На свадбена свеченост (четврти дел)

(продолжува од претходниот ден) Христовиот дар на свадбената свеченост бил знаменитост. Водата го претставувала крштавањето во неговата смрт; виното ­ пролевањето на неговата крв за гревовите на светот. Водата со која се наполнети садовите ја донела човечка рака, но само Христовиот збор можел да ѝ даде животодавна сила. Така е и со обредите што укажуваат на смртта на Спасителот. Само со Христовата сила, која дејствува преку верата, тие успешно ја хранат душата.

Христовиот збор обезбедил вино потребно за свеченоста. Така обилно е обезбедена и неговата милост со која се бришат сите човечки беззаконија и со која се обновува и се крепи душата.

На првата свеченост, на која присуствувал со своите ученици, Исус им подал чаша што го претставувала неговото дело за нивното спасение. На последната вечера Тој повторно подал чаша, воспоставувајќи го тој свет обред што требало и понатаму да укажува на неговата смрт „додека не дојде“ (1. Коринќаните 11,26). Жалоста на учениците поради разделбата со својот Господ била ублажена со ветувањето за повторно соединување кога рекол: „Од сега нема да пијам од овој лозов плод сè до оној ден кога со вас ќе пијам нов во царството на мојот Отец“ (Матеј 26,29).

Виното што го создал Христос за свеченоста, како и она што им го дал на учениците како симбол на својата крв, било чист гроздов сок. Пророк Исаија мисли на ова кога зборува за новото вино „во гроздот“ и кога вели: „Не расипувај го, благослов е во него“ (Исаија 65,8). Христос во Стариот завет го предупредил Израел: „Виното понижува, ракијата скарува: безумник е тој што ним им се предава“ (Мудри изреки 20,1). Тој сам не се погрижил за таков вид пијалак. Сатаната ги искушува луѓето со попуштање што ќе го затемни разумот и ќе ги отапи духовните сетила, додека Исус нè учи да ја држиме под контрола пониската природа. Неговиот целокупен живот бил пример на самооткажување. За да ја скрши моќта на апетитот, Тој за нас издржал најтешко искушение што човечката природа може да го издржи. Христос му наредил на Јован Крстителот да не пие ниту вино ниту жестоки пијалаци. Тој ѝ наложил иста воздржаност и на жената на Маное. Тој изрекол проклетство над оној човек што би ставил шише на усните на својот ближен. Христос не ѝ противречи на својата сопствена наука. Непревриеното вино што го создал на свадбата било здрав и освежителен напиток. Неговото дејствување требало да го сообрази вкусот со здравиот апетит.

Кога гостите на свеченоста го забележале квалитетот на виното, почнале да се распрашуваат, а тоа ги поттикнало слугите да го опишат чудото. Друштвото извесно време било толку зачудено што и не размислило за Оној што го сторил ова чудес но дело. Најпосле, кога го побарале, утврдиле дека Тој нечујно се повлекол, без да го забележат и неговите ученици.

Друштвото своето внимание го насочило кон учениците. Тие сега првпат имале можност да ја искажат својата вера во Исуса. Тие раскажале што виделе и што чуле на Јордан, а тоа во многу срца разгорело надеж дека Бог му подигнал Избавител на својот народ. Вестите за чудото се рашириле низ целиот тој крај и стигнале до Ерусалим. Свештениците и старешините со ново интересирање ги истражувале пророштвата што укажувале на Христовото доаѓање. Се појавила топла желба повеќе да се дознае за мисијата на овој нов Учител што на толку ненаметлив начин се појавил среде народот.

Христовата служба била во упадлива спротивност со службата на еврејските старешини. Нивното почитување на преданијата и формализмот уништиле секоја вистинска слобода на мислење и дејствување. Живееле во постојан страв од обесветување. За да го избегнат допирот со „нечистите“, се држеле на растојание не само од незнабошците, туку и од мнозинството на својот сопствен народ, не сакајќи да му помогнат ниту да се спријателат со него. Занимавајќи се постојано со овие прашања, нивниот ум се спекол и нивниот животен видокруг се стеснил. Нивниот пример потхранувал саможивост и нетрпеливост меѓу сите народни слоеви. (продолжува)

 

 

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest