На свадбена свеченост (шести дел)

(продолжува од претходниот ден) Исус ги поучувал своите ученици така што бил лично поврзан и се дружел со нив. Седејќи меѓу нив на падините, понекогаш крај морето или одејќи со нив по пат, ги поучувал и им ги откривал тајните на Божјето царство. Тој не држел говори како што прават луѓето денеска. Секаде каде што срцата биле отворени да ја прифатат божествената вест, Тој ги откривал вистините за патот на спасението. Не им наредувал на учениците да го прават ова или она, туку велел: „Ајде те по мене!“ На своите патувања низ селата и градовите ги водел со себе за да можат да видат како ги поучува луѓето. Нивните интереси ги поврзувал со своите, а тие се соединиле со него во работата.

Христовиот пример во поврзувањето со интересите на човештвото треба да го следат сите што ја проповедаат Божјата реч и сите што го примиле евангелието на неговата милост. Не треба да се откажеме од општествените врски. Не треба да се оградиме од другите. За да стигнеме до сите општествени слоеви, мораме да ги најдеме таму каде што се наоѓаат. Тие ретко сами ќе нè побараат. Срцата на луѓето не се трогнати со божествената вистина само од проповедална. Постои едно друго поле за работа, можеби поскромно, но и тоа е многу плодно. Се наоѓа во домот на обичните, како и во раскошните домови на големите луѓе, крај гостољубивата трпеза и на собирите за простодушно заедничко уживање.

Како Христови ученици, ние не треба да се мешаме со светот во неговите задоволства, да се соединиме со нив во бесмислиците. Таквите дружења можат да донесат само штета. Ние не смееме никогаш да го одобруваме гревот со нашите зборови или дела, со нашето молчење или со нашето присуство. Каде и да одиме, треба да го носиме Исуса во себе и да им ја откриеме на другите драгоценоста на нашиот Спасител. Меѓутоа, оние што се обидуваат да ја сочуваат својата вера криејќи се меѓу бетонски ѕидови, губат драгоцени прилики да прават добро. Со меѓучовечките врски христијанството доаѓа во допир со светот. Секој што примил божествено видело, треба да им го осветлува патот на оние што не ја познаваат Светлината на животот.

Сите треба да станеме Исусови сведоци. Моќта на дружењето, посветена со Христовата милост, мора корисно да се употреби во задобивањето на душите за Спасителот. Да му дозволиме на светот да види дека не сме себично окупирани со нашите лични интереси, туку дека сакаме и другите да ги делат нашите благослови и предимства. Нека видат дека нашата вера не нè прави нечувствителни или строги. Сите што исповедаат дека го нашле Христа, нека служат како што служел Тој ­ за добро на луѓето.

На светот не треба никогаш да му оставиме лажен впечаток дека христијаните се стушени, несреќни луѓе. Ако нашите очи се насочени кон Исуса, ќе го видиме сочувствителниот Откупител и ќе нè осветли светлината на неговата појава. Секаде каде што е присутен неговиот Дух, тука владее мир. Тука има и радост, зашто постои блага, света доверба во Бога.

Христос е задоволен од своите следбеници кога покажуваат дека, иако се само човечки суштества, учествуваат во божествената природа. Тие не се кипови, туку живи мажи и жени. Нивните срца, освежени со росата на божествената милост, се отвораат и се шират кон Сонцето на правдата. Светлината што ги осветлува се одбива од нив кон другите во делата што блескотат со Христова љубов.

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest