На празникот сеници (трет дел)

(продолжува од претходниот ден) Светот за Христа не бил место на спокојство и самоизвишување. Тој не чекал можност да ја пригрне неговата моќ и слава. Тој за него немал таква награда. Бил место на кое го пратил неговиот Отец. Тој бил даруван за живот на светот, да го оствари големиот план за откуп. Тој го остварувал своето дело за паднатиот човечки род. Меѓутоа, не смеел да биде непромислен ниту да брза во опасност, а уште помалку да ја забрзува казната. Секој настан во неговата работа имал свој одреден час. Тој морал стрпливо да чека. Знаел дека треба да прими омраза од светот, знаел дека неговата работа ќе му донесе смрт; но прерано да се изложи на тоа не би била волја на неговиот Отец.

Гласот за Христовите чуда се раширил од Ерусалим насекаде каде што биле расеани Евреите па, иако многу месеци не присуствувал на празниците, интересот за него не се намалил. Мнозина дошле од различни делови на светот на празникот Сеници со надеж дека ќе го видат. На почетокот на празникот мнозина се распрашувале за него. Фарисеите и поглаварите го очекувале да дојде со надеж дека ќе имаат можност да го осудат. Тие загрижено се распрашувале: „Каде е?“ Но никој не знаел. Во сите умови најважна мисла била мислата за него. Плашејќи се од свештениците и поглаварите, никој не се осмелувал да го признае за Месија, но насекаде се воделе тивки сериозни разговори за него. Мнозина го бранеле како Оној што го пратил Бог, додека други го прогласувале за измамник на народот.

Во меѓувреме Исус тивко стигнал во Ерусалим. Избрал една осамена патека по која ќе оди за да ги избегне патниците кои од сите страни се слевале кон градот. Кога би му се придружил на кој и да е карван што патувал на празникот, вниманието на сите при влегувањето во градот би било насочено кон него и манифестацијата на народното расположение кон него би ги поттикнала властите против него. Тоа требало да се избегне, па затоа избрал да патува сам.

За време на свеченоста, кога возбудувањето поради него достигнало врв, Тој среде мноштвото влегол во предворјето на храмот. Поради неговото отсуство од градот постоеле тврдења дека не се осмелува да дојде под власт на свештениците и поглаварите. Сите биле изненадени со неговото присуство. Замолкнал секој глас. Сите се восхитувале на достоинството и храброста на неговото држење среде моќните непријатели кои одвај чекале да му го одземат животот.

Стоејќи така во центарот на вниманието на силното мноштво, Исус им се обратил како што не го сторил тоа никогаш ниеден човек. Неговите зборови го откривале познавањето на законот и на Израеловите установи, на жртвените служби и на учењата на пророците, далеку надминувајќи го знаењето на свештениците и рабините. Тој проникнал низ пречките на формализмот и преданијата. Пред него како да се развиле сцените на идниот живот. Како Оној што го гледа Невидливиот, потполно сигурно зборувал за земното и небесното, за човечкото и божественото. Неговите зборови биле јасни и уверливи, и пак како во Капернаум народот бил восхитен со неговото учење: „Зашто неговата беседа беше силна“ (Лука 4,32). Со разни описи ги предупредил своите слушатели на несреќата што ќе ги стигне сите, зашто свесно ги одбиваат благословите што дошол да им ги донесе. Тој им дал секаков можен доказ дека дошол од Бога и вложил секаков напор што можел да ги доведе до покајание. Тој не би бил отфрлен и убиен од својот народ кога би можел да го спаси од вината за тоа дело.

Сите се восхитувале на неговото познавање на законот и пророштвата, а од еден до друг одело прашањето: „Од каде има олку големо знаење кога никогаш не учел?“ Се сметало дека никој не е подготвен да биде верски учител ако не учел во рабинските школи, па затоа и Исуса и Јована Крстителот ги прогласиле за неуки бидејќи не добиле такво образование. Оние што ги слушале биле изненадени со нивното познавање на Писмата, зашто ниеден од нив „не учел“. Навистина, од луѓето не го стекнале, но небесниот Бог бил нивни Учител и од него го примиле највозвишениот вид на мудрост. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest