На маслинската гора (трет дел)

(продолжува од претходниот ден) Спасителот дава знаци за своето доаѓање, а и повеќе од тоа, Тој го утврдува времето кога ќе се појави првиот од овие знаци: „Веднаш по страдањата во тие денови сонцето ќе потемни, месечината нема повеќе да свети, ѕвездите ќе паѓаат од небото и небесните сили ќе се растресат. Тогаш на небото ќе се јави знакот на Синот човечки. Тогаш ќе проплачат сите племиња на земјата и ќе го видат Синот човечки како доаѓа на небесни облаци, со сила и со голема слава. И Тој ќе ги прати своите ангели со силен глас на труба, а тие ќе ги соберат неговите избраници од четирите ветра, од едниот крај на небото до другиот.“

При крајот на големото папско прогонство, изјавил Христос, сонцето ќе се затемни и месечината нема да свети. Потоа од небото ќе паднат ѕвезди. Понатаму продолжува: „А од смоквата научете ја поуката! Кога нејзините гранки ќе смекнат и ќе потераат лисја, знаете дека летото е близу. Така и вие, кога ќе го видите сето тоа, знајте дека е близу, на прагот е!“ (Матеј 24,32.33).

Христос дал знаци за своето доаѓање. Тој изјавува дека ние можеме да знаеме кога е близу, непосредно пред врата. Тој зборува за оние што ги гледаат овие знаци: „Ова поколение нема да мине додека не се исполни сето тоа.“ Овие знаци се покажале. Сега сигурно знаеме дека Господовото доаѓање е близу. „Небото и земјата ќе поминат“, кажува Тој, „но зборовите мои нема да поминат.“

Христос ќе дојде на облаци и со голема слава. Ќе го придружува мноштво сјајни ангели. Тој ќе дојде да ги воскресне мртвите и да ги преобрази живите свети луѓе од слава во слава. Тој ќе дојде да ги прифати оние што го сакале и што ги држеле неговите заповеди и да ги земе кај себе. Не ги заборавил ниту нив ниту своето ветување. Алките на семејниот синџир пак ќе се соединат. Додека ги гледаме нашите починати, можеме да размислуваме за утрото кога ќе се огласи Божјата труба, „и мртвите ќе воскреснат нераспадливи, а ние ќе се преобразиме“ (1. Коринќаните 15,52). Уште малку па ќе го видиме Царот во неговата красота. Уште малку и Тој ќе ги избрише сите солзи од нашите очи. Уште малку и Тој ќе нè „постави непорочни пред својата слава со голема радост“ (Јуда 24). Поради тоа, давајќи ги знаците за своето доаѓање, рекол: „А кога ќе почне да се случува тоа, исправете се и поткренете ги главите, зашто наближува вашиот откуп.“

Меѓутоа, денот и часот на своето доаѓање Христос не ги открил. Тој јасно им кажал на своите ученици дека сам не може да го објави денот и часот на своето второ појавување. Кога би бил слободен да им го открие ова, зошто би требало да ги храбри постојано да чекаат? Има такви кои тврдат дека го знаат точниот ден и час на Господовото доаѓање. Тие мошне сериозно ги распоредуваат настаните во иднината. Но Господ ги предупредил да ја напуштат почвата на која стојат. Точното време на второто доаѓање на Синот човечки е Божја тајна.

Христос продолжува опишувајќи ја состојбата на светот пред неговото доаѓање: „Како што беше во Ноевите денови, така ќе биде и при доаѓањето на Синот човечки. Зашто како што во деновите пред потопот јадеа и пиеја, се женеа и мажеа до денот кога Ное влезе во ковчегот, и не сфатија додека не дојде потопот и однесе сè, така ќе биде и при доаѓањето на Синот човечки.“ Христос овде не изнесува земен милениум, илјада години, кога сите треба да се приготват за вечноста. Тој ни зборува за тоа дека, пред Синот човечки повторно да дојде, ќе настапи време кое ќе биде исто со времето на Ное.

Какво било времето на Ное? „Господ виде дека човечката расипаност на земјата е голема и дека секоја помисла во неговата памет е секогаш само злоба“ (1. Мојсеева 6,5). Жителите на претпотопниот свет се одвратиле од Јехова, одбивајќи да ја исполнуваат неговата света волја. Ја следеле својата грешна мечта и своите изопачени замисли. Уништени се поради своето беззаконие. А и денеска светот оди по ист пат. Тој не покажува никакви ласкави знаци на илјадагодишна слава. Престапниците на Божјиот закон земјата ја исполнуваат со зло. Нивните облози, нивните коњски трки, нивното коцкање, нивната распуштеност, нивниот развратен живот, нивните нескротени страсти, бргу го исполнуваат светот со насилство. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest