„На еден од овие мои најмили браќа“ (прв дел)

„Кога ќе дојде Синот човечки во својата слава, во придружба на сите ангели, ќе седне на престолот на својата слава. Тогаш пред него ќе се соберат сите народи, а Тој ќе ги оддели едни од други.“ Вака Христос на Маслинската гора им ја опишал на своите ученици сцената на големиот суден ден. Истакнал дека одлуката на овој суд ќе се донесе врз основа на една по дробност. Кога народите ќе се соберат пред него, ќе постојат само две групи луѓе, а нивната вечна судбина ќе биде одредена со она што го сториле или што занемариле да го сторат за него во личноста на сиромашните и настраданите.

Тој ден Христос нема да им го прикаже на луѓето големото дело што Тој го извршил за нив давајќи го својот живот за нивниот откуп. Ќе го прикаже делото што тие верно го извршиле за него. На оние што ги поставил себеси од десна страна ќе им каже: „Дојдете, благословени од мојот Отец, наследете го царството кое ви е подготвено уште од создавањето на светот! Зашто огладнев и ми дадовте да јадам; ожеднев и ме напоивте; бев туѓинец и ме примивте; бев гол и ме облековте; бев болен и ме посетивте; бев во зандана и дојдовте кај мене.“ Меѓутоа, оние што ги пофалува Исус не знаат дека му служеле нему. На нивните прашања полни со чудење Тој одговара вака: „Вистина ви велам, доколку му направивте така на еден од овие мои најмали браќа, мене ми направивте.“

Исус им рекол на своите ученици дека нив ќе ги замразат сите луѓе, дека ќе бидат прогонети и мачени. Мнозина ќе бидат истерани од своите домови и препуштени на сиромаштво. Мнозина ќе бидат ујадени со болест и скудност. Мнозина ќе бидат фрлени во затвор. На сите што ги напуштаат пријателите или својот дом заради него, Тој им ветил сто кратно повеќе во овој живот. Сега им ветил посебен благослов на сите што ќе им служат на своите браќа. Во сите што страдаат заради моето име, вели Исус, треба да ме препознаете мене. Како што би ми послужиле мене, така треба да им послужите ним. Тоа е доказ дека сте мои ученици.

Сите што се родени во небесното семејство, во посебна смисла му се браќа на нашиот Господ. Христовата љубов ги поврзува во заедница членовите на неговото семејство и секаде каде што ќе се покаже таа, се открива божественото сродство. „Секој кој љуби од Бога е роден и го познава Бога“ (1. Јованово 4,7).

Оние што ги пофалува Христос на судот можеби малку ја познавале теологијата, но ги негувале неговите начела. Под влијание на божествениот Дух тие биле благослов за луѓето околу себе. Дури и меѓу незнабошците има такви кои негувале дух на љубезност; пред зборовите на животот да допрат до нив, пријателски ги примиле мисионерите и им служеле дури и по цена на својот живот. Меѓу незнабошците има такви кои не знаејќи го обожаваат Бога, такви до кои светлината никогаш не допрела преку човечки орудија. Тие нема да пропаднат. Иако не го познаваат Божјиот пишан закон, го чуле неговиот глас како им зборува во природата и постапувале според законот. Нивните дела потврдуваат дека Светиот Дух ги трогнал нивните срца и Бог ги препознал како свои деца.

Колку ќе се изненадат и радуваат најмалечките меѓу народите и меѓу незнабошците кога од усните на Спасителот ќе чујат: „Доколку му направивте така на еден од овие мои најмали браќа, мене ми направивте.“ Колку радосно ќе е срцето на бесконечната Љубов кога неговите следбеници ќе бидат изненадени од неговата пофалба и кога со радост ќе го подигнат погледот.

Меѓутоа, Христовата љубов не опфаќа само некоја одредена група луѓе. Тој се идентификува со секое дете на човечкото семејство. За да можеме да станеме членови на небесното семејство, Тој станал член на земното семејство. Тој е Син човечки и затоа брат на секој Адамов син и ќерка. Неговите следбеници не треба да се исклучат од светот што пропаѓа околу нив. Тие се дел на големиот мозаик на човечкиот род и Небото нив ги смета како браќа на грешниците, а исто така и како свети луѓе. Христовата љубов ги привлекува кон себе паднатите, заблудените и грешните и секое дело на љубезност сторено да се подигне некоја потклекната душа, секое дело на милосрдие, се прифаќа како да му е сторено нему. (продолжува)

Голгота (втор дел)
Голгота (прв дел)
Во судницата на Пилата (деветти дел)
Во судницата на Пилата (осми дел)
Во судницата на Пилата (седми дел)
Во судницата на Пилата (шести дел)
Во судницата на Пилата (петти дел)
Во судницата на Пилата (четврти дел)
Во судницата на Пилата (трет дел)
Во судницата на Пилата (втор дел)

Pin It on Pinterest