Лука 2,49). Овие зборови верно го изразувале неговиот целокупен живот и служба. Сè му било подредено на ова дело, на големото дело на откупувањето што дошол да го изврши на светот. Сега ја повторил поуката. Марија била во опасност да поверува дека нејзиниот однос кон Исуса ѝ дава посебно право над него, во извесна мера да управува со него во неговата работа. Триесет години Тој нејзе ѝ бил син полн со љубов и послушен и неговата љубов не се изменила, но сега морал да мисли на она што му припаѓа на неговиот Отец. Како Син на Највисокиот и Спасител на светот, никакви земни врски не смееле да го одвратат од неговата мисија или да извршат влијание врз неговото однесување. Тој морал да биде слободен за да ја извршува Божјата волја. Ова е поука и за нас. Божјите барања се над човечките врски. Никаква земна привлечна сила не смее да ги одврати нашите нозе од патеката по која Тој нè повикал да одиме.

Единствената надеж за откуп на нашиот паднат човечки род лежи во Христа; Марија можела да најде спасение само во Божјето Јагне. Сама немала никакви заслуги. Нејзината поврзаност со Исуса не ја ставала во поинаква духовна врска со него од кое било друго човечко суштество. Тоа го покажале зборовите на Спасителот. Тој направил јасна разлика меѓу својата врска со неа, како Син човечки и како Божји Син. Нивната роднинска врска неа не ја ставила во рамноправна положба со него. Зборовите „Уште не е дојден мојот час“ укажуваат на фактот дека секое дело во Христовиот живот на земјата било исполнување на планот што постоел од вечни времиња. Пред да дојде на земјата, Исус го познавал овој план, совршен во сите подробности. Меѓутоа, додека одел меѓу луѓето, чекор по чекор бил воден со волјата на Отецот. Кога дошол одредениот час, Тој не се колебал да дејствува. Со иста покорност чекал да настапи тоа време. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest