На маслинската гора (прв дел)

Христовите зборови упатени до свештениците и поглаварите: „Еве, пуст ви останува вашиот дом!“ (Матеј 23,38), предизвикале страв во нивното срце. Се правеле рамнодушни, но постојано размислувале за значењето на овие зборови. Изгледало како да им се заканува некоја невидлива опасност. Дали е можно овој величествен храм, со кој се гордеел целиот народ, наскоро да стане толпа урнатини? И учениците го претчувствувале злото и неспокојно очекувале многу поодреден Исусов исказ. Додека излегувале со Исуса од храмот, му обрнале внимание на неговата стабилност и убавина. Камењето на храмот биле од најчист мермер, совршено бели, а некои од нив со исклучителна големина. Еден дел од ѕидот ѝ преодолеал на опсадата на војската на Навуходоносора. Совршено изграден, изгледал како единствен камен, цел изваден од каменолом. Учениците не можеле да сфатат како можат да бидат урнати тие силни ѕидови.

Што можел да мисли Отфрлениот, додека неговото внимание било насочувано кон величественоста на храмот. Сцената пред него навистина била извонредна, но Тој со тага рекол дека сето тоа го гледа. Зградите навистина се величествени. Вие покажувате на овие ѕидови како да се потполно неуништливи, но чујте ги моите зборови: Ќе дојде ден кога „нема да остане тука ниту камен на камен што не ќе биде урнат“.

Христовите зборови се изговорени пред голем број слушатели, но кога останал сам и седнал на Маслинската гора, му пристапиле Петар, Јован, Јаков и Андреја и го прашале: „Кажи ни кога ќе биде тоа и кој е знакот на твоето доаѓање и на крајот на светот?“ Исус на своите ученици не им одговорил изделувајќи го разурнувањето на Ерусалим од големиот ден на своето доаѓање. Описите на овие два настана ги здружил. Кога на своите ученици би им ги открил идните настани онака како и самиот што ги согледувал, тие не би можеле да ја поднесат таа сцена. Во својата милост кон нив го здружил описот на овие две големи кризи, препуштајќи им на учениците сами да го одредат значењето. Кога зборувал за разурнувањето на Ерусалим, неговите пророчки зборови допирале далеку зад овој настан, до конечното уништување во оној ден кога Господ ќе стане од своето место да го казни светот за неговото беззаконие, кога земјата ќе ја открие својата крв и нема повеќе да ги покрива убиените. Сето ова им е упатено не само на учениците, туку и на оние што ќе живеат во последните сцени од историјата на оваа земја.

Обраќајќи им се на учениците, Христос рекол: „Гледајте да не ве заведе никој, зашто мнозина ќе дојдат во мое име, говорејќи: ‘Јас сум Христос’, и ќе заведат мнозина.“ Ќе се појават многу лажни месии, тврдејќи дека прават чуда и ќе изјавуваат дека настапило времето за ослободување на еврејскиот народ. Тие ќе прелажат мнозина. Христовите зборови се исполниле. Меѓу неговата смрт и опсадата на Ерусалим се појавиле многу лажни месии. Меѓутоа, оваа опомена им е дадена и на оние што живеат и во овој век. Истите измами, што се правеле пред разурнувањето на Ерусалим, се правеле во текот на вековите и пак ќе се прават.

„Ќе чуете за војни и гласови за војни. Внимавајте да не се уплашите; зашто тоа треба да се случи, но тоа уште не е крајот.“ Пред разурнувањето на Ерусалим, луѓето се бореле за врховна власт. Убивани се цареви. Биле убивани оние за кои се претпоставувало дека се најблизу до престолот. Имало војни и гласови за војни. „Зашто тоа треба да се случи“, рекол Исус, „но тоа уште не е крајот. Зашто ќе се дигне народ против народ и царство против царство, и ќе има глад, помор и земјотреси на разни места. Но сето тоа е само почеток на родилните маки.“ Христос рекол дека, кога рабините ќе ги видат овие знаци, ќе ги прогласат за Божји суд над народите поради тоа што неговиот избран народ го држат во ропство. Тие ќе изјават дека овие знаци се обележја на доаѓањето на Месија. Немојте да дозволите да ве прелажат; тие се почеток на неговите судови. Луѓето гледале само на себе. Не се покајале и не се обратиле за јас да ги исцелам. Знаците што тие ги толкуваат како обележја на своето ослободување од ропството, се знаци за нивно уништување. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest