На маслинската гора (четврти дел)

(продолжува од претходниот ден) Во пророштвото за уништувањето на Ерусалим Христос рекол: „Беззаконието ќе земе замав и љубовта кај мнозина ќе се излади. Но кој ќе издржи до крај, ќе биде спасен. И ова евангелие за царството ќе се проповеда по сиот свет за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот.“ Ова пророштво повторно ќе се исполни. Силното беззаконие на тоа време потполно одговара на беззаконието во ова поколение. Така е тоа и со пророштвото за проповедање на евангелието. Пред паѓањето на Ерусалим, Павле, инспириран со Светиот Дух, објавува дека евангелието „му е објавено на секое создание под небото“ (Колошаните 1,23). Така и сега, пред доаѓањето на Синот човечки, вечното евангелие треба да му се проповеда „на секој народ, племе, јазик и род“ (Откровение 14,6.14). Бог „одредил ден во кој праведно ќе му суди на сиот свет“ (Дела 17,31). Христос ни кажува кога ќе дојде тој ден. Тој не кажува оти цел свет ќе се преобрати, туку дека „ова евангелие за царството ќе се проповеда по сиот свет за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот“. До нас стои со објавувањето на евангелието на светот да го забрзаме Господовото доаѓање. Ние не треба само да чекаме, туку и да го забрзаме доаѓањето на Божјиот ден (2. Петрово 3,12). Кога Христовата црква би ја извршила својата задача што ѝ била одредена како што заповедал Господ, цел свет до сега би бил опоменат и Господ Исус би дошол на нашата земја во сила и слава.

Кога ги опишал знаците на своето доаѓање, Христос рекол: „Така и вие, кога ќе видите дека ова се исполнува, знајте дека е близу царството Божје.“ „Бдејте и постојано молете се на Бога.“ Бог секогаш ги опоменувал луѓето за судовите што ќе дојдат. Оние што ѝ верувале на неговата вест за своето време и кои живееле според својата вера, послушни на неговите заповеди, ги избегнале осудите што ги стигнале непослушните и неверните. На Ное му дошла порака: „Влези во бродот ти и твоето семејство, зашто увидов дека ти си единствен праведен пред мене во ова време.“ Ное послушал и бил спасен. Лот добил вест: „Станете, напуштете го ова место, зашто Господ ќе го уништи овој град“ (1. Мојсеева 7,1; 19,14). Лот се ставил под заштита на небесните весници и бил спасен. Така и Христовите ученици добиле опомена за разурнувањето на Ерусалим. Оние што внимавале на знакот кој укажал на катастрофата го напуштиле градот и го избегнале уништувањето. Така и нам сега ни е дадена опомена за второто Христово доаѓање и за уништувањето што ќе дојде на светот. Тие што ќе го послушаат предупредувањето, ќе бидат спасени.

Затоа што не го знаеме точното време на неговото доаѓање, сме добиле налог да стражариме. „Блазе на оние слуги кои, кога ќе дојде господарот, ќе ги најде како бдеат“ (Лука 12,37). Тие што внимаваат на Господовото доаѓање, не чекаат напразно. Очекувањето на Христовото доаѓање треба да ги поттикне луѓето да се бојат од Господа и од неговата осуда на престапот. Тоа треба да ги разбуди да знаат колку е голем гревот да се отфрли неговата понуда на милоста. Луѓето што го очекуваат Господа ги чистат своите души со послушност кон вистината. Тие будното стражарење го соединуваат со сериозна работа. Затоа што знаат дека Господ е пред врата, нивната ревност станува делотворна во соработка со божествените сили во настојувањето да се спасат душите. Тоа се верни и мудри слуги кои на Господовиот дом му даваат „храна на време“ (Лука 12,42). Тие ја објавуваат вистината што посебно може да се примени на сегашното време. Како Енох, Ное, Аврам и Мојсеј што ја објавувале вистината за своето време, така сега Христовите слуги ќе му упатат посебна опомена на своето поколение.

Меѓутоа, Христос опишува и друга група. „Ако пак лошиот слуга рече во своето срце: ‘Мојот господар ќе се забави долго’, па почне да ги тепа своите сослужители, и да јаде и да пие со пијаниците, господарот на тој слуга ќе дојде во ден кога не очекува, и во час што не го знае.“

Лошиот слуга си вели во срцето: „Мојот господар ќе се забави долго.“ Тој не вели оти Христос нема да дојде. Тој не ја отфрла мислата за неговото второ доаѓање. Меѓутоа, во срцето, со своите постапки и зборови објавува дека Господовото доаѓање доцни. Тој од умовите на другите го потискува осведочувањето дека Господ бргу доаѓа. Неговото влијание луѓето ги води кон лажно, безгрижно одлагање. Тие се охрабрени во својата световност и нечувствителност. Со умот владеат земни страсти, расипани мисли. Лошиот слуга јаде и пие со пијаниците, се соединува со светот во барањето на задоволства. Тој ги тепа своите содругари, обвинувајќи и осудувајќи ги оние што му се верни на својот господар. Се меша со светот. Сличниот се изедначува со сличните во престапот. Тоа е страшно изедначување. Со светот тој е фатен во стапица. „Господарот на тој слуга ќе дојде во ден кога не очекува, и во час што не го знае, па ќе го расчеречи и ќе го стави меѓу лицемерите.“ (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest