„На еден од овие мои најмили браќа“ (трет дел)

(продолжува од претходниот ден) Сите можат нешто да сторат. „Сиромаси секогаш ќе имате крај себе“ (Јован 12,8), рекол Исус, и никој не би требало да мисли дека не постои место на кое не може да работи за него. Милиони човечки души, ограничени со оковите на незнаењето и гревот и кои никогаш не чуле за Христовата љубов кон нив, стојат на работ на пропаста. Кога би биле ние на нивно место, што би сакале тие да сторат за нас? Имаме нај света обврска да сториме за нив сè што е во наша моќ . Христовото правило на животот, според кое секој од нас ќе стои или ќе падне на судот, гласи: „Сè што сакате да ви прават луѓето вам, правете им и вие ним“ (Матеј 7,12).

Спасителот го дал својот драгоцен живот за да ја основе Црквата која ќе биде способна да се грижи за жалосните души што се во искушение. Заедницата на верните може да биде сиромашна, необразована и непозната, но во Христа тие можат да извршуваат работа во домот, во соседството, во црквата, па дури и во „други краишта“, чијшто резултат ќе биде далекусежен како вечноста.

Затоа што оваа работа се занемарува, мноштво млади ученици никогаш не напредуваат понатаму од суштата абецеда на христијанското искуство. Светлината што пламтела во нивното срце додека Исус им зборувал – Ти се проштаваат гревовите можеле да ја сочуваат помагајќи им на оние што се наоѓаат во неволја.

Неуморната сила, што толку често е извор на опасност за младите, може да се насочи во канали низ кои би потекла во река на благослови. „Јас“ би било заборавено во сериозната работа за добро на другите. Големиот Пастир ќе им служи на оние што им служат на другите. Тие ќе пијат од реката на животот и ќе ја угаснат жедта. Нема да се стремат кон возбудливи забави или кон некоја промена во својот живот. Најважен предмет на нивно интересирање ќе биде како да ги спасат душите што се наоѓаат пред пропаст. Нивните општествени допири ќе бидат корисни. Љубовта на Откупителот ќе ги привлече и ќе ги соедини срцата.

Кога ќе сфатиме дека сме Божји соработници, неговите ветувања нема да ги објавуваме рамнодушно. Тие ќе горат во нашите срца и ќе се распалат на нашите усни. Кога бил повикан да му служи на неукиот, недисциплиниран и бунтовен народ, Бог на Мојсеја му дал ветување: „Лично јас ќе појдам со тебе и ќе ти дадам одмор.“ Рекол и: „Јас ќе бидам со тебе“ (2. Мојсеева 33,14; 3,12). Ова ветување е за сите што работат наместо Христа за сиромасите и за измачените луѓе.

Љубовта кон човекот е земен израз на љубовта кон Бога. Царот на славата станал едно со нас за да ни ја всади оваа љубов, за да нè стори деца на едно семејство. Кога ќе се исполнат неговите проштални зборови: „Да се љубите еден со друг како јас што ве љубев вас“ (Јован 15,12), кога ќе го сакаме овој свет како што го сакал Тој, тогаш е остварена неговата мисија за нас. Приготвени сме за небото, зашто небото го имаме во своето срце.

„Спасувај ги оние кои се завлечени во смртта, задржи ги тие кои се на пат кон гибелта. Ако речеш: ‘Ама, видете, ние не знаевме за тоа!’, зар не видел Тој што и мислите ги знае? Зар не знае Тој што и душата ти ја чува? Тој на секого ќе му плати според делата!“ (Мудри изреки 24,11.12). Во големиот суден ден, оние што не работеле за Христа, што поминале низ животот мислејќи на себе, грижејќи се за себе, Судијата на сета земја ќе ги постави заедно со оние што прават зло. Над нив ќе се изрече иста осуда.

На секоја душа нешто ѝ е доверено. Големиот Пастир од секого ќе бара: „Каде ти е стадото што ти е доверено, твоите славни овци?“ И, „што ќе кажеш кога ќе се сретнеш со него?“ (Еремија 13,20.21).

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest